Како што постапно се развива интеграцијата на новите медиуми во активностите на т.н. класични медиуми (примарно телевизија и печат), и како што расте бројот на информативни интернет страници (агенции?), така и на авторите на овој блог им се наметнува потребата да дадат подршка на овие процеси со по некој пост со „лесна“ едукативна содржина. Се надеваме дека тие позитивно ќе влијаат врз развојот на медиумската култура и псименост како на новинарите, така и на нивните корисници.
Двата најразработени и највлијателни водичи се на BBC и на АР.
Пренесуваме неколку хајлајти од истите, кои мислам дека се интересни и од особено значење:
Редакциите ги охрабруваат своите вработени да ги користат социјалните мрежи (СМ) како неодминливо средство за комуникација во денешни услови.
Покрај правилата за професионална употреба и споделување содржини, редакциите им даваат насоки и затоа како да ги користат и своите лични профили и сметки на социјалните медиуми (BBC: Don’t do anything stupid… Remember that even though you are acting in your own personal capacity, you are on show to your friends and anyone else who sees what you write, as a representative of the BBC. If you are editorial staff, it doesn’t make much difference whether or not you identify yourself as someone who works for the BBC).
Не искажувајте политичка наколнетост во која било опција и ситуација. Нарушувањето на имиџот на компанијата како „непристрасен извор на информации“ е недозволиво.
Не споделувај доверливи информации преку СМ.
Ако имаш свој блог разговарај со својот претпоставен заради расчистување на одредени можни конфликти на интереси.
Споделувањето содржини од вашата редакција и евентуално автоматизирање на нивно објавување координирај го со колегите и уредниците.
Личните преференци (like, RT и сл.) треба да бидат внимателни кон претходно спомнатите интереси на компанијата (непристрасноста и етичноста) и треба да одбегнуваат изразување на одреден политички став, подршка или осуда (на пример не е дозволена содржина од типот: RT@jonescampaign smith’s policies would destroy our school ).
Интеракцијата на СМ со изворите на информации (функционери, портпароли, и сл.) треба да е крајно внимателна и да не наведува на наклонетост или пристрасност.
Новинарите треба да водат сметка дека границата помеѓу приватното и службеното е прилично кревка.
Ако ова доволно ве мотивираше, погледнете ги целосните водичи на овие две медиумски куќи:
Новите медиуми го менуваат новинарството на длабински начин. Тие промени се сé уште во тек и во голема мера се недовршени. Новинарството се обидува да се прилагоди и на новите медиуми, но и на новата „публика“ која повеќе и не е публика. Станува збор за една трансформирана и дисперзирана категорија. Станува јасно дека нема повеќе јавност и масовна публика во класична смисла, туку има НОВ ТИП ЗАЕДНИЦИ кои бараат „заедништво со медиумите“ во процеси на прилагодена интеракција, активна партиципација и двонасочна комуникација. Публиката се дисперзира на КОРИСНИЦИ, а медиумите мораат забрзано да се прилагодат на таа тектонска социолошка промена.
Во ваков „транзиционен“ медиумски контекст интересно е да се преиспитаат некои класични мотоа на новинарството до кои медиумите се држат слепо, не заради сигурност дека мораат, туку повеќе од несигурност кои се алтернативите. Токму во овој правец извонредно интересен е прилогот на socialmedia.biz под наслов „Преосмислување на новинарството во ерата на социјалните медиуми“ и неколку класични новинарски принципи кои авторот предложува да бидат преиспитани. Да ги разгледаме низ адаптирана верзија за нашите услови на овој план:
1. Објективноста е светост
Авторот вели дека моментно се случува сериозен пресврт во кој корисниците не се повеќе толку заинтересирани за објективноста на медиумот, колку што за нив е важна ТРАНСПАРЕНТНОСТА. Уредувачката политика и блискоста на медиумите со одредени општествени моќници не може да се сокрие во денешниот супер поврзан и хипер информиран свет. Она што им останува на медиумите не е да глумат дека се „објективни“ и дека „живеат и работат само за публиката“, туку на транспарентен начин да ги пласираат и презентираат информациите и содржината. Класичарското идеализирање на одамна неприсутната објективност и дволично додворување на корисниците е надминат модел.
2. Содржината е најважна
Неспорно е дека корисниците ги конзумираат медиумите примарно заради нивните содржини, но останува фактот дека тие се приврзуваат кон нив и остануваат на нив само заради КОНВЕРЗАЦИЈА. Ако медиумот им го овозможи тоа, тогаш може да се каже дека тој одговорил на предизвикот на новото време и изградил здрав однос со корисниците.
3. Мобилните медиуми се ограничени
Потребно е што поскоро да се надмине оваа заблуда, а медиумите да се прилагодат на новиот корисник кој сé повеќе ќе ги користи медиумите во движење. Потребно е не само техничко прилагодување на содржините за користење преку мобилни уреди, туку и употреба на редица новоразвиени средства кои ги разработуваат новите технологии.
4. Медиумите треба да ги поттикнуваат граѓаните на преземање акции
(тие треба само да инфомираат, а публиката сама да донесе свои ставови)- Се чини дека „неангажирачкиот приод на медиумите“ vis-a-vis корисниците е надминат модел на дејствување. Медиумите често им се обраќаат на институциите, центрите на моќ и на јавните функционери со цел да преземат некоја акција, решат некој проблем и слично. Поттикнувањето на ангажманот на корисниците главно се сведува на пренесување на препораките за чување од жешки температури, пиење течности и слични тракатанции. Тоа мора да се промени, поттикнување на ангажираноста на корисниците е во склад со останатите начела кои интензивно се развиваат (конверзацијата, партиципацијата и контрибуцијата) и мора да се засновува на врвните општоприфатени етички принципи од типот на јавен интерес, владеење на правото и правдата, хуманоста и слично.
5. Новинарите никогаш не промовираат – Зошто да не?
Промовирањето и препорачувањето се дел од новиот супер-поврзан интернет. Споделувањето е еден од најважните принципи кои ги градат заедниците и мрежите на корисници. Споделување содржини, постови, фотографии, видеа и сé што ја поттикнува конверзацијата е повеќе од добродојдено.
6. Бројките се важни но не баш многу
Иако скептицизмот кон бројките и статистиката кај нас е сé уште силно присутен, сепак нивното влијаание е неспорно, особено кога се тие приложени на транспарентен, сеопфатен и неманипулативен начин. Ова особено се однесува на транспарентноста во однос на број на посети, кликови, коментари и други придружни содржини кои се елемент во прилог на градење доверба и заедница од корисници. Статистиките не треба да се кријат како што е тоа случај со тиражите и гледаноста на домашните медиуми и да бидат некаков супер таен, сокриен документ кој им се презентира исклучиво на огласувачите (и политичарите?).
7. Медиумите треба да привлекуваат публика
Грешка во старт. Единствен спас на медиумите денес е во постапно и трпеливо градење на ЗАЕДНИЦА на корисници кои знаат што ќе добијат од вас. Таргетирање и бихејвиористичко дразнење и манипулирање (особено со тривијални, ниски скокотливи содржини) се помалку ќе бидат ефектни. Светот се менува, тоа е најприродното нешто, а (само) со „ефтини“ мамки не можете да сметате дека некој ќе развие почит или приврзаност кон вас.
8. Медиумите мора сами и контролирано да ги дистрибуираат содржините
Споделувањето не смее да биде подредено на контрола. Медиумите мора да му дадат простор на процесот на слободно споделување и препорачување, не само преку техничко овозможување, туку и со надградба на процесот и промовирање на одредени носители (external content champions/ditributors) во форма на истакнати поединци, агрегатори, персонализирани канали и слично.
Во Велика Британија е спроведено истражување кое покажува како најчесто корисниците поднесуваат жалби до брендовите на интернет. Кое е твоето искуство?
Во последните неколку недели можеме да забележиме одредено раздвижување на локален план на тема нови медиуми. По одржувањето првин на „Glocal -Inside Social Media“ конференцијата, потоа на „E-Society“ и содржајните дебати кои се одвиваа таму, бележиме благ, но надежен, развој на дебатата на овие теми кај нас. Свеста за можностите кои социјалните медиуми ги нудат во секојдневниот живот на план на размена на информации, социјализација и поефикасно функционирање на речиси сите сфери од јавниот живот, се чини дека јакнат во Македонија.
Секако, далеку сме од суштински пробив и исчекор на овој план, но гледано низ некакви реалистични очила, мора да се каже дека развивањето на дебатата охрабрува, особено кога ќе се земе предвид честата појава на негативно покривање на темите околу интернетот, пред сѐ преку различни стории за девијантни однесувања и ексцесни случаи.
По постот на Мите за „Политичкиот дијалог и Твитер“, за тоа како политичките субјекти се прилагодуваат кон новите услови на децентрализирано комуницирање, сведочиме неколку интересни написи во медиумите кои се надеваме дека и понатаму ќе ја развиваат и шират оваа општополезна дебата:
Во сторијата наУтрински весник, и авторката Миркица Поповиќ „На сцена стапуваат нови медиуми“ се посочуваат некои од најрелевантните аспекти со кои новите медиуми можат афримативно да влијаат во општеството:
„Класичните медиуми не можат секогаш да одговорат на барањата на публиката. Во ова време и јавноста бара поинакви информации…Во ситуации, кога онемуваат традиционалните медиуми или, пак, во секојдневните цензури на кои се подложени поради уредувачката политика водена од онаа на сопственикот, на сила стапуваат социјалните медиуми…Кога традиционалните медиуми манипулираат со информациите или и сами се манипулирани, тука се новите медиуми да се посомневаат во тие информации и да отворат дебата“, вели Силвија Присли од „Глобал војсис онлајн“.
Од друга страна, интересот на политичките субјекти кон новите медиуми, се зголемува. Се надеваме дека тоа примарно е во правец кој ќе го надмине формално-трендовското, и сѐ повеќе ќе се доближи до вистинска употреба на интернетот за понатамошна демократизација и полесна комуникација на граѓаните со институциите, носителите на јавни фукнции и други политички субјекти, а не во правец на некакво ново поле за пропаганда или празна политичка реторика:
„Очигледно е дека и во Македонија почнува конкурентска трка на сите нивоа и во сите сегменти за тоа кој и колку ќе има поголемо влијание во Интернет- пространството, колку подобра Интернет-страница ќе има, колку таа ќе биде полезна и лесна за граѓаните, колку ќе биде брза со достава на информациите, итн. Она што дава јасна слика дека доаѓа време кога ќе се намалува влијанието на класичното информирање и на класичните медиуми е фактот дека токму тие, класичните медиуми, меѓу себе се во најголема трка кој и како ќе има свое присуство во Интернет-пространството.“ (Илија Димовски, пратеник).
„Денес главната игра сé повеќе се води на Интернет. Модерната држава треба да го поддржи овој процес и да се приспособи, а не да се обидува да го контролира. Традиционалните медиуми се во процес на приспособување кон новата реалност во која информацијата е демонополизирана, децентрализирана и бесплатна“. (Александар Спасеновски, пратеник).
Како и да е, од нас зависи како и со која динамика овие можности ќе ги искористиме, особено кога се знае дека повеќе не постои таква ригидна дистинкција и одделеност помеѓу јавноста и општествените субјекти. Сега сите сме субјекти кои можат да придонесат во јавната комуникација, но и живеачка.
Постов е надополнување на постот на Сеад (Засвири уште еднаш Сем, жити мајка) каде тој се обиде да даде некои одговори на скетпичните прогнози/анализи на Сем Вакнин. Случајно, веднаш по читањето на тој пост го гледав последното видео на влогот на Howard Rheingold кое не кажува некои ексклузивно нови работи, ама сепак кратко и јасно ја појаснува сегашната и идната состојба на релација медиуми, социјални медиуми и општество обајснувајќи зошто тој решил да држи курс за social emdia користејќи social emdia. Еве го видеото: