Еве ќе се навршат речиси две недели од пробликот на еден интересен феномен, па откако стручната, академската и пошироката интелектуална јавност не се огласија, низ разговор со Дарко одлучивме овде на овој блог да го прибележиме настанов. Навистина, штета да остане неспомнат.
На ден втори, месец јануари, лето 2009, осамна на сајтот на А1 мошне интересен прилог под наслов „Во март одговор дали Македонија заслужува безвизен режим“. Во него покрај техничките информации од седницата на македонската Влада беше прибележен и еден дел од самиот прилог кој од корен ги видоизмени нашите сфаќања за новинарските жанрови. Станува збор за вметнувањето од ТВ прилогот на дијалогот помеѓу два члена на Владата (види линк до веста).
Ако малку повнимателно се изанализира самиот текст лесно ќе се воочи дека станува збор за микс од прилог и новинарска драмска едночинка со два лика и антички хор во ликот на министрите од Владата. Многу, многу интересно, и останува само да жалиме што самиот автор на прилогот не ги употребил и останатите драмски средства и методи за постигнување на уште посилен ефект во автентичното пренесување на овој настан. Еве некои сугестии во тој правец:
Драма, едночинка, ликови Ивица Боцевски, Груевски, хор.
Боцвски: (се закашлува и погледнува самоуверено кон Груевски): „Од наша страна останува да ја завршиме работата, рековме не завршуваме со визна либерализација, одиме да се интегрираме целосно на Шенген системот. Ќе го презентираме тој план“,
Груевски: Кога ќе станеме членки на ЕУ, па одма да влеземе во Шенген, тоа ли сакаш да кажеш?
Боцевски: Апсолутно (климнува потврдно и значајно со главата).
Груевски: Ивица, многу напред си отишол. Што ќе правиме вака? (прашува со насмевка на лицето).
Е тоа ќе беше оваа новинарска иновација во своја потполна и целосно ефектна форма. Добро, сега некој скептик ќе рече дека ќе треба Deus Ex Machina ефекти за довршување на оваа ендочинка, но не ни беше тоа муабетот.