Posts tagged Glocal 2.0

Културен живот за блоговите

Бидејќи сум директно засегнат од информацијата што следи, веднаш да се „заградам“, постов не е за самопромоција, туку за показ како блоговите и нивното место во општествово зајакнуваат, се шири и се дебатира нивното значење (а башка и Дарко ми кажа, напиши нешто пошто те има 🙂 Имено, последниот тримесечник, т.е. летен број на „Културен живот“ оди со главна тема „Комуникациите и новите медиуми. Моќта на блоговите“:

Списанието за култура, уметност и за општествени прашања „Културен живот“ му го посвети своето последно издание на блогерството. Под заглавјето „Комуникациите и новите медиуми. Моќта на блоговите“, се објавени текстови на комуникологот Сеад Џигал, Сузана Милевска пишува за блогосферата како стражар на визуелната култура, археологот Василка Димитровска објавила текст за блог-археологијата и за нејзината веродостојност, Јана Ивановска (NYCS) истражувала на тема како блоговите влијаат на јавното мнение.

Текстовите се претежно од настапите на авторите на Glocal 2.0 и топло ги препорачувам за читање. Да не испаднам шкрт еден дел од мојот текст:

Владеачката либерална идеологија, чии столбови се демократијата и пазарната економија, не штеди зборови да ги фали, препорача, континуирано развива и силно да инвестира во новите технологии. Степенот на нивна усвоеност е мера за развој на одредено општество, а примарни развојни проекти се токму оние кои новите комуникациски технологии треба да ги применат не само во производството и деловниот свет, туку и во образованието. Дигиталната писменост на глобално ниво станува образовен приоритет, кој секако по определено време ќе стане приоритет и во Македонија. Како и да се земе, промотивните содржини и начините како се препорачува усвојувањето и примената на новите технологии, со ниту еден збор ниту знак нема да ве предуреди за можните несакани ефекти кои усвојувањето и примената можат да ги имаат. Да речеме кога ќе се решите или ќе ви биде препишан соодветен лек, во упатството секогаш стандардно мора да бидат наведени можните компликации, несакани ефекти и слично. Тоа засега воопшто не доаѓа предвид да биде приложено или наведено кога да речеме купувате лап топ или нов I-Pod. Едноставно ние сè уште се наоѓаме во идеалистичката фаза на новите технологии каде е непојмливо јавните тајни (дека има комликации при одредени ситуации и употреби) да бидат ставени транспарентно едни до други со самите технолошки уреди и услуги.