Posts tagged ????????

Има ли решенија за кризата на медиумите?

Минатата недела имав пригодна можност да се сретнам и поразговарам со некои од членовите и новинари на АКТИВ. Се работи за мошне интересен проект и веб платформа која има цел да поттикне оформување на дигитална заедница на активисти, да охрабри и овозможи здрава дебата во општеството, размена на информации и мислења и да понуди решенија за актуелните проблеми преку квалитетен и стручен увид во нив. Секој, како што самите членови наведуваат: „ненасилен и инклузивен граѓански активизам, базиран на граѓанските потреби и права“, навистина треба да биде подржан и охрабрен.

Во разговорот со Тамара Чаусидис, еден од најреспектираните медиумски работници во својата фела, се навративме на состојбите во македонските медиуми, проблемите, предизвиците, можните решенија, неизбежната политика, медиумската култура и неколку блиски и поврзани теми.

Генерално земено, се обидов да ги нагласам нездравите услови во кои функционираат нашите медиуми, а тоа се полудивиот пазар на медиуми, селективната примена на законите, политичкиот интервенционизам, финансиската неодржливост на повеќето медиуми кои нужно резултираат во медиумски клиентелизам, непочитување на професионалните и етичките стандарди, низок квалитет на медиумскиот производ и, секако, сериозно губење на довербата во медиумите. Во комбинација со промените кои ги наметнува новата дигитална реалност која ги изместува старите работни навики и бизнис модели, може да се каже дека кризата на домашните медиуми е толку сериозна што може да се постави прашањето дали тие воопшто ја исполнуваат својата улога во едно општество кое сака да биде демократско?

 Имаме борба на спротивставени општествени чинители во којашто граѓанинот и неговите интереси се целосно изгубени. Тоа е примарниот негативен ефект. Второ, имаме незастапеност на различни групи од интерес. Ако партиите ја преземаат улогата да претставуваат цели етникуми (на ангро), тогаш сите други видови колективи, здружувања и граѓански групи остануваат целосно отфрлени и не можат да дојдат до израз и глас… Граѓаните остануваат маргинализирани во општеството, исфрлени од демократскиот процес, нивниот глас не може да се чуе, ако излезат на протести ќе бидат етикетирани дека се од некоја партија или етикетирана група. Ним практично им се негира правото да излезат и да искажат став по некое прашање кое ги засега.

Ако медиумите се крајно политички поларизирани, јавниот сервис не функционира врз принципите на јавниот интерес, пропагандата царува, новинарските стандарди никој не ги почитува (дури на основа на елементарна лектура на текстови, да не зборуваме за повисоките нивоа на проверка на факти, извори и слично), тогаш клучното прашање е како тогаш граѓаните можат да ја преземат и исполнат својата демократска  улога, т.е да ги одберат своите претставници во институциите, да ги повикаат на одговорност, и конечно, како тие компетентно да влијаат врз општествените процеси кои најмногу ги засегаат?

Сето тоа е доведено под голем знак прашалник кога во врзаниот синџир на процеси и фактори, медиумите се поттиснати на ниво на прости еднонасочни канали за проп-агитирање, наспроти тоа да бидат субјекти кои ќе внесуваат некоја општополезна разумност, и ќе го сопрат суровото пропагирање на интересите и тесните гледишта на мали групи луѓе заседнати во политичките и економските фотелји на моќта.

 Зборуваме за корелација на див пазарен систем со непостоење на здрав, јавен информативен сервис. Тие два столба не функционираат што води кон речиси целосно нарушување на јавниот комуникациски систем. Значи ние немаме систем на информирање кој би бил здрав во смисла на балансирано и неутрално информирање на граѓаните.

Дискутираните решенија се едноставни во теорија, многу сложени и болни во пракса: целосна примена на позитивните закони и уредби, целосно повлекување на политичкото менаџирање и притисоците, овозможување на слободна пазарна конкуренција која ќе поттикнува квалитет vis-а-vis интересите на граѓаните, а не клиентелизам кон партиите, и така натаму.

 …Повеќе пати се уверувме како медиумите со своето небалансирано, стихијно и непрофесионално известување создаваат атмосфера на нетрпеливост, попуштање на моралните и цивилизациски стеги кај поединците и ги охрабруваат вербалното насилство да го преточат во реално насилство. Медиумите се многу важни ако не и клучни во тензични ситуации во смисла да не се влошуваат состојбите, туку да поттикнат јавно мислење кое е толерантно и неагресивно…Во таа смисла е важно тоа професионално малцинство да расте затоа што тие се фактор на стабилизација и развој и важно е да ги охрабриме, а јавноста во нив да препознае модел кој треба да стане доминантен.

Со благодарност до АКТИВ за можноста да размениме гледишта на овие важни теми, се надевам дека умерениот оптимист ќе го надвладее реалистот за кој зборувавме во самиот текст.

The Real News Network – проширување на рамката

Веќе најавив дека спремам испит медиуми и политика, и колку и да не ја сакам политиката кога е доведена во ваква корелација е извонредно интересна тема.

На оваа тема едно е повеќе од јасно, воопшто и не мора да се истакнува, се знае дека медиумите се активни учесници во дефинирањето на политичката реалност. Низ процесот на прибирање селектирање и пакување на вести се овозможува готова артикулација на она што во политичкиот живот во одреден момент е навистина важно.

Настаните од политичкиот живот се вметнуваат во т.н. наративни рамки кои овозможуваат тие да бидат пренесени како вести. Тие рамки, секако, не доаѓаат комплетно обликувани од новинарите туку се развиваат во подолг временски период на интеракција и натпреварување на различни медиуми и други актери кои може да бидат дел од приказните или да бидат на ниво на извори. Со тек на време конкурентските рамки се стеснуваат се додека не остане едена доминантна рамка. Иако оваа доминантна рамка не е дефинирана за секогаш, таа повторно е мета на оспорувања и ревизии, сепак откако ќе се воспостави, овозможува структура во која на настаните кои следат им доделува вредност на вести, известува за нив и има дава смисла.

Излегувањето од доминантната рамка, не им е од интерес на многу актери во двоецот политика/медиуми. Најчесто, се што е надвор од тоа не newsworthy или се третира како екстрем. Мите имаше на својот блог една ваква тема за демонстрациите во Денвер кои не влегле во мејнстрим медиумите.

The Real News Network

We won’t blindly follow wire services or official press releases that attempt to set the news agenda. We will cover the big stories of the day, but we will broaden the definition of what’s important. …About The Real News

Секако, медиумски поразвиениот свет, овде не мислам само по бројот на медиумите бидејќи ако е така и ние сме развиени, туку онаму каде публиката, продукција и новинарството се поразвиени се појавуваат и медиуми кои се обидуваат да ги прошират овие доминантни рамки. ТRNN е некомерцијална мрежа која произведува видео вести и документарни прилози на голем број на теми ширум светот.

Предводена од канаѓанецот Paul Jay, искусен новинар, оваа мрежа одлучила да го отфрли моделот за заработка преку реклами и целосно зависи од своите гледачи, односно својата публика.

Ги најдов преку нивниот канал на  YouTube, каде има повеќе од 760 видеа, но веднаш потоа отидов на нивниот сајт каде многу позитивно без изненаден од структурата, изгледот, можностите и дополнителните информации кои ги има секоја видео сторија (некои имаат и цел транскрипт). И секако имаат социјални компоненти еден куп.

Го пратив Сеад да провери дали ова што го зборуваат, за различниот, неутрален, начин на покривање на настаните и темите е вистина, бидејќи тој повеќе ги следи настаните како на пример овој со Грузија-Русија. Неговиот коментар на чет беше:

многу се добри, гледам нешто за Грузија, ептен е квалитетно покриено. Одма ги детектира тие што ги навлекле Грузија на операција во Осетија. Ваков клип не може да се вдии на мејнстим медиумите, таму (америка) има вакви информации по весници ама на големите телевизии не излегуваат.

Иако улогата на медиумите е да бидат критичари на актуелните политички гледишта и опции, оваа мрежа не ја користи оваа точка како појдовна, туку се обидува да биде она што во идеалот сите медиуми тврдат дека се: објективни.

Верувам дека и на тој начин се врши соодветно влијание и се игра соодветна улога во дневното креирање на политиката, но како што рече Paul Jay, можеби за 25 години тие ќе ја поставуваат рамката, ова проширената. Дотогаш, еве ти уште еден поквалитетен извор на вести од светот како место за бегање од локалново мочурливо блато.