Posts tagged ???????

Гори мечка!

Ова не би требало да биде еден од оние постови во кои „Твитер агентурите“ нешто мрчат против вредните домашни новинари и нивниот лик и дело. Ова би требало да биде една илустрација како де факто функционира медиумското плуралистичко милје. Повеќе медиуми, пазар, конкуренција, би требало да ни понудат подобри информации? Па не баш.

Ете се случи еден интересен, но не така крупен настан:

Изгоре мерцедес кај МНР

И сега бидејќи се работи за инцидент со потенцијално големо значење и се 
случува во самиот центар на градот, многумина би очекувале да добијат целосна информација, која би ја вклучила и визуелната, која во овој случај е мошне важна за да се процени самиот настан, штетата, дали има некоја сериозна импликација од инцидентот, изјава од некој надлежен, информиран, сведок или слично.

Елем, ништо од тоа, добивме информација отприлика ваква (кликни на фотографијата за покрупна копија):

„Противпожарнтие служби не успеаја да го спасат мерцедесот кој е целосно уништен“.

„Возилото е целосно уништено, а полицијата врши увид“.

„Се проверува дали била поставена експлозивна направа во возилото“

И така редум. По овие драматични информации, еден од медиумите „се осмели“ и излезе на терен, па даде поцелосна слика што всушност се случило: „Изгоре мерцедес кај МНР“. Вистинската слика беше каде-каде различна од драматичните, непрецизните, непроверените, ископираните полу-информации пласирани во мнозинството од домашните медиуми:

Заклучоци? Очигледното конкуренцијата не ги мотивира нашите медиуми да соберат подобри и поквалитетни информации кои би им ги понудиле на корисниците. „Горат“ во брзината да пласираат каква било вест без квалитетно да ги обработат постоечките информации, да ги проверат и надополнат. Горат и во наклонетоста кон сензационализам, драматизација, кревање паника и копирање на постоечки информации без наведување извор, изјава, контекст или друга поткрепа на веста. Тоа е тоа, колку да си знаеме до кај им е чергичето и за тоа колку можеме да се потпреме на нив.

 

[конференција] Образованието за новинари, професионалните вредности и културната разновидност

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста поканува на конференцијата на 28.06.2011 од 10:00 часот во Холидеј Ин

Continue reading

Нови медиуми – епизода описменување

Сеад критички посочи на едена од локалните практики, а Радмила одлично искоментира 🙂
Па за да се приклучам и јас малку во оваа тема, ќе се обидам да прафразирам еден документ направен во рамките на Project New Media Literacies (NML)

Continue reading

Кој сее пропаганда ќе жнее бунт

Сега во стилот на некои наши доајени на шега да кажам (подвлекувам, не е сериозно ова во наводнициве 🙂 „кога ние тука зборувавме за штетните ефекти на изнасилените комуникациски ангажмани во форма на кампањи со сомнителен ефект и остварливост многумина не обрнуваа внимание“. И јас и Дарко напишавме неколку комуникациско-ориентирани постови на тема кампањи Made-in-MK, и искрено кажано, не чувствувавме дека има нешто ново или повеќе од тоа да се додаде. Матрицата остана иста, и хитчињата исто така. Еве ги овие неколку наши „осврти“:

Влада INC.

Една година ПР.

И повторно за Владата и нејзините кампањи.

Толку имавме да кажеме од некоја конструктивно-критичка позиција. „Фала на пажњи, пријатно“.

Она што пак моментно се случува во македонските медиуми е една спротивна крајност, со исто така лоши последици, т.е. тотален наплив и ентропија на критички текстови за владиниот ПР, до тој степен што новинарите станаа опседнати со тоа да ја ничкосаат оваа политички изгенерираана медиумска реалност, водени од максимата „клин се клином“ и подржани од некои европски институции (на пример Европскиот парламент).  Еве само дел од поскорешните:

Јас не сум

Молитвата на античките копачи

Што сѐ не знаеме за Македонија?

Власта е сила, власта е моќ

Владини кампањи, агресивен или позитивен напад на сите сетила

и.т.н……..

Ако се гледа некоја генеологија на оваа префорсирана анти-пропаганда, може да се каже дека социјалните медиуми одиграа голема улога во раните фази на јавната дебата и отпорот на оваа тема. Бидејќи инерцијата на самото новинарство е од тој тип што кога ќе тргне нешто, тешко се сопира, па сега ние критичарите и јавноста сме затрупани со контра-текстови и материјали кои исто така се изнасилени и во претерана форма. Се разбира реакциите се потребни, но толкавата фиксираност само дополнително ја влошува стабилноста и функционалноста на комуникацискиот систем.

Негативните ефекти се очигледни, виртуелизација на јавната комуникациска сфера од типот на дебатите за НЛО, додека самата реалност продолжува да си тече, а ние остануваме во расчекор со неа, се разбира на своја сметка.

Лекциите од оваа пропагандна епизода се секако крајно едноставни и дидактички на ниво на „општествена градинка“, па сума сумарум повеќе од јасни се последиците од ваквите  пропаганди војни: поделба во јавноста во период кога на општеството му треба сосема спротивното, системски легално корумпирање на медиуми, како и застој во развојот на медиумите и нивно приближување до европските.

Никој не обрна внимание дека во духот на времето во кое живееме, никој, ама никој (генерациски под 50г) не трпи медиумско подучување и некаква добронамерна дидактика,. Денес гледачот и читателот е од сосема поинаков сој, тој ги бара содржините и рефлексно ги одбива оние кои го бркаат како спрејот бубачките, тој сака да има контрола над медиумските содржини, да бира што и колку, кога, да ги разложува, коментира, проследува до своите пријатели, и да си го менаџира сам своето медиумско искуство.

Тоа е реалноста во своја едноставна и непосредна форма, сето друго е некаков пасатизам со какви и да е мотивации.

Весник за весниците, вести за вестите

Во неколку преписки и разговори францускиот книжевник Алберт Ками (Albert Camus) им се обраќа на своите пријатели со идеја да почне да печати весник. Но, според неговите планови, тој весник никако не би бил како вообичаените печатени весници од неговото време.

Според идеите на Ками, овој весник би излегувал неколку часа откако во продажба ќе отидат сите други весници и би пишувал за самите весници, за што тие пишуваат, како пишуваат, кој новинар со каква агенда ја напишал својата најнова статија, додека самата редакција според утврдени формули би пресметувала процент на вистина во самите весници.

Изгледа помалку наивно од оваа перспектива, но самата идеја доловува една тема кој е важна во извонредна смисла и во нашиве транзициско-интегративни времиња. Никој повеќе не ги анализира медиумите на дневна, содржајна, свежа форма, на оној начин кој ќе ви помогне да ги декодирате спиновите, дезинформациите, шпекулациите, л’жгите, клеветењето и слични доминирачки аномалии на нашиот медиумско-комуникациски систем.

Новинарите не го прават тоа, мошне ретко, од јасна причина што не сакаат да ги откриваат „дриблинзите“ на својата професија, академско-интелектуалната елита има побитни работи од ова (на пример тезгарење по разни факултети), влијанието на регулаторите се сведува на формални соопштенија, апели и слично. Тука некаде завршува приказната. Тук и там ќе се појави по некој научен труд, но прилично застрен во однос на својата актуелност, и тоа е тоа. Сите знаеме деке крупни работи не се во ред, сите сме скептици, но на содржинско ниво на дневен план сѐ останува на истото.

Свеста за медиумско образование во едукативниот систем се развива пребавно.

Во земји како нашава идејата на Ками би била извонредно решение, како крајна мера и очајнички обид да се раздвижи критичката свест на јавноста.

За среќа новите медиуми и платформи им даваат на самите корисници и простор и поттик да го прават тоа неформално, и може да се каже дека на тој план нештата се најразвиени и најсветски, ако сакате.

Шпиц во грбот на Геро

Секогаш пет пати ќе се премислам дал да напишам нешто на дневно-политичко-медиумски теми. Не од други причини, ама некако ми е ептен „безвеза“, оти ми доаѓа како да пишуваш нешто за 127-та епизода на „Касандра“, но поинт, се е тоа дел од големата претстава, пак на крај Политикињо и Медиумита ќе се земат и ние ќе рониме солзи на нивната свадба.

Но, вака, Шпиц е малку специфичен случај (прв бесплатен дневен весник), Геро беше малку од оние новинари кои едно време ширеа блогохулие, а темата на егзекуцијата на неговата новинарска персона, малку ги надминува катадневните топици.

Излегувањето на Шпиц секако ќе биде еден од оние моменти кои ќе бидат дел од МК-медиумските хронологии, па макар таа хронологија била на една страница. Прв бесплатен весник во една социјално скромна (еуфем.) земја е голем настан. Еуфоријата која ја навести,  ревитализацијата на пазарот која ја предизвика, се секако позитивните аспекти на феноменот Шпиц. Сега во моментот, поочигледно се откриваат и другите страни на медиумскиот циркус, а тоа е класичната сцена кога „таткото се враќа од службен пат“, и почнува да игра каишот, овој пат тоа беше камшико’ на чорбаџи Величе.

Оваа „лекција“ за новинарите и јавноста е многу едноставна, прилично дидактична, и се учи во градинката на плурализмот: новинарот има слобода и интегритет се додека не го р’чне интересот на својот чорбаџија. Интересот може да биде разновиден, а за тоа како, кога и колку е р’чнат решава чорбаџијата. Ако работите се такви, а така е, тогаш што се новинарите и уредниците? Тие едноставно се инструменти за реализација на интересите на сопствениците, фирст-енд-формост. Тие се еден вид „егзотични танчерки“во нивното кабаре, кои веднаш се тргнати од шоуто ако почнат да излегуваат од сцената или пак не се бричат под мишки (Геро очигледно не се бричеше).

Во пост кај Волан, се реминисценцира еден поим од минатото, „протоѓер“, које интересен за паралела со нашето информациско доба. Замислете доаѓа протоѓерот во селото две три години, и си врши работа, разгласува, вика, и повикува, и  еден ден упс, доаѓа друг протоѓер. Таквата јавност, макар и селска, е свесна дека протоѓерот работи за некого и некој го плаќа за тоа што го работи, и никој нема да се чуди кога еден ден ќе дојде некое друго протугерче, младо и независно. Ние, обременети со илузиите на своето доба (независност, слобода, либерализам, плурализам, права, демократија) живееме во „надеж“ дека кога ќе го отворите весникот, пуштите радиото, ТВ-то, ви се обраќа некој кој мисли на ваше добро (Ние постоиме заради вас!). О но, но, но,…Самата споредба само ни кажува како свеста за реалноста на нештата кај нашите претци е десеткратно поцврста и поздрава. Медимиуте не не прават поинформирани, туку понавлезени во нивниот филм, кој иако се базира на вистински настани, е една романтизирана фикција, со елементи на политички трилер.

Кажано нешто поакадемски, Геро го попи првиот филтер на Чомски и Херман (стр 15-23, „сопственоста и ориентираноста кон профитот“). Штета, искрено за легенда како Геро, требаше да стигне барем до третиот филтер 🙁 ама ете, тоа е. Инаку кога сме веќе кај третиот филтер (потпирањето на медиумите на информациите од власта) само да навестам дека Дарко за некој ден, здравје, ќе напише нешто на таа тема (информацијава е се разбира директно од „лажиците“ на пророчица Џезира 🙂

Дополнување: Истава тема во Утрински, не заради текстот на Утрински (ноу офенс) туку заради коментарите. Убаини демократски

Два дена пред Glocal 2.0

Е, да. Останаа само уште два дена пред настанот на кој бев посветен изминативе неколку месеци, интернационалната конференција Глокал, овојпат со тренди наставка 2.0, не само заради тоа дека е втора туку дека темите се такви.

Во четврток сабајле започнува воведната сесија на која освен најавената програма веројатно ќе има уште едно пријатно изненадување со цел пренесување на актуелната дискусија на тема блогови, новинарство, медиуми, веб 2.0 итн. и тука, во Скопје во Македонија. Но да не пишувам пред рака, чекам финална потврда, ако бидне, ќе пишам нов пост 🙂

Сега за сега останува да се најави она што е сигурно.

А сигурно е дека неофицијално конференцијта односно дружењето по повод неа ќе започне ден порано и тоа на Сподели Кино во Точка, во 20.00 каде ќе направиме мал вовед со неколку (можеби веќе видени) клипчиња за потоа во неформална атмосфера да се размуабетиме на темите кои ќе се верглаат следните три дена во Сарај (за тие што не знаат Универзитетот Њујорк е таму). Нели јасно е, како и на целата конференција, присуството е отворено, без најави или резервации.

Е, исто така, сигурно е и дека, според планот, во сабота околу ручек (14:00 – 17:00) ќе има две работилници (основно и напредно блогирање). Ова ќе биде единствениот дел од конференцијата каде официјален јазик ќе биде македонски. За реализација на двете паралелни работилници се погрижија Анастас и Милош. Анастас веќе пиша што ќе содржи неговата, и слободно доколку сте заинтересирани можете да резервирате место таму, а Милош ми го испрати следниов опис за содржината на неговата сесија за основи на блогирањето:

Вовед

* Што се блогови
* Кратка историја
* Често користени термини
* Анатомијата на еден блог
* Регистрација и креирање на блог

Основни техники на блогирање

* Подесување на изгледот на блогот
* Пишување вести
* Постови, коментари, категории и семантички врски
* Додавање мултимедијална содржина
* Управување со блог – пријатели

Доколку сакате да присуствувате на некоја од работилнициве пишете коментар или меил за да можеме да го испланираме приближно бројот на учесници. доколку сакате да присуствувате на некоја од сесиите, убаво разгледајте ја програмата уште еднаш и појавете се на време.

Веројатно до самиот поцеток ќе пишам уште еден пост повторно на истава тема, ама ај еве уште сеа да посочам. Официјален таг на конференцијта ќе биде glocal20 :), што зачи се што ќе објавувате а е поврзано со неа, било пожелно да го содржи овој таг за да може да ги собереме сите реакции и пишувања.