Заокружувајќи ги истражувачко-мониторските активности околу работата на медиумите во изборниот циклус 2009, „Македонскиот институт за медиуми“ излезе со резултатите од својот мониторинг минатата недела (Дарко беше на промоцијата, јас не 🙁 Во него се наведуваат разни недостатоци во работењето на медиумите, што по својата конструктивна аргументираност секако е нешто што може да придонесе кон подобар увид како медиумско-комуникацискиот систем функционира кај нас. Ќе наведам само некои поистакнати сентенци од овој извештај:
Истражувањето покажа дека националните радиодифузери понудиле релативно задоволителен простор во информативните емисии за претседателските избори, но повеќето од мониторираните медиуми, со исклучок на Алсат М и Македонската телевизија, потфрлиле кога станува збор за специјализираните емисии, како што се дебатите, интервјуата итн. Скромен простор, според резултатите, бил отстапен на изборите за градоначалник на Град Скопје, а информации за локалните избори во другите градови во Македонија речиси и да немало.
![]()
Што се однесува до печатот, истражувањето покажа „скромна” изборна понуда, жанровски доминантно информативна, наспроти слабата застапеност на интерпретативно-аналитичкиот пристап. Исклучок од овој тренд е забележан кај весникот Дневник.
Првичните сознанија покажуваат дека во известувањето преовладувале извештаи од изборните активности на партиите и кандидатите, но тоа претежно биле штури информации од категоријата “промоција на кандидатите”, т.е информациите фактографски ја следеле дневната агенда на кампањата на кандидатите, набројувајќи кои места кандидатите ги посетиле и со кого се сретнале.
Она што може да се додаде, во некоја комплементарна смисла на овие недвосмислени заклучоци, е дека локалните креатори на медиумските содржини како воопшто и да не размислуваат на вакво (системско/општествено) ниво, а своето функционирање го редуцираат на тесна пазарна основа, која ги деградира другите функции на медиумите.
Мој личен впечаток е дека кај нас е доминантен таков тип на медиумска перцепција во која ниту медиумите се обидуваат, ниту гледачите бараат нешто во оваа смисла (квалитетно покривање на општествено релевантни теми). Таа локал-логика некако се сведува на оној модел „медиумот како огледало“, но не на стварноста и реалноста, туку на нашите личниставови за општеството и средината. Задоволството го наоѓаме, а така и бираме медиумски содржини, во потврдувањето на своите гледишта преку другите и ментална блокада за различното. Од ова секако прозилегуваат и дефектните појави од типот немање дијалог и толеранција помеѓу различни општествени слоеви и групи од интерес.
Гледачите и читателите во услови на неквалитетно и неаналитичко новинарство, се практично наведени во таквото „сивило“ да одат по инерцијата преку конзумирањето медиусмки содржини од информативен тип, да си ги потврдуваат своите ставови (да се огледаат себе си во другите), отколку да побараат информации и анализи. Ова второво би било по принципот на „прозорец“ (кон стварноста), за која како да забораваме дека е возможно, иако ни е достапно преку регионалните и светските медиуми, подеднакво лесно како и шкарт-содржините (чест и почитание на исклучоци) од домашните медиуми.