12-та епизода од Комуникации.нет подкастот и 3-та што оди во живо. Во оваа епизода заедно со Дарко зборувавме за креирањето на нашето дигитално тело односно интернет присуство и неговото влијание при можноста за зароботка било директна или индиректна. Секако мал дел од оваа епизода посветивме и на настаните со протестот против полициската бруталност. За тоа креиравме инфографик кој покажува како твитер беше искористен во овој случај за организација и проширување на пораката.
Во текот на овогодинешната конференција Glocal 2.0 мојата мањкавост имаше презентација на тема „Blogging Between Verbal Democracy and Media Revolution“(Блогирањето помеѓу вербална демократија и револуција во медиумите). Презентацијата следи подолу, но за жал прилично е неупотреблива за прелистување на Slideshare заради многу хиперлинкови и слики без текст кои беа толкувани во текот на самата презентација.
Главната тема на излагањето беше колку е блогот погоден за активизам и како влијае на социјалните процеси надвор од самата блогосфера. Магазинот „Форум“ и Катерина Нешкова се осврна(а) на самата конференција и на темата на мојата презентација (стр 19-21).
Идеите на презентацијата најдобро беа илустрирани со прикажување на неколку клипчиња, меѓу кои и овој од „Животот на Брајан“ на Пајтоновци, кој ја загатнува темата каде е границата на вербалното и активистичкото:
Идејата која провејува низ текстот не е дека блогерите само јадат буреци и переци, туку дека блогот е прилично мамлив кон пасивност и оној т.н. „активизам од фотелја“ (Armchair Activism). За да се поткрепат блогерските идеи и постови, потребен е навистина посебен тип напор и оттргнување од топлинките на блогот и внурнување во физичката реалност со (најмалку) подеднаков ентузијазам со кој тоа го правиме при пишување.