Неќни, барајќи една статија од „Шпиц“ на „Time.mk“ во која бев инволвиран како соговорник на тема „новинарска автоцензура“, налетав на следниот пост: „Во срцето на книгата – Александар Хемон од сега и во Окно“. Ништо специјално со него (се работи за пофалба на превод на македонски на колумна на Александар Хемон) , „едини“ момент беше што бев спомнат во него. Респективниот блогер овде наведува како „од колумните на Џигал (тоа сум јас :), Фемгерила, Вуна и останатите во последно време почна да ми се превртуваат цревата. Ептен сте досадни брате…ептен. Како и ќе напишете нешто интересно кога од пред компјутер не може да ви се случи нешто интересно“.
Најискрено не сум воопшто битен како персона, дури се израдував на критиката во делот на досадноста на колумните (тоа обвинувањата за тоа дека, на купче со Фемгерила и Вуна, сме биле социопати, стварно е „педерски“ (shame on you mister blogger), но е тотално ирелевантна, мислам ако мајка ти каже дека си социопат што те гледа секој ден, малку ќе се замислиш, но кога некој кој никогаш во живот не те видел ќе ти каже дека си социопат, тогаш тоа нема никаква вредност, нула). Критиката е кул во смисла што ми потврди дека сѐ е во ред со менe, оти за да им се допаѓаш на сите, треба нешто сериозно да не е во ред со тебе и да страдаш во најмала рака од „multiple personality disorder“, па ете исклучиво од принципиелна гледна точка, се решив да напишам некој ред.
Имено, станува збор за еден вид „медиумска неписменост“, која може често да се најде дури и кај оние кои претендираат на високо-образовно-уметничко-книжевни и whatever слоеви во ова општество. Значи ништо лично, само еден поглед како и во времето на интернетот се пробиваат игнорантноста и спомнатата медиумска неписменост.
1. Го знам чувството „превртување на црева од читање“.
Oh yes sir, I know it…Од Михајло Лалиќ, преку Ќопиќ, Николетина Бурсач и другите ѕвезди на соцреалистичката литература која морав да ја читам во своите најбубуљичасти тинејџерски денови. But wait, овде се работи за лектири кои „морав да ги читам“, оти ако не читав, следеше една долга и болна каузална низа на казнено-поправни мери (кец или двојче > grounding > јок-џепарац > нема летување, и.т.д, и.т.н..). Денес на интернет, брату, никој не те тера или гони да читаш ништо со сила. Сам си кликаш, сам си бараш, читаш што сакаш, сам си го менаџираш своето читателско искуство и пракса, нема казни, нема некаква повратна одговорност, па на крај од твојот сурферски ден демек одиш нешто полагаш тест и одговараш на прашања? Нема ништо такво. Да одиш на интернет и да читаш нешто, па да ти се „превртуваат цревата“ треба да си кибер-мазохист, што бара работи кои те мачат или тормозат. Кој те тера да читаш нешто, ако сакаш читај, ако не сакаш не читај, whatever.
2. Internet is all free dude
Покрај фактот дека секој си е сам ковач на својата сурферска судбина, втор многу важен момент е дека на интернет речиси сѐ (фала Гугл) ти е бесплатно (вклучително моите колумни). Значи, во ред е јавна критика од типот „овој автор во списанието Теа модерна што го купив е тотално тапа…ми е жал што дадов пари за овој број, дрн-дрн…“. Ова секако не е случај со интернет културата денес, бираш што сакаш и бонус момент, за тоа ништо не плаќаш. Да седнеш и да анализираш или критикуваш интернет достапни содржини дека се досадни, е како да влезеш во топ супермаркет во кој има сѐ што можеш да си замислиш и во кој сѐ е бесплатно, и наместо да си „грабаш“ тоа што сакаш, ти седнуваш пред купче работи што не ги сакаш лично и нешто дрвиш, ја овака-ја онака. Тотално ирационално.
3. Ретроинтелектуална антиинтелектуална позиција на критика:
Има една културолошка одлика на нашата цивилизација, а тоа е со стари поими или концепти да опишуваш нови. На пример, денес ќе кажеш „сврти ми на мобилен“, по аналогија на старите телефони со кружно бирање (ми се будат тука фрустрациите од пријателите со повеќе нули во домашните броеви), иако мобилен со кружно бирање „немит“. Така и во културата е широко распространет моделот со стари концепти да се споредуват или опишуваат тековните појави или феномени. Во овој гореспомнат случај се работи за ретроинтелектуална позиција на критика (надредување на вредноста на книжевноста на интернет во однос на други содржини), комбинирана со еден вид рамбо-амадеусовски анти-интелектуализам (који гони све по списку у три лепе, и сл., доста присутен во домашната блогосфера, но кој е далеку од нешто автентично). Содржините на интернет со својата разновидност и разноликост не подлежат на униформен критички метод, за секој тип интернет содржина треба да се бара посебен проверен и издржан метод за критика. Овде имаш книжевно-уметнички код и дискурс применет од книжевно-уметнички на општествено-културлошки тип. Покрај несоодветноста на споредбата има и дополнителен момент, глобално утврдени и признаени содржини ги споредуваш со локално кодирани интернет содржини кои не претендираат на вреднување и сместување во таков контекст.
Поедноставено кажано, тоа би било како некое чиченце од Градски да седи да изгледа цел натпревар Работнички-Шкендија и после мечот да ораторствува на следен начин: „Тапа е ова фудбалот, досадно, досадно, … ја ова следам НБА лига, тоа таму дечките растураат“. Значи непотребна двојна деконтекстуализација, „меша спорт“, и „меша локално и интернационално“.
4. Интернет компетитивноста и опинионмејкерството
Сума сумарум, се работи за еден вид реакција која произлегува од универзалната човечка особеност да се споредува со другите, да се обидува да биде подобар од нив, да се наметне во општеството како креатор на јавно мислење. Ова е можеби најважниот момент во вакви случаи. Како и во општествено-политичката матрица, човекот е дотолку подобар доколку неговиот конкурент е полош, па сосема е „логично“ опонентот да го плукаш. Но, проблемот овде е што и тој модел на интернет е неприменлив. Не може да се наметне опинионмејкерство преку таков децентрализиран систем каков што е интернетот. Во таква понуда на содржини, само самите сурфери во еден вид индивидуално кумулативно искуство можат постапно и индуктивно сами да си ги создадат своите опинионмејкери.