Брзиот развој на медиумите и комуникациските технологии, често нè наведува на помислата како ќе изгледаат тие по 10, 15, 20 години? Најчесто развивањето на технологиите подлежи (или барем така беше до сега) на исклучиво влијание на креативниот ум на поединци од компаниите кои инвестираат во развојот на медиумиите и комуникациските средства.
Во нешто поскорешниов период, а ќе биде сè поочигледно во иднина, креативните поединци ќе бидат во втор план за сметка на барањата на самите корисници (кои повеќе не се ни публика, ни јавност, ни механички потрошувачи на производите и услугите).
Она што новите медиуми и доцно-капиталистичката реалност нè научи е дека корисникот е тој кој диктира во кој правец ќе се одвива самиот развој на медиумите и технологиите.
Ако е оваа претпоставка точна (делумно или целосно), тогаш полесно е да се предвиди стратешкиот правец на споменатиот развој и иднина. Тоа ќе биде правец на интеграција на различните технологии и услуги кои ќе бидат на дофат на рака на корисникот кој (ќе) сака да има целосна контрола над пласираните содржини и услуги.
Новиот корисник ќе може да гледа/чита/слуша што сака во време кое нему му одговара, во период кој нему му е погоден и ќе може да ги контролира самите содржини во смисла на препраќање, едитирање, споделување, препорачување, коментирање и сл.
Времето во кое медиумите ќе се тепаат за некој термин ќе замине во историјата, затоа што корисникот кога и да седне истiте содржини ќе му бидат достапни во менито на медиумите како менито на рестораните, па по желба ќе конзумира и менаџира што сака. Ваквата иднина подразбира целосна дигитализација на содржините и интеграција на аудио-визуелните технологии (ТВ пред сè) со онлајн содржините. Како би изгледало тоа?
Нешто налик на ова веќе присутно во случајот на „Нова ТВ“: сите содржини онлајн кои по желба и по свој избор може да си ги гледате кога сакате. Следниот чекор би била интеграција на ТВ со компјутерот во еден домашен уред кој ќе биде поврзан онлајн и на кој ќе бидат достапни сите содржини овозможени преку широкопојасен интернет.