Posts tagged media overload

Фројд : Фром 8:2

Ако се побара прашањето за највлијателните луѓе во медиумите денес секако одговорите ќе тргнат од Руперт Мурдок, Тед Тарнер, преку Жељко Митровиќ, сѐ до Љубисав Иванов и Велија Рамковски.

Но, на ова прашање може да се гледа и на еден посуштински начин, оној културолошкиот. Која културна теорија владее со медиумите денес?

Одговорот е едноставен и речиси едногласен: психоанализата, или Фројдизмот (како психо-аналитички фундаментализам кој ги маргинализира поистакнатите психоаналитичари по Зигмунд Фројд и владеењето на неговата ќерка со психо-аналитичкото движење).

Културната теорија на Фројд (изложена во делата: Das Unbehagen in der Kultur, 1930, Drei Abhandlungen zur Sexualtheorie, 1905, Zur Psychopathologie des Alltagslebens, 1901…) напросто доминира со продуктивната логика на медиумите денес. Неговите поставки за природата на човекот како суштество кое постојано се бори со своите билошки, психолошкии сексуални потреби и нагони, и кое е во суштина деструктивно, се работен модел на кој почива логиката и вредносниот систем на медиумите денес.

Како овие негови, во суштина претпоставки, за природата на човекот, се рефлектираат во медиумите денес и во вредносната матрица која тие ја промовоираат денес?

Значи, кога и да видите ударна вест (а ударните вести се доминантно такви) дека: синот го заклал татко си, мажот ги малтретирал своите родени деца и сопругата, политичар фатен во скандал со помлада жена, голема фирма масовно отпушта вработени…истите тие вести како да ви кажуваат: „Гледате, гледате ли сега? Фројд е во право! Ние правиме сѐ за да ви докажеме и да ве убедиме дека човекот е себичен, агресивен“, неспособен да ја скроти својата анимална природа, подложен на робување на своите страсти и полови нагони, со еден збор неспособен да биде човек според описот на хуманистите, па и религиите ако сакате.

Наспроти Фројд во психо-анализата секако стои Ерих Фром, со својата каде-каде поведра теорија за природата на човекот и културна терија која е базирана на оваа премиса.

И сега ако ги сопоставиш еден наспроти друг ќе се согледа дека медиумските форми во кои доминираат фројдистиччките концепти (комбинирани со Бихејвиоризмот и Павловизмот, да не ги запоставиме сосема) се далеку побројни од оние на Фром, но сепак не се изгонети сосема до крај од Царството на медиумите. Вака поеклатантни форми во кои доминира „фројдизмот“ секако се вестите и адвертајзингот, додека пак „фромизмот“ е присутен во некои форми како што се комедии на пример и едукативните програми.
Мислам дека и самите Нови медиуми, со својот длабок анти-фројдизам, промовираат и поттикнуваат на практикување вредности сосема спротивни (соработка, отвореност, дружење…) на оние од класичните медиуми засновани на фројдистичката логика на културата. Возбудата од нивниот подем во длабинска смисла се заснова токму на овој премин и прекид со фројдистичката традицијата.

За подетална слика за овие прашања топло ви го препорачувам документарецот „Century of the self“ кој веќе и беше прикажуван на некои наши локални ТВ-ии.

Се разбира за елаборација на оваа моја поставка (која и не е само моја) еден блог-пост е смешно мала форма, но еве напишана е колку да биде презентирана самата идеја со надеж дека ќе мотивира искрени трагачи по фактите и вистината па ќе ги засукаат ракавите.