Posts tagged cyberphobia

Киберфобија

Еве се токмам неколку денови, ама никако да се здиплам пред компјутер да напишам два-три збора, да ми олесни, за темиве што интензивно се циркулираат во јавноста.

Во утрински прилог на А1, „Раноден“ (02.12.2008) беше повторно загатната темата на компјутерите и децата, т.е. во поширока смисла темата, технологијата и децата. Прилогот, како и сите други од домашно происходство, е направен во „готски“ стил и ги истакнува „темните страни“ на компјутерите, видео игрите, интернетот и слично. Новинарката (истата таа што го „урна“ Автопазар) поентираше со тоа дека „во играчниците растат новите сајбер зверови“ („з“-то во „ѕверови“ е на новинарката, з.а.). Прилогот всушност беше повеќе за промоција на едно печатено издание на НВО-то „Анима“ за едукација на децата, ама ај 🙂

Не линкувам ниту еден текст на оваа тема, затоа што се работи за општа појава и со неколку гуглирања можете да најдете еден куп на исти текстови. Компјутериии, ууууууу, видео игри, ууууууууу, интернет, ууууу…Аман веќе, па зарем со ваква киберфобија се станува земја на информатичари, земја на модерни Европјани, земја која образува современи граѓани подготвени за 21-от век, и сѐ што ни носи тој? Новинарите, едноставно, рутински го пречекоруваат своето чергиче, и играјќи на стереотипи, груби генерализации и митологизации во ново руво, шират една непотребна и штетна фобија.

И бурекот е опасен, па не гледам нешто да се кршат новинарите од правење прилози за штетноста на омрсените тестенини, Напротив, сите се гордееме со бурекот и симитот, ахммм.

Се разбира секоја технологија носи свои опасности и предизвици. Тоа е дел од неа, секогаш кога влегуваш во автомобил, се соочуваш со ризик да си ја искршиш главата или некој да ти ја искрши, но зарем решението е за тоа ширење фобија преку прилози за тоа како „автомобилите се опасни и како се штетни за нашето здравје“. О не, наместо тоа имаш супер-кул реклами за новиот модел на незнам си кој екстра-авто бренд. Одговорно тврдам дека автомобилите се поопасни од компјутерите, знам дека никој нема да ми поверува, ама ќе си тврдам и ќе чекам признание.

Наместо киберфобија, ни треба едукација, медиумска едукација дет из (со други зборови треба да се читаат вакви извештаи, ама кој да ги чита, многу полесно е да се гледа „Мрежа“ со Сандра Булок). Целосна реформа на образовните програми во сфера на практични знаења за самите нови технологии и компјутерската етика. Додека во програмите за основците или барем средно-школците, не се најдат предмети, или барем наставни теми, од областа на компјутерска или медиумска етика, сметајте на тоа дека сме општество со застарено образование. Да се запознаат децата со употребите и опасностите на компјутерите, медиумите, новите технологии, медиумите, и слично, тоа е лекот од опасностите, не некакви „ловови на вештерки“ овде митолошки субституирани со компјутери.

Тоа е системското решение, кое мора да постои, и е минимум кое едно цивилизирано општество мора да ви го понуди како родител, сето друго е во сферата на индивидуални одговорности.

Извинете ама ако вашето дете поминува 5 или 6 часа пред компјутер дневно за тоа не е виновен компјутерот, туку вие.