Posts tagged ?????

Злосторство, самоказна и медиуми

Во кус временски период се случија три морничави злостори, со речиси идентично сценарио, во кои беа брутално застрелани невини луѓе: четирикратното убиство во Чешка, извршено од македонски државјанин, убиството па самоубиството во Скопје и убиството па самоубиството во Охрид.

Сите три извршени од „љубовни“ мотиви на наежавувачки начин ни ја потврдија уште еднаш блискоста на еросот и танатосот. Но, овде не ми е цел да зборувам и расправам за парадигмите на европската цивилизација, ниту за Ромео и Јулија синдромот, туку да го поставам следното прашање: дали се овие убиства некако поврзани помеѓу себе, освен според мотивот (љубовна одмазда)?

Цврсти судски докази за ова нема, никогаш нема ни да ги има, зашто таква истрага никогаш никој нема ни да поведе. Но, искуството на нас кои ги следиме медиумите е дека во светот на бруталноста ништо не е случајно.

Медиумското форсирање на црната хроника е во голем и загрижувачки подем. Неа некогаш можевте да ја најдете на 7 или 8 страница на Вечер и Нова Македонија, но денес таа е рубрика која доминира со ударните вести и насловните страници на сите медиуми, без исклучок. Бруталните слики од местата на злосторствата, „возбудливи репортажи“ од лице место, интервјуата и пикантните детали се врв на новинарскиот ангажман, со цел медиумско владеење со нашата свест преку страв. Стравот е најсилното оружје на секој медиум.

Сега освен стравот, последица на доминантноста на црната хроника во медиумите е нешто што е природен дел од човечката психологија, аналогијата. Тоа е онаа секојдневна појава кога група луѓе стојат на пешачки премин и кога еден од нив „ќе пушти нога“ да ги сопре возилата и другите по него полесно пуштаат нога и поминуваат на пешачки. Или пак малку повалкано, кога ќе видите пред себе како десет луѓе фрлаат ѓубре на улица и вам ви станува полесно да го направите истото. Логиката е, ако другите, или речиси сите, го праvат тоа, зошто не и јас, особено ако тоа ќе ми понуди решение за некоја мака која ме преокупира, вака или онака?

Трета работа е кумулативниот ефект од ваквата пракса (форсирање на криминал и злосторства) и визуелните бомбардирања, кои резултираат во одредена „фасцинација со криминалот и девијациите“, која пак излегува од секаква рационалност и контрола.

Мојата теза е дека во овие три случаи се работи за една токму таква медиумски овозможена аналогија. Зарем е толку неверојатно дека извршителите на овие грозни дела ги гледале истите медиумски слики како и ние, биле под нивно влијание, и во лошиот микс на својот личен очај, форсирањето на овие теми во сите медиуми, човечката аналогија како потсвесен фактор, сето тоа ја исцедило „капката“ која ја прелеало чашата?

Одговорноста мора да се лоцира, луѓето мораат да се заштитат, новинарите мораат да бидат општествено одговорни, регулаторните тела да имаат инстантни, краткорочни и долгорочни мери и постапки со кои ќе го оправдаат своето постоење, а уредниците мораат да водат сметка каква слика им праќаат на гледачите за светот во кој живееме.

Колку жртви се потребни за да на некого му текне да ги опомене медиумите за известувањата за криминалот и девијациите, ккао што тоа рутински се прави во остатокот од светот? (Media warned over crime reporting, BBC).

Весник за весниците, вести за вестите

Во неколку преписки и разговори францускиот книжевник Алберт Ками (Albert Camus) им се обраќа на своите пријатели со идеја да почне да печати весник. Но, според неговите планови, тој весник никако не би бил како вообичаените печатени весници од неговото време.

Според идеите на Ками, овој весник би излегувал неколку часа откако во продажба ќе отидат сите други весници и би пишувал за самите весници, за што тие пишуваат, како пишуваат, кој новинар со каква агенда ја напишал својата најнова статија, додека самата редакција според утврдени формули би пресметувала процент на вистина во самите весници.

Изгледа помалку наивно од оваа перспектива, но самата идеја доловува една тема кој е важна во извонредна смисла и во нашиве транзициско-интегративни времиња. Никој повеќе не ги анализира медиумите на дневна, содржајна, свежа форма, на оној начин кој ќе ви помогне да ги декодирате спиновите, дезинформациите, шпекулациите, л’жгите, клеветењето и слични доминирачки аномалии на нашиот медиумско-комуникациски систем.

Новинарите не го прават тоа, мошне ретко, од јасна причина што не сакаат да ги откриваат „дриблинзите“ на својата професија, академско-интелектуалната елита има побитни работи од ова (на пример тезгарење по разни факултети), влијанието на регулаторите се сведува на формални соопштенија, апели и слично. Тука некаде завршува приказната. Тук и там ќе се појави по некој научен труд, но прилично застрен во однос на својата актуелност, и тоа е тоа. Сите знаеме деке крупни работи не се во ред, сите сме скептици, но на содржинско ниво на дневен план сѐ останува на истото.

Свеста за медиумско образование во едукативниот систем се развива пребавно.

Во земји како нашава идејата на Ками би била извонредно решение, како крајна мера и очајнички обид да се раздвижи критичката свест на јавноста.

За среќа новите медиуми и платформи им даваат на самите корисници и простор и поттик да го прават тоа неформално, и може да се каже дека на тој план нештата се најразвиени и најсветски, ако сакате.

Интернетот ги јаде весниците, телевизијата си свирка

Иако кај нас оваа работа е мошне јасна, сепак неколку поенти на релација, Свет-Македонија.

Телевизијата е убедливо најчест и со тоа најзначаен извор за информации и вести кај нас. Трендовите се менуваат динамично, но не верувам дека оваа доминација кај нас е драматично сменета. Последен асален доказ за оваа состојба е истражувањето на Институтот за демократија (Скопје) од 2006 според кое во РМ 79.4 проценти од испитаниците се информираат од ТВ: Анализа на јавното мислење за медиумите во Македонија (download).

Според нешто потазе резултати, овој пат на американско тло, информирањето преку интернет расте, ТВ се уште е најзначаен извор, а на весниците им опаѓаа читаноста:

Fewer Americans are reading newspapers and are instead getting their news online, but television remains the leading source of news in the country, according to a survey released Sunday.

Not surprisingly, younger people tend to get more of their news on the Internet, while older folks use traditional media such as television and newspapers, the Pew Research Center’s biannual survey on news consumption habits said.

 

Постарата генерација читатели се уште колку-толку ги држи на инфузија весниците, но помладите со сосема поинакви навики во однос на собирање информации веќе стануваат побројни и се очекува во догледна иднина да им пресудат на весниците, вака или онака. Интересен е податокот што ТВ изгледа успева да го преживее овој „револуционерен“ процес.