Posts tagged crisis

Неколку куси сентенци за стадиумот до кој стигнаа медиумите наши…

Фото: Алсат.мкИако ние од тимот кој работи на блог-мрежата  „Комуникации“ постојано сме во комуникација и интеракција со медиумите во Македонија, некако не се одваживме во последниот период  да дадеме некој поелабориран став или оценка за процесите кои се случуваат во домашните медиуми. Причините се бројни, но најважната беше да им се даде шанса на медиумите да го одработат своето, да го изодат развојниот пат, откако (во теорија) сé веќе беше кажано.

Елем, развојот на медиумите  е повеќе од бавен, интеграцијата на новите медиуми во информациско-комуникацискиот систем дава мешани резултати (бројни лоши, спорадични добри), а угледот и довербата во медиумите паѓаат континуирано, па рековме во неколку куси сентенци да дадеме наши проценки „шчо напраифме и шчо требит да праиме со медиумските вопроси“:

Традиционалните медиуми функционираат по инерција

  • Јавниот-комуникациски систем (т.е. медиумскиот систем) не функционира: јавниот сервис е со светлосни години далеку од својата вистинска функција, мнозинството од комерцијалните сервиси се политички подредени (во различни степени, сé до најсериозниот, целосна политичка инструментализација), а квалитетот на информациите е сé полош (се мисли на содржинско ниво, но често ова можете да го увидите и во лошиот стил, јазик,  „копи-пејст“ преводите и други грешки на елементарно рамниште).
  • Домашните медиуми сé уште функционираат по инерција и во склад со медиумските услови и фактори од крајот на минатиот век. Ова примарно подразбира две нивоа:
    • (1) Медиумите не се прилагодени на новата јавност и публика кои се развија во Македонија (како и сегде другде), која бара два типа услуги од медимите: (а) квалитетни брзи информации на повеќе канали, (б) квалитетни аналитички информации (вечер или ден потоа). Нема повеќе (класична) јавност, таа се трансфoрмира во своевидна (локална, лингвистички ориентирана) „комуникациска заедница“.  КОМУНИКАЦИСКАТА ЗАЕДНИЦА е тој нов социјален круг во чии рамки се одвива повеќенасочна и повеќемедиска комуникација.
    • (2) Циклусот на дистрибуирање на информациите е истиот со години (со ретки исклучоци на аналитички стории за печат и телевизија кои се подготвуваат повеќе денови): за печатените тој завршува горе-долу околу 16-17:00 часот, со што голем дел од информациите лесно стануваат бајати (среќа што Ратко Младиќ го уапсија четврток претпладне, да се случеше тоа попладне за него ќе читавме во весниците во сабота). Телевизиите работат во нешто порастегнат циклус, но и тој е динамичен во своја смисла и не дозволува поквалитетно обработени содржини). Овие елементарни рамки и дистрибутивен модел (како и редакциите кои го опслужуваат истиот тој модел) треба сериозно да се преиспитаат. Што има лошо во тоа печатеното издание да излегува првично наутро, со подобро собрани, средени и анализирани информации (да, да, за ова треба да се работи и попладне, навечер и сл.)?

На интернет забележлива е штурост и слаб квалитет на информациите

  • Веб-приказната е сé уште недораскажана, но бавноста на нејзиното развивање е прилично разочарувачка: кај печатените медиуми почна полека да се напушта моделот на интернетот како онлајн архива на печатеното издание, но штуроста на прес-вестите и слабиот квалитет на информациите  кои се пакуваат како „најнови вести“ не ги менува работите во квалитативна смисла. Пак е тоа некој про-форма чекор кој не му прави разлика на посетителот. Паниката од падот на продажбата на печатените копии се обидоа да ја ублажат со одложувања на веб-изданијата, па откако продажбата (нормално 🙂 не се промени или подобри, медиумите во трк почнаа порано да ги објавуваат за да не го изгубат и своето влијание. Интернетот треба да биде место за брзо, но и квалитетно информирање: со некакви трошки од информации работите не се менуваат. Електронските медиуми поопсежно го користат интернетот, главно за пласирање на видео содржините од своите прилози и интеракција со гледачите преку коментарите. Онлајн содржините често доцнат или пак користат недоволно квалитетни „плеери“ што искуството на следење преку интернет го прави доста макотрпно (лично, на пример, чекав емисија во која имав дадено изјава некои 10-тина дена, но актуелноста и на емисијата и на темата прилично се загуби по толку поминато време).
  • Новинарското јас е прилично избледнето. Она што е доминантен модел  во написите и прилозите е новинарот да воведе некоја тема и потоа целосно содржината на текстот да им ја препушти на изјавите на инволвираните и едисикојси експерти и други повикани. Едно лошо е пристрасен нафуран новинар, но неговот целосно отсуство од текстовите е спротивна крајност која е подеднакво негативна. Обично се става наслов пригоден и угоден на уредувачката политика и толку. Имаме медиуми без новинари, за жал (да повторам, исклучоци има, ПРОБЛЕМОТ е што тие се малцинство).

Што може да се очекува

  • „Сите за сé синдромот“на домашните медиуми уште опстојува. Медиумите во Македонија ќе мора да ја научат лекцијата дека не може еден медиум да известува за сé, од висока политика, до трач вести (ова важи за печатените, електронските некако ги поделија тие содржини). Одењето премногу во широчина нужно резултира во обемни површни содржини кои немаат вредност. Весниците најногу загубија од својата информациска вредност, како од побрзата телевизија, така и од супер-брзиот интернет. Нивното место во новиот медиумски систем е пред сé аналитичко и длабинско известување за актуелностите и најважните прашања во општеството, внесување на некаква трезвеност, по тресковидниот бран на електронските медиуми. Во теоријата на медиумите се наведува дека во за неколку години на пазарот ќе има место само за два типа дневни весници: таблоиди и аналитички ориентирани печатени медиуми.

Зошто медиумска етика?

Сценарио прво:

Вработени во јавна институција се малтретирани од страна на својот претпоставен (т.е. се жртви на мобинг). Тие го информираат ресорниот Министерот. Тој не реагира. Малтретираните се обраќаат до медиумите. Овие ја објавуваат нивната потресна сторија.

Сценарио второ:

Вработени во јавна институција влегуваат во конфликт со својот претпоставен. Не можејќи да го  истераат своето, решаваат да потпишат петиција дека се „малтретирани“ и „омаловажувани“ за да наштетат на кариерата на претпоставениот и да му се осветат.  Праќаат поплака до ресорниот министер и повикуваат новинари за да го го наклеветат.

Во реалноста на македонските медиуми за овие две хипотетични, а можни, ситуации од секојдневието, ќе добиете идентични извештаи и стории, нешто како оваа: „Државен секретар ги малтретирал вработените“.

Во писмото до министерот високи структури од екологија твдат дека државниот секретар Н.Н. ја злоупотребувала функцијата – со закани, пцости, примена на навредливи зборови, висок тон на комуникација – како државен секретар ја оценувала и нивната работа, применувала казни за бркање од работа, промена на работното место – кои поради неаргументираност подоцна биле отфрлани од Агенцијата за државни службеници.

Значи, без разлика на двете можни ситуации, примарност ќе добие „скандализирачката“ верзија по која „висок функционер прави нешто скандалозно, непримерно, нечовечно…“.

Овде секако се работи за една комплицирана ситуација во која медиумите ја газат презумпцијата на невиност на лицата кои се дел од нивните стории, она за што често ги обвинуваат политичките чинители и истражните органи.

Во прилог на тоа, името на осомничената не само што не се прикрива, тука од одредена фотографија, на сите им е заштитен идентитетот, освен на ова лице. Последица на ова секако е т.н. „жигосување“ во јавноста.

Се разбира, никој од нас не е наивен, па да не насети дека е далеку поверојатно дека   оние кои обвинуваат за мобинг веројатно се и жртви, отколку дека се работи за „режирана клевета“. Она што зачудува е континуираниот недостаток на свест за фер однос кон сите инволвирани страни во медиумските стории. Додека не се истражи случајот, и додека соодветната комисија или тело кое треба да го испита целосно, идентитетот на лицето мора да биде заштитено, наведено во иницијали, а сите обвинувања наведени како „наводни“ или според „тој и тој“. Во многу други средини и по авршување на истрагите имињата не се објавуваат, за да тоа лице не биде стигматизирано во текот на целиот живот, но за нас таа фаза е далеку од реалноста. Иако многу  едноставно, за жал уште е недосегливо за нашите медиуми. Сликата од погоре навистина е показ за тоа како медиумите уживаат во моќта да бидат средства за јавен отстрел.

Во пошироки рамки, последиците се следни: довербата во медиумите опаѓа, а тие конечно завршуваат како овчарчето во приказната „Волк волк!“, на кого никој не му верува дури и кога има легитимна сторија дека волкот навистина нападнал.