Posts tagged ?????

Позитивен пристап кон Интернет. Свежи локални примери

Последниов месец и повеќе, решивме, јас и другите луѓе од Центарот за нови медиуми да бидеме малку поагресивни во напорите да поттикенеме позитивна дискусија за Интернет и социјалните медиуми. Не дека нешто значително сме направиле, но сепак, ете некои работи се придвижуваат. Дали е до нас или не, нема да носам заклучоци сега. Не е ни важно тоа.

Имено, кога се дискутира за Интернет секогаш мора да се имаат на ум неговите импликации и да се има крајно конструктивен пристап. Мотивацијата за овој пост ми е текстот кој денес Бисерка Велковска го објави во Нова Македонија: „Фејсбук“ не е за десетгодишници.

– Родителите често се во дилема дали на своето дете да му дозволат или да му го ограничат користењето на „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи. Сметам дека не е препорачливо децата уште од многу мала возраст да имаат профили, но тоа не значи строго да му забранувате на вашето дете да користи „Фејсбук“. Добро е отворено да разговарате со него и да бидете информирани за тоа колку време посветува на ваквите активности и што работи за да можете навремено да го советувате и да интервенирате ако има потреба – вели психологот Јана Величковска од општата болница „Ре-медика“.

фото: crisp.org.mk
фото: crisp.org.mk

Навистина ми се допадна аголот на пренесување на темата, нормално не дека има изјава од мене 🙂 туку дека Бисерка не се обидува да дига паника или да брка сензационалност. Пред да го пише текстот препорачав да фати позитивен агол и ја замолив да ги види постовите кои се линкани на погоре. Не знам дали и тоа имало влијание, ќе си каже самата 🙂 ама текстов покажува дека не паднала во стандардната замка во која новинарите, особено после емисијата Пулс на ТВ Алфа од пред некој ден, докажано „паѓаат”.

А свеж доказ за оваа замка, ако воопшто може и така да ја наречеме, е текстот кој исто така беше објавен во Нова Македонија пред некој ден со наслов: Уништен имиџ од видео на Јутјуб. Покрај позитивниот крај на локалниот пример, авторот (во овој случај проектот на Метаморфозис) не успеал во главен фокус (најочигледно е во самиот наслов) да го истакне позитивниот исход и соодветната постапка за спречување на злоупотребата.

Во секој случај и двата текста се крајно за поздравување и се надевам дека секој од нас во иднина ќе се обиде да ја извлече и што е најважно да ја истакне позитивната страна на интернетот. Свесен сум дека сите ги знаеме и мислиме дека нема потреба да ги истакнуваме позитивниве страни, ама ако оставиме традиционланите медиуми да ја поставуваат агендата и понатаму ќе продолжиме да воздивнуваме секогаш кога на некој настан или тв емисија ќе се поставуваат, искрено речено, досадните прашања за безбедност, опасност од измама и слично.