Сега во стилот на некои наши доајени на шега да кажам (подвлекувам, не е сериозно ова во наводнициве 🙂 „кога ние тука зборувавме за штетните ефекти на изнасилените комуникациски ангажмани во форма на кампањи со сомнителен ефект и остварливост многумина не обрнуваа внимание“. И јас и Дарко напишавме неколку комуникациско-ориентирани постови на тема кампањи Made-in-MK, и искрено кажано, не чувствувавме дека има нешто ново или повеќе од тоа да се додаде. Матрицата остана иста, и хитчињата исто така. Еве ги овие неколку наши „осврти“:
И повторно за Владата и нејзините кампањи.
Толку имавме да кажеме од некоја конструктивно-критичка позиција. „Фала на пажњи, пријатно“.
Она што пак моментно се случува во македонските медиуми е една спротивна крајност, со исто така лоши последици, т.е. тотален наплив и ентропија на критички текстови за владиниот ПР, до тој степен што новинарите станаа опседнати со тоа да ја ничкосаат оваа политички изгенерираана медиумска реалност, водени од максимата „клин се клином“ и подржани од некои европски институции (на пример Европскиот парламент). Еве само дел од поскорешните:
–Молитвата на античките копачи
–Што сѐ не знаеме за Македонија?
–Владини кампањи, агресивен или позитивен напад на сите сетила
и.т.н……..
Ако се гледа некоја генеологија на оваа префорсирана анти-пропаганда, може да се каже дека социјалните медиуми одиграа голема улога во раните фази на јавната дебата и отпорот на оваа тема. Бидејќи инерцијата на самото новинарство е од тој тип што кога ќе тргне нешто, тешко се сопира, па сега ние критичарите и јавноста сме затрупани со контра-текстови и материјали кои исто така се изнасилени и во претерана форма. Се разбира реакциите се потребни, но толкавата фиксираност само дополнително ја влошува стабилноста и функционалноста на комуникацискиот систем.
Негативните ефекти се очигледни, виртуелизација на јавната комуникациска сфера од типот на дебатите за НЛО, додека самата реалност продолжува да си тече, а ние остануваме во расчекор со неа, се разбира на своја сметка.
Лекциите од оваа пропагандна епизода се секако крајно едноставни и дидактички на ниво на „општествена градинка“, па сума сумарум повеќе од јасни се последиците од ваквите пропаганди војни: поделба во јавноста во период кога на општеството му треба сосема спротивното, системски легално корумпирање на медиуми, како и застој во развојот на медиумите и нивно приближување до европските.
Никој не обрна внимание дека во духот на времето во кое живееме, никој, ама никој (генерациски под 50г) не трпи медиумско подучување и некаква добронамерна дидактика,. Денес гледачот и читателот е од сосема поинаков сој, тој ги бара содржините и рефлексно ги одбива оние кои го бркаат како спрејот бубачките, тој сака да има контрола над медиумските содржини, да бира што и колку, кога, да ги разложува, коментира, проследува до своите пријатели, и да си го менаџира сам своето медиумско искуство.
Тоа е реалноста во своја едноставна и непосредна форма, сето друго е некаков пасатизам со какви и да е мотивации.