Posts tagged blogopen

Има ли решенија за кризата на медиумите?

Минатата недела имав пригодна можност да се сретнам и поразговарам со некои од членовите и новинари на АКТИВ. Се работи за мошне интересен проект и веб платформа која има цел да поттикне оформување на дигитална заедница на активисти, да охрабри и овозможи здрава дебата во општеството, размена на информации и мислења и да понуди решенија за актуелните проблеми преку квалитетен и стручен увид во нив. Секој, како што самите членови наведуваат: „ненасилен и инклузивен граѓански активизам, базиран на граѓанските потреби и права“, навистина треба да биде подржан и охрабрен.

Во разговорот со Тамара Чаусидис, еден од најреспектираните медиумски работници во својата фела, се навративме на состојбите во македонските медиуми, проблемите, предизвиците, можните решенија, неизбежната политика, медиумската култура и неколку блиски и поврзани теми.

Генерално земено, се обидов да ги нагласам нездравите услови во кои функционираат нашите медиуми, а тоа се полудивиот пазар на медиуми, селективната примена на законите, политичкиот интервенционизам, финансиската неодржливост на повеќето медиуми кои нужно резултираат во медиумски клиентелизам, непочитување на професионалните и етичките стандарди, низок квалитет на медиумскиот производ и, секако, сериозно губење на довербата во медиумите. Во комбинација со промените кои ги наметнува новата дигитална реалност која ги изместува старите работни навики и бизнис модели, може да се каже дека кризата на домашните медиуми е толку сериозна што може да се постави прашањето дали тие воопшто ја исполнуваат својата улога во едно општество кое сака да биде демократско?

 Имаме борба на спротивставени општествени чинители во којашто граѓанинот и неговите интереси се целосно изгубени. Тоа е примарниот негативен ефект. Второ, имаме незастапеност на различни групи од интерес. Ако партиите ја преземаат улогата да претставуваат цели етникуми (на ангро), тогаш сите други видови колективи, здружувања и граѓански групи остануваат целосно отфрлени и не можат да дојдат до израз и глас… Граѓаните остануваат маргинализирани во општеството, исфрлени од демократскиот процес, нивниот глас не може да се чуе, ако излезат на протести ќе бидат етикетирани дека се од некоја партија или етикетирана група. Ним практично им се негира правото да излезат и да искажат став по некое прашање кое ги засега.

Ако медиумите се крајно политички поларизирани, јавниот сервис не функционира врз принципите на јавниот интерес, пропагандата царува, новинарските стандарди никој не ги почитува (дури на основа на елементарна лектура на текстови, да не зборуваме за повисоките нивоа на проверка на факти, извори и слично), тогаш клучното прашање е како тогаш граѓаните можат да ја преземат и исполнат својата демократска  улога, т.е да ги одберат своите претставници во институциите, да ги повикаат на одговорност, и конечно, како тие компетентно да влијаат врз општествените процеси кои најмногу ги засегаат?

Сето тоа е доведено под голем знак прашалник кога во врзаниот синџир на процеси и фактори, медиумите се поттиснати на ниво на прости еднонасочни канали за проп-агитирање, наспроти тоа да бидат субјекти кои ќе внесуваат некоја општополезна разумност, и ќе го сопрат суровото пропагирање на интересите и тесните гледишта на мали групи луѓе заседнати во политичките и економските фотелји на моќта.

 Зборуваме за корелација на див пазарен систем со непостоење на здрав, јавен информативен сервис. Тие два столба не функционираат што води кон речиси целосно нарушување на јавниот комуникациски систем. Значи ние немаме систем на информирање кој би бил здрав во смисла на балансирано и неутрално информирање на граѓаните.

Дискутираните решенија се едноставни во теорија, многу сложени и болни во пракса: целосна примена на позитивните закони и уредби, целосно повлекување на политичкото менаџирање и притисоците, овозможување на слободна пазарна конкуренција која ќе поттикнува квалитет vis-а-vis интересите на граѓаните, а не клиентелизам кон партиите, и така натаму.

 …Повеќе пати се уверувме како медиумите со своето небалансирано, стихијно и непрофесионално известување создаваат атмосфера на нетрпеливост, попуштање на моралните и цивилизациски стеги кај поединците и ги охрабруваат вербалното насилство да го преточат во реално насилство. Медиумите се многу важни ако не и клучни во тензични ситуации во смисла да не се влошуваат состојбите, туку да поттикнат јавно мислење кое е толерантно и неагресивно…Во таа смисла е важно тоа професионално малцинство да расте затоа што тие се фактор на стабилизација и развој и важно е да ги охрабриме, а јавноста во нив да препознае модел кој треба да стане доминантен.

Со благодарност до АКТИВ за можноста да размениме гледишта на овие важни теми, се надевам дека умерениот оптимист ќе го надвладее реалистот за кој зборувавме во самиот текст.

Дали клучните зборови се знак за квалитет?

Веќе некое време наназад читам доста на тема оптимизација за пребарувачи. На страна техничкиот дел, кој и не ме интересира премногу, многу често наидувам на цели листи со совети за подобрување на содржината со цел подобро позиционирање кај пребарувачите.

И како расипана плоча во нив се повторува важноста на употребата на клучни зборови. Да се проверува редовно кои се актуелни, да се распоредат рамномерно низ текстот, да не ги имало премногу, да имало цели фрази и ред други совети. Секогаш кога читам вакви некои совети кои се насочени кон новинарски текстови низ глава ми се врти помислата: па добро бе за кого пишуваат новинарите?

Да, добро, знам дека на тој начин ќе стигнат до поголем број читатели, и дека тие зборови стануват актуелни благодарение на тоа што луѓето ги впишуваат во полето за пребарување, ама сепак малку достоинство и почит кон својата публика не е на одмет. Дали некој стигнал до податок дека читателот сака да му се повторуваат истите фрази 5 пати во текстот. Зар некаде во новинарските учебници вика дека треба текстот да биде напишан соодветно за да ги вклучи популарните клучни зборови за тој ден или таа недела?

Линијата е тенка, аргументи има и на една и на друга страна, ни јас не можам да се решам на која страна сум дефинитивно, но сепак кога станува збор за новинарски текстови, мислам дека тука квалитетот на содржината треба да е далеку пред сѐ останато. Мислам дека интернет новинарите треба да знаат како да го структурираат текстот да биде соодветен за читање на интернет (и да го направат побогат и ред други работи), а не да се концентрираат и да вежбаат употреба и повторување на клучни зборови.

Е сеа, зошто целиов мубает? Две локални причини, два примера кои можеби делуваат малку нелогично, ама јас си направив филм дека може да се протолкуваат и низ ова призма, односно, да се каже дека нашиве новинари почнале да пишуваат имајќи ги на ум политикиве за употреба на клучни зборови:

Пример 1: (Вест) Зе­ми ги па­ри­те, вра­ти ми го те­ле­фо­нот

Дани нашата славна пеачка ја ограбиле. И во сторијата имате еден куп клучни зборови кои на крај ја испуштаат логиката на приказната. Има Полиција, имате Facebook, има мобилен телефон и сл.

Зашеметени од крајно возбудливата приказна, полна со интересни моменти и клучни зборови, текстов (барем мене така ми се чини) останал да виси во воздух. Сакам и јас да ми го дознаат сите луѓе новиот број на мобилниот за само неколку саати. Сакам и јас да извадам картичка за еден ден 🙂 И сакам да знам на кое дрво чекала девојката.

Пример 2: (Вечер) Google, наскоро ке има превод и на македонски јазик.

Преку врски, исто како што станавме дел од PayPal сега ќе се внесе и нашиот јазик на Google Translate. Секако оваа информација се појави по еден подолг периодот кога на Интернет се направија разни инцијативи, петиции, групи и сл. со цел воведување на макдонскиот јазик во сервисите на Google. Клучни зборови има: Google, министер, јазик итн.

Но, во изјавата екс-министерот наведува:

…очекуваат до крајот на  септември годинава, македонскиот јазик да влезе  во речникот на Google…

што всушност не е ништо ново ниту вредно како информација зошто за да се случи ова треба да се понуди доволно паралелна содржина на македонски и на англиски јазик со која машините на Google ќе научат да преведуваат. Како што гледаш, центарот на веста е претпоставка која е искористена за да се фати актуелноста на клучниве зборови.