Posts tagged publika

Итно да се прекине со загадувањето од рекламите

Во изминативе неколку блог епизоди гледавте/читавте:

-sead93 (тоа сум јас :) на ЦрнаОвца упати порака до јавноста дека „Видовити Милан е битанга“, кој користи различни техники на безобразни манипулации со гледачите, но и неколку слични на рекламите [на пр: Axe], „им кажува  тоа што сакаат да го чујат“ (теза 1).

-Огнен кажа дека „Рекламите на Axe не лажат, туку се делумно фундирани на научни факти“ (теза 2).

-Бранка кажа дека „Рекламите не ветуваат, туку пренесуваат порака/приказна“ (теза 3) + „пораката во рекламата не е promise кој во позадина има научен доказ“ (теза 4) ++ „одговорноста е на потрошувачот“ (не е теза, туку став).

sead93 наведе дека „клучно е што рекламите продуцираат арбитрарен/призволен забавен семиотички материјал чија последица е негативна интерференција помеѓу реалното и фиктивното“ (теза 5).

Бранка одговори дека„основа на реклмата треба да биде УСП-то (Unique Selling Proposal) [теза 6] и дека,  „домашните реклами се, претежно, тапа“.

-Сеад кажа дека: „треба да се покрене прашањето за социјалната одговорност на адвертајзингот“.

Тако даде појасен увид во теориските рамки и генези на ставовите на двете страни.

Сума сумарум, оваа дискусија, за која сум им благодарен на сите кои се вклучија, во смисла на согласност, Деридијански кажано, е класична апорија.Тоа би било како во некаков повеќегодишен судски процес двете страни (тужената и обвинителната) да се согласат? Нема шанси :) Замисли си адвокатот на Красниќи да признае пред суд дека клиентот му е силеџија? Никогаш Но, сепак дискусијата е корисна за да двете несогласни страни си ги изнесат своите аргументи,токму тоа и се трудев низ целата дискусија, не останаа многу недопрени моменти од овој аспект земено.

Згора на ова, дискусијата се водеше на две различни нивоа: мојата аргументација се одвиваше на ниво на последици на одредени појави од јавен карактер, додека соговорничката страна аргументираше на интерно-логичко ниво фокусирајќи се на поставеноста на самата ПР-комуникациија. Според „теоријата на говорни акти“, јас зборувам за перформативно ниво на нештата, додека втората страна говори за „констатативното ниво“ на проблемот. Класична илокуциска/перлокуциска шема :)

Во попластична верзија на овие комплексни семантичко-комуникациски дилеми, сепак се чувствувам како жител на Миладиновци кој протестира пред Окта и вика „Дај намалете малку тоа загадувањето, ставете филтри“, а од таму му одговараат „Нацки, нема шанси, ние мораме да произведуваме за пазарот“. Јас лично не викам да гори „Окта“, туку овде се побара нешто сосем друго, почиста околина, тоа е. Според мене, но и според самите цитати на Бранка, се работи за тези и концепти од 50-те години на минатиот век (кои комбинирани со бихјевиоризмот и психо-анализата од 20-те на истиот век) кои се сѐ повеќе анахрони. Треба промена на овие стари „печки и оџаци“, да се сменат овие ПР-канони, тоа е пораката „ин а нат шел“.

Комуникациски земено, рекламите се „семиотички процес на квалитативна атрибуција кон семантички ентитети (бренд, клиент…) додека тие (самите атрибути) се когнитивно-логички насочени кон позитивна/афирмативна предикација гледано низ конотацијата/интерпретацијата на трета страна (адресат, т.е. оној на кого му е упатена пораката). Резултат на ваквата комуникациска поставеност треба да биде некоја предвидлива реакција (перформативно ниво) или барем „добар осечај“ (афективно ниво). Дефиницијава е миксап од неколку други, но нејзината генеза и не е толку важна, важно е што таа може  да ни разоткрие во даденава ситуација.

Преведено ова на порегуларен македонски би било нешто вака: „Имаш подводаџија (ПР субјект) го претставува Ѓоле (клиент) на група познанички (целна група) како голем шмекер, шармер (семантичка атрибуција) иако тој врска нема каков е Ѓоле (до душа, може и прв пат го гледа, кој знае?). Тие стекнувајќи слика за Ѓоле преку подводаџијата очекуваат овие атрибути тој да ги претече во дела (предикација) и се впуштаат во муабет со него (потрошувачка). Сега можни се различни сценарија (Ѓоле да се смува со некого, да стане другар со некого, но и да разочара тотално, или да не импресионира баш никого), но статистички гледано Ѓоле најчесто не успева да испадне „како во муабетот на подводаџијата“ (значи ова е математички факт кој може да се провери во мал милион анкети, станува збор за релација реклама-услуга, а не услуга-корисник). И при таква статистички доминантна ситуација мојот став во дискусијата е „Ѓоле е фолирант, а подводаџијата е само итра машина за убедување без многу обзири“, Бранка вели дека „подводаџијата само упатува порака, а одговорноста е кај девојките“, Огнен вика „а бе јас го знам Ѓоле, има шетано неколку женски, добар е, не едека е говедо“, Мирјана не прави муабет со типови како Ѓоле, но и е интересно да ги гледа ваквите ситуации и слично.

На рамниште на вистина, нема вистина, се разбира, сите гледаат некој фрагмент од оваа комплексна комуникациска ситуација, но во најсуштинска смисла имаш платен подводаџија кој го препорачува Ѓоле, на заинтересирани страни, а во исто време не го ни интересира дали е он таков каков што го тој го опишува во препораката. Аналогијата со Видовити Милан беше таа, подводаџијата ич не го интересира односот атрибуција-предикација (реклама>>>дела), туку важно е да му дојдат што повеќе типови како Ѓоле и да го платат, тоа е.

Никој не го сатанизира подводаџијата, тој може да има и најдобри намери (како и оние вистинските подводаџии од нашите животи), но сепак неговата улога во оваа „игра“ е индиферентна кон другите фази, а најмалку му е гајле ако сето тоа на крај заврши со некој ужасен „брак“.

Црна овца

Како дел од „интегративните процеси“ :) по подготовка од неколку недели, од денес официјално стартуваше новата колаборативна блог мрежа, или „платформа“, на локалнава блог-сцена под наслов „Црна овца“. Здруженово „блог-претпријатие“ е замислено како алтернативен конструктивен глас на група онлајн ентузијасти, а здружувањето е од флексибилен карактер кој ќе им овозможи на сите кои учествуваат во него, да останат свои и посебни.

Засега во овој проект (да се изразиме со речник на припадниците на нашата естрада) се вклучени следните блогови и блогери:

Конструктивните ставови и критики се добродојдени, некои веќе и беа искажани, па дијалогот секако ќе продолжи. За мотивите и за другите аспекти за ваквите активности повеќе кај секој од блогерите индивидуално. Едно можам да кажам, со извонредна извесност, е дека не се промовира никаков, би рекол „псевдо-елитизам“, скраја да е, а за сите други теми тука сме за отворена комуникација со останатите блогери за се што ќе води кон збогатување на содржајноста на македонската блог и онлајн сфера.