Posts tagged internet privacy

What happens in Facebook stays in Facebook?

Кога станува збор за нашите секојдневни активности на онлајн сервисите за дружење (MySpace, Facebook, Hi-5…) едно од клучните прашања е за каков тип на социјализација станува збор во поглед на нашата изложеност кон „Окото на јавноста“ и какви се нашите шанси да ја менаџираме оваа комуникација по наша желба и потреби.

Генерално постојат неколку степени на наша изложеност кон другите:

(1) интимност = минимален степен на изложеност кон другите, односно дел од нашиот идентитет/реалитет, кој го споделуваме со минимален број поединци од нашата средина (партнер, сопружник, родител, близок пријател);

(2) приватност =низок степен на изложеност кон другите, односно дел од нас кој го споделуваме со нешто поширок круг од интимниот, но се уште релативно тесен круг на лица од семејството, роднините, пријателите и слично.

(3) јавност = висока или целосна изложеност кон другите, односно дел од нас кој наменски е предвиден да биде неограничено споделен со другите, т.е. со композитит „јавност“ (или „унија на множества од поединци“, математички кажано).

(се разбира, секоја поделба страда од комплексноста на реалноста во која има многу меѓутипови и интерфеномени, но заради прегледност сепак поделбата е чисто наменска)

Е токму овие разграничувања на интимност, приватност и јавност, во физичкиот простор многу полесно се контролираат заради низа фактори (навики, искуство, особености на физичкиот простор, и сл.), додека во „кибер-просторот“ заради низа други фактори (лесна достапност, лесно пренесување, поврзување, неискуство, и сл.) овие разграничувања многу полесно се разбиваат и прекршуваат.

За да ги разграничиш своите електронско-дигитални записи од јавното од приватното, и од интимното, треба да си многу повешт и повнимателен отколку во физичкиот простор. Ако приватните слики на пример си ги чуваш во својата лична фиока во спалната (под клуч?), може да се каже дека имаш релативно добра заштита на својата приватност во однос на сликите.

Внимателноста во кибер-просторот е покомплексна, па постојано треба да знаеш каде ги ставаш сликите, кој има достап до нив, кому ги праќаш, дали им веруваш на тие кому им ги праќаш дека нема да ги проследат без твоја дозвола,  и долга редица други нешта. И сепак на крај не си 100% заштитен, бидејќи самите записи стојат на некој сервер, диск, или друго, до кои кој знае колкав број техничари и администратори имаат пристап. Па така информации и слики кои си сакал да ти бидат приватни, упс, некако стигнале до н-ти лица кои немаат врска ни со тебе, ни со твоите намери, а најмалку со твојата приватност.

Тоа е темната страна на погодностите на интернетот, па неограниченоста на брзината и просторноста при пренесување на секакви информации може да се сврти од погодност и предност во моќно средство за манипулација и злоупотреба. „Немирната“ човечка природа секогаш ќе бара начини да им наштетува на другите, па во вакво сменето опкружување и комуникациска реалност, тоа им е многу полесно, особено кога ние не ја разбираме доволно својата ранливост и изложеноста на својата приватност на нет.


Само-опредметување како метод на еманципација

Моментно работам на превод на текстот на д-р Зала Волчиќ и м-р (2b) Мојца Планшак од годинешнава „Glocal2“ претставен под насловот „Social Networking as a Way of Crafting Commodified Identity“ кој ќе биде објавен во зимскиот тримесечник на „Културен живот“. Во него авторките на аналитички начин ги разгледуваат начините на кои се само-претставуваат жените (девојките) на сајтовите ала-Facebook/MySpace. Низ методите на феминизмот и пост-феминизмот се разгледува кои се сѐ последиците од практикувањето на слободите на модерната жена во онлајн сферата.

Еден од поклучните заклучоци е дека, жените (на овие сајтови) симулирајќи ги методите на претставување на жената во машки доминираните медиуми подлегнуваат на континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите изборени слободи.

Машкиот поглед (male gaze) или „опул“ во современите медиуми историски се поврзува со ренесансата и машкиот поглед на уметникот кој женското тело го користи како предмет во својата борба со тогашната владејачка средновековна идеологија.

Еве неколку цитати од овој текст (да не глумам тука расипан телефон):

Иако жените сега уживаат сѐ она што за претходните генерации беше незамисливо, особено на поле на сексуалните слободи, тие во исто време се подредени на низа ненасилни, но во исто време екстремно наметливи, дисциплинирачки техники кои ги регулираат димензиите на нивните тела, неговите контури, движењата, гестикулациите, како и општото држење во јавниот простор, и појавноста на сите негови делови…

Постои сѐ пораширен став во феминистичката литература дека, на пример, MySpace, ги еманципира жените. Жените ја наметнуваат својата независност и еманципираност во општеството (…) и , спротивно на минатите времиња, сега жените се ре-сексуализираат за себе, а не за мажите. (Сепак)… медиумите ги претставуваат жените на сѐ посексуализирани начини, слично на претставување(то) на предметите за продажба преку вообичаените техники…а тие претставувајќи се преку овие техники прават еден вид континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите слободи…