Posts tagged Mite Kuzevski

Глобални сељаци

Во последниот број на неделникот „Глобус“, во написот под наслов „Селебрити помеѓу Долно Дупени и Танушевци“, истретирана е тема за популарната култура и кичот, псевдо-елитизмот, криза на културните вредности, ентропија на неквалитетот, и слични и сродни теми во сферата на нашите медиуми.

Глобус продолжува со добрата пракса да наоѓа соговорници и во блогосферата како нов медиумски канал за свежи и креативни мислења, па така во овој број дресовите на блогосферата гордо ги понесоа Фемгерила (Ирена) и Баждарџијата (Мите наш 🙂

Потребата да се биде славен воопшто не е спорна. Славата носи одредени поволности. Оние што ги ползуваат тие поволности си создаваат чувство на поседување моќ. Потрагата по моќ е оној порив што ги тера луѓето да бараат начини да станат славни. Во општество каде што ако те нема на телевизија или во некој магазин, тогаш не си значаен, трката за да се биде славен добива на интензитет. Ако на телевизиите најпопуларни се „ток-шоута“ каде што озборувањето, малограѓанштината, кичот и навредите се централни теми на разговор, тогаш нормално е и оние што се појавуваат во тие шоуа да ги поседуваат тие „квалитети“. Затоа имаме лица кои преку ноќ стануваат славни. За да бидат дел од телевизиските шоуа или жолтиот печат, не треба да имаат направено нешто вредно зад себе…(Мите Кузевски, дел Побарувачката раѓа понуда).

„И самиот интерес за овој феномен на инстант-џетсетирање повторно навлегува во теренот на спектаклот. Всушност, оваа појава би требало веднаш да и’ го припишеме на визуелната илузија која пролиферира од масовните медиуми. Засебните светогледи се врзуваат во сојуз кој реферира на еден посебен псевдосвет кој можеме да го спознаеме единствено визуелно“ (Ирена во делот „Силиконизиран патриотизам“).

Не дека нешто многу има да се додаде на самиот текст, Мите одлично го елаборира односот публика-медиуми, а Ирена самата природа на мас-медиумите, сепак само неколку „фусноти“ кои би сакал да ги споделам на овој блог на оваа тема :

  • Комерцијализација: Она што го гледаме не е случајна, ситуациона, неморална појава, туку системски проблем (или системска аномалија кажано низ речникот на д-р Морфеус од Матрица :). Во систем на јавно комуницирање каде профитабилноста е примарен и доминантен фактор (оди тоа што се продава, тоа што не се продава, не оди) неквалитетот е логична последица. Сега повеќе за уредник на програма, автор и слично, немаш некој образуван тип од драмски што чита Достоевски, ами некој типац што вози бесна кола, и кој е во сродство со газдата на медиумот или пак си го има кафето со луѓето од медиумите. Медиумите станаа тезги, а проблемот со овие медиумски тезги е што уште нема соодветна стратификација на публика, категоризација на програмите и слично. На пример, ако појдеш на Бит пазар, и сакаш да земеш јаболки кај еден продавач имаш јаболки за 20 денари, за 40 денари, 60 и слично, според квалитетот. И си бираш што сакаш да си јадеш, па си плаќаш толку. Нашите медиумски тезги (не генереализирам, но ова е доминатна логика) сè уште се под ова скалило на пазарен развој, па сите јаболки ги имаш на купче на сите тезги, и тоа.
  • Публиката: Во нашиов случај мислам дека медиумите ја генерираат публиката, не дека публиката е амнестирана со тоа, но во овој случај публиката „јаде“ тоа што и се нуди на „тезгата“. И потем се набавува нова роба за нив, тоа е циклусот. Врската е ко-симбиотичка, но јас не гледам дека нешто пред да почне „лудилово“ со програми со лош квалитет, имаше масовни протести и штрајкови со глад да се пуштаат сапуници, трач шоуа и сличито.
  • Криза на културата: Процесот е длабок, за ова се напишаа мориња литература, од Ниче наваму, но еве од денешна гледна точка: културата како отворена бина на префинета уметност е работа на минатото. Денес за уметност се смета нешто што не е нагласено комерцијално или е алтернативно. За мене не е уметност Педро Алмодавар со своите „ренесансни“ секс сцени или уринирање на бина на Скопскиот фестивал на театарот. Уметниците се заглавија во постмодерната фаза на играње и парчосување на она што беше уметност на романтизмот и просветителството, и се уште се однесуваат како деца на кои им е интересно да ги „кршат своите играчки“.
  • Криза на институциите: Некој кој е платен да се грижи да функционираат некои норми на самите програми не си ја работи својата работа. Луѓето не веруваат дека институциите имаат сила и волја да се справат со предизвиците на своето време. Тогаш што ги плаќаме? Не ми е јасно…дај распушти тоа Совет за радиодифизија и слични симулации на тела и агенции за регулирање, во нормална држава за нивните пропусти се оди во апсаана. Што се „дешава“ на пример?  Година на заштита на македонскиот јазик, Совет за радио дифузија им наложува да ги тргнат титловите на „немакедонските јазици“, еден кабелски провајдер ги тргнува, другиот си свирка, и по една година на почитување на налогот и законот на едниот, за непочитување на другиот, на оној што го почитува законот му прекипуе (губи публика во таков контекст) и ги враќа рбаотите како што беа. И сега кој е тука буљашот? Па советот се разбира..по командна одговорност.

Отсега текст што почнува со цитат на таа изјавата на Ворхол за 15 минути ама ич не ни читам…дајте некоја друга метафора, ви се молам, па за цитирање барем има море од опции. Каква травестија! Не обвинувам никого поединечно, знам дека се работи за вербална формула и клише, но мислам дека е некаков критички консензус дека Ворхол со се својата „легендарна“ изјава за 15-те минути (негде се 5, како кај Драган Вучиќ) се смета за почеток на ера (Поп арт) во која се комерцијализра уметноста, се брише разликата помеѓу добриот и лошиот вкус, се репродуцираат формите во бесконечност и слично. Значи Ворхол не е некој Маклуан или Еко кој го разбирал самиот процес академски па го именувал така, туку самиот тој го почнал процесот кој денес се саморепродуцира преку нашите локални клонови и кловнови. Инаку самите идеи му се џапнати од Марсел Дишамп, кој изложувал писоари по изложби тврдејќи дека се е уметност ако го ставиш во музеј, па неговата сентенца всушност се однесува дека секој оној што ќе го бапнеш на телевизија станува ѕвезда макар бил и ВЦ шолја.

Инаку за самите феномени од овој тип мене ми е најголема срцка Умберто Еко, кој баш на вистинско место ги става овие медиумски посредувани работи. Тој убаво лоцира дека ваквите работи се засновуваат на т.н. „прекин во семиозата на вообичаените културните кодови“, (да речеме никој не застанува да се опулуе на сонцето, но кога има затемнување на сонцето нам ни е интересно тоа за гледање и се создава „настан“ околу тоа), т.е. се заснова на човечката вродена (афективна) природа да се фасцинира од работи кои се табуа, надвор од културата, традицијата, кодот на однесување и слично. На пример ако видиш двајца да разговараат на улица, тоа е ок за културниот код, и не обрнуваш многу внимание, но ако запазиш некој како прави нешто скандалозно (да речеме уринира на јавно место) застануваш и се фасцинираш како е тоа можно…Проблемот е кога кршењето на табуа ќе стане норма.

Сидоровски со златен медал од Пекинг!

Беа и поминааа Олимписките игри 🙂 Од една страна, Фелпс, Болт, Кобе и останатите, ги собраа медалите, некои пак не знаеја како да му кажат на судијата дека е „педер“, а нам ни останува само да ја заокружиме сторијата и да ги прогласиме победниците на Коментаторските олимписки игри.

Сите забележани коментари под рубриката „забавно“ можете да ги ѕирнете на „Вики“-то. А првите три носители, според слободен избор на нашето жири (методот не е баш идеален, ама такви се и Оскарите, по слободен избор :), ностителите на медали се следни:

БРОНЗА: Славко Цвитковиќ (ХРТ2, Кина:Шпанија): Еве го повторно Рубиo… Страшно реагира.. Брз е како Кинез.

СРЕБРО: Златко Калински (мтв, 400 метри со пречки, мажи): Ершон Џексон (трча) како да го бркаат ѓаволите!

ЗЛАТО: Александар Сидоровски (МТВ, свечено отворање): Еве уште една земја од Девствените острови, се чини дека денес на стадионот има повеќе земји од таму отколку девици!!!