Posts tagged miloje sekulic

Сакам балкански онлајн серијали

Нон стоп сум пред екран, ама тоа е лаптоп, таблет или телефон. Не гледам ТВ. Некогаш се наоѓам малце неинформирана, особено кога твитерџиите ќе фатат некоја ТВ тема и цела вечер се зборува само за тоа. Па барам на YouTube за што всушност се муабетело, за да можам да го фатам теркот на тајмлајн.

Е токму заради оваа причина се радувам кога ќе се направи шоу исклучиво на Интернет (не дека тоа ми е професија, ама ај сега се правам дека е лично задоволство :). Прво ептен се радував на #SamoKazem онлајн серијал за млади и ептен ми е криво што нема втора сезона. Проектот имаше за цел да ги спои младите од регионот кои делат исти ставови и сништа без разлика на националноста и мајчиниот јазик. Исто им даде платформа на сите млади да си кажат што ги мачи, што ги нервира, што ги радува и се тоа само на Интернет, за да се сфати дека младите од целиот регион можат да се спојат на интернет во своите желби, надежи, проблеми, и сништа. Целиот проект ми беше така фино освежување и многу ме нарадува.

Сега, повторно од Србија ни доаѓа друг проект, онлајн серијал, реално веб шоу за модни блогерки „WannaBe Blogger“. Иако на сосема различна тема, пак му се радувам, затоа што ова има за цел да обучи и насочи 10 млади девојки со сосема различен карактер и стил како и да ја информира и едуцира јавноста за модниот блог како професија и како бизнис. Знаеме дека во Србија модните блогерки и тоа како заработуваат од своите блогови. Од ова шоу треба да произлезат уште нови 10 едуцирани модни блогерки кои пишувањето свој блог за мода треба да им биде професија за заработка. Целиот проект го спроведува WannaBe Magazin, најпопуларниот веб магазин за мода и лајфстајл.

За проектов јас дознав од постот на нашиот драг пријател Милоје. И покрај различните коментари, јас апсолутно се согласувам со фактот дека ваквиот проект значи зајакнување на блогерската сцена со професионалното блогирање.

Кај нас не се појавило ниту еден сличен серијал и јас навистина сакам да видам еден. Било каков, на било која тема, со јасна цел и јасна порака, без разлика дали тоа е спојување на младите на интернет, блогирање или сосема нешто трето. Јас ќе бидам најголемиот фан на овој серијал, ветувам 🙂

А вие ако сакате да следите дали нешто добро ќе излезе од риалити шоуто “WannaBe Blogger” првата епизода е веќе излезена.