Posts tagged elections 2009

Двоговор

Се ближи почеток на кампањите околу претстоечките избори, па во медиумите може да се види вистинска „шведска маса“ од реторички техники и комуникациски манипулации со кои актерите и потенцијалните носители на општествени функции се обидуваат да го наведат „светот на својата воденица“. Престижот на комуникациско ниво, потоа лесно се пренесува на системски регулирано ниво (гласови, анкети, присуство на митинзи, петиции, и сл), кои формално ја (ре)дистрибуираат моќта во општеството.

Манипулациите се од прилично повторлив и шематски тип, како што техниките со кои мајките ги „залажуваат“ своите деца не се менуваат со генерации, па оттаму зачудува како истите техники поминуваат така лесно во јавноста. А тие што ги користат, ќе ги користат се додека се успешни. Па така, иако привидно разновидни во своите конкретни форми, сепак самите методи се со тенденција за униформирање на содржинско рамниште, од едноставна причина што најчесто мораат да се „штанцаат увелико“. 

Повеќето од овие техники можат да се сведат под една група техники, условно наречена „двоговор“. Новинарите и самите актери во критичките осврти користат термини како „шпекулација“ (=измислица), „дезинформација“, „дефокусирање“, или пак и подиректното „лага“. Мислам дека терминот „двоговор“ е семантички попрецизен за некои техники, ако самиот двоговор (doublespeak) се разбере како „комуникациско средство со кое сака да се скрие вистинското значење на зборовите“ или да се направи своевиден „комуникациски бајпас“ (да се разбере поинаку од самите зборови, така како што посакува говорителот, т.е. еден вид политички програмирана метафора). nb: терминот „двоговор“ не е на Орвел, види линк на Википедија за ова.

Но, бидејќи се работи за практични проблеми, еве неколку примери.

Антонимичен двоговор: Претседателот на Венецуела Хуго Чавез при објавување на резултатите од референдумот и тоа дека сега претседателот на оваа држава може да добие неограничен број мандати изјавува: „Ова е победа за целиот народ“. Напротив, во суштина, се работи, многу очигледно, за победа на еден човек (сега може да владее неограничено и во изборен систем), кој самиот тој директен и многу едноставен факт го маскира со „симболичкото споделување на својата победа“ со тоа што изјавува дека е тоа победа за сите.

Еуфемистички двоговор: Во интервју за една од локалните телевизии актуелниот премиер за дебатата околу поставувањето на 17 споменици во оптина Центар, Скопје, вели: „Опозицијата во земјава обвинува за антиквизација со поставувањето на споменици во општина Центар, а само еден, оној на Александар Македонски, од вкупно седумнаесет споменици се од периодот на Антиката, останатите кои се подготвуваат се на Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум“. Еуфемизацијата е во делот што самата скулптура доминантна по своите димензии (+30 метри), консеквентните трошоци за таков грандиозен споменик и политичките последици (поплаки на Грција пред ООН) се претставува како „една седумнаесеттинка од планираните склуптури“.

Интерпретативен двоговор: Една од најчестите манипулации е кога субјективна интерпетација на реалноста и фактите се пласира како „објективна и неизбежна“ интерпетација, своевидна нормативизација за интерпетирање а реалноста. На пример изјавите на политичарите, свештените лица, и други носители се такви да вршат еден вид монополизација на разбирањето на светот. На пример во оваа изјава актуелниот претседател го прави токму тоа „Можно е да дојде до некоја нова средба со преговарачите. Но имајќи го предвид општиот амбиент, се сомневам дека е можно да дојде до интензивирање на преговорите“, изјави претседателот Црвенковски.