Posts tagged ???????????

Награда за Дона Колар Панов

Драги читатели на блогот Комуникации, чест ни е и овде да ја пренесеме убавата вест дека професорката по комуникации и светски признат стручњак во оваа област, Дона Колар Панов, на 15 март во Опатија доби награда, „PRO PR Awards.“. Наградата е доделена за особен придонес на полето на комуникациските науки и односите со јавност. 

Оваа награда ѝ беше врачена во Скопје во четвртокот, 28 март, пред редица нејзини студенти, колеги, соработници и пријатели. Во образложението на наградата се вели:

„Со својата визија и амбиции Дона Колар  Панов припаѓа во ретките професионалци кои успеаа да ја поврзат теоријата со практиката на односите со јавност во почетоците на создавање на оваа професија во Македонија. Благодарејќи на нејзиниот посветен и огромен труд, нејзиното богато знаење го пренесе на своите бројни студенти. Со континуирано следење на трендовите и нивната примена во пракса, придонесе односите за јавност Македонија да не заостануваат зад светското образование“.

Професорката Дона Колар Панов во својот говор, во кој ја искажа благодарноста за ова признание и подршката од своите колеги и пријатели, го нагласи она што секогаш им го кажува на своите студенти: целиот нејзин труд и научен ангажман им е посветен ним, па така великодушно и во оваа пригода го потврди тоа и им ја посвети оваа награда токму на нив, студентите и сите оние кои имале можност да црпат од нејзиното богато знаење.

20130328_175831

Почетоците и текот на развој на блогот Комуникации се нераскинливо поврзани со професорката Дона. Уште во текот на постидпломските студии негде во средината на минатата деценија, кога новите медиуми беа речиси во зародиш во светски рамки, а кај нас нешто далечно и неистражено, таа постојано ја охрабруваше малата група која стои зад блогот и мрежата околу него, „притискаше“, охрабруваше, споделуваше книги, академски нé „провоцираше“ да копаме и чепкаме, и постојано не мотивираше да работиме и да вложиме дел од себеси во оваа област за да го споделиме со сите оние кои се заинтересирани за овие теми. Секогаш кога се навраќавме на приказната за почетоците ја повторувавме сентенцата дека таа е „бабица на блогот“ 🙂

Затоа, драга професорке Дона ти благодариме за сé, се радуваме на твоите успеси, се надеваме дека и ти ќе имаш бројни пригоди во кои ќе можеш да се израдуваш и на успесите на своите студенти.

Сеад и Дарко