Пред некое сабајле одејќи на работа во локалната градинка во мојава населба бев сведок на следнава ситуација: дечињата од градинката се беа собрале во дворот и заедно со својата учителка нешто шушкаа и одеднаш кога една родителка со ќеркичката се приближи кон влезот на градинката дечињава на глас со учителката започнаа да пеат „Happy birthday to you, happy bitrhday to you, happy birthday dear Jana, happy birthday to you!“. Дечиња, срциња, колку убаво!
Сега, од друга страна, кога човек размислува малку поконзервативистички, сценава е всушност доста тажна. Дечињава никој не ги научил на некоја песна на македонски јазик со која се честита роденден. Од толку детски фестивали и Златни славејчиња не се изнајде ниту една песна за честитање роденден? Денешните кант-автори за деца се презафатени со пишување хитови од типот „Сакам бесна кола но сѐ уште сум мал…“ (тоа е последното што го чув на некој од тв-каналите). Во времето на моето одење по градинки, тешки комуњарски времиња (заб. ав.) немаше шанси нешто да се пее да не е на македонски јазик, а хитовите како „Елко, елко“, „Дувна ветре развигорче“ и слични, просто беа неодминливи и незаменливи.
Гледајќи на иницијативата на „Министерството за информатичко општество“ за поголема употреба на зборови од ИКТ (информациско-комуникациска технологија) прилично се сомневам дека во постојните услови проектите од овој тип едноставно ќе имаат каков и да е ефект, особено кога дечињата кои доаѓаат растат со Хепи брдеј и Cartoon network. Мислам, ако на културната продукција на англиски не можеш да ѝ се противставиш во поглед на една песничка за честитање роденден, како да се противставиш на огромната продукција на ИКТ термини и поими на англиски јазик? No way Jose, no way. Едноставно се работи за реалности со кои треба прагматично да се соочиме.
Проблемот со иницијативи од ваков тип не е во тоа што се тие погрешни или неоправдани, напротив, тие се оправдани во секаква смисла, сѐ е океј со поголема употреба на термините на службениот јазик на земјава, но системската аномалија е што тие се (1) НЕОСТВАРЛИВИ, па преку комисиски проекти, колку и да се слаткоречиви и демократски во основа, едноставно многу малку може нешто да сменат. Ова потсетува на оние комерцијални проекти на „Durex“ за користење кондоми. Сѐ е в ред во однос на грижата за здравјето на младите од разни преносливи болести, но дволичноста е во тоа што ти рекламира кондоми и ти ги продава („за твои пари од твој џеб“, да се послужам со една формулација на новинарот Латас). Ако „Durex“ толку се грижи за нас нека ги дели кондомите бесплатно, многу едноставно. Така и МИО треба да си ги сработи овие нешта, платете луѓе, направете речници, усогласете со учебници, дајте препораки за списанија, медиуми, одржете редици советувања, јавна дебата, експертски заседанија, и така натаму, овие работи се знае како одат, треба само доследнод а се применат, тоа е вистинскиот начин, кој не дозволува импровизации или опортунизам.
(2) Втор важен момент е погрешната јазична политика која се применува овде. На друго место (Депарадигматизација или како актерираме лудост) потсетив дека јазичната политика која се фундира на создавање строг антагонизам и пуританство (само домашно, сѐ позајмено и преземено од други јазици не „нечисто“ и погрешно) е извонредно штетна политика. Јазикот е само инструмент на националната свест (значи пресудна е свесноста за својот идентитет и посебност) и дека има еден мал милион нации (Шкотска, Ирска, Австралија, Нов Зеланд, Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора) кои говорат исти, сродни и слични јазици (а имаш и посебни нации без свој јазик, на пример, Бразил со португалскиот), но ништо не губат од својот статус на посебни јазици или нации. Не велам дека македонскиот за едно 50 години треба да се стопи со англискиот, но некаква прагматична рамнотежа мора да се најде. Мислам оди сега преведи интернет и тастатура? Меѓумрежа и чукалче? Кога еден збор ќе влезе во еден јазик, тој не го „инфицира“, тој едноставно е преземен и усвоен, тој влегува во граматичкиот систем (се членува, се прави множина од самиот збор, и сл.), влегува во акцентскиот систем, и слично, и секако не го загрозува јазикот. Е сега да се има алтернативи и синоними (маус-глувче) е сосема во ред, но за тоа мора некој да работи и да прави речници, кои нема да собираат прашина, туку ќе се употребуваат по емисии , списанија, конференции, учебници, во една постапна, реков компромисна-врамнотежена, форма.
Со некакви рестриктивни политики („ова треба, тоа не смее“), тоа не е можно. Впрочем, во англискиот јазик има над 50 проценти позајмени зборови од францускиот и латинскиот преку францускиот, па кога ќе го видиш речникот на англиски јазик од 600-700 илјади зборови не си викаш „колку е затруен јазикот“, туку „уууу, колку е англискиот јазик богат со зборови и синоними за сите можни поими“. Слично е со арапскиот јазик кој презел многу зборови од персискиот, и така натаму, примери има прилично.
Тоа е здрава јазична политика, која треба да се финансира од парите на граѓаните, а не тука некои симулации и лажни покривања дека „нешто се правело“. Тотален аматеризам кој низ „розовоста“ на својата „добронамерност“ и „душегрижност“ треба само да нѐ успие дури процесот на „happy-birthday-изација“ ќе се одвива со ненамалено темпо.