Posts tagged soundbite

За звучното парче

Sound bite“, или звучното парче, е поим кој се поврзува со електронските медиуми, особено телевизијата и вестите (поретко и во музиката, како извадок од албум).

Изворната етимологија доаѓа дури од Марк Твен, кој под sound bite подразбирал „a minimum of sound to a maximum of sense“ (минимум звук, максимум смисла). На писател како него не му доликува(ло) да се изразува во директна форма, туку ете „морал“ да скове цела метафора околу поимот, па „sound bite“ го осмислил како „the taste that best represents the entire meal of the larger message or conversation“. Негде помеѓу двете сентенци, со проста контракција и како метафорична синтагма настанал оригиналот на звучното парче.

Постариот Буш, важеше за еден од клучните промотери на овој поим во 80-те со својата реторичка способност да дава куси и јасни изјави (т.н. „one liners“).

Би додал само дека веројатно Буш, да беше малку помлад, веројатно ќе беше одличен твитер-џија. Самиот Твитер е токму тоа, идеален медиум за звучни парчиња. Може да се каже дека корисник на Твитер никогаш нема да има проблем да даде содржајно звучно парче. По одреден период привикнување кон сервис кој ти дава 140 знаци да пренесеш некоја порака, звучното парче ти изгледа како епска форма.

Ете и причина повеќе нашите јавни личности повеќе да користат Твитер, но за сега не гледам дека оваа едноставна порака може некој да им ја всади в глава.

Само-опредметување како метод на еманципација

Моментно работам на превод на текстот на д-р Зала Волчиќ и м-р (2b) Мојца Планшак од годинешнава „Glocal2“ претставен под насловот „Social Networking as a Way of Crafting Commodified Identity“ кој ќе биде објавен во зимскиот тримесечник на „Културен живот“. Во него авторките на аналитички начин ги разгледуваат начините на кои се само-претставуваат жените (девојките) на сајтовите ала-Facebook/MySpace. Низ методите на феминизмот и пост-феминизмот се разгледува кои се сѐ последиците од практикувањето на слободите на модерната жена во онлајн сферата.

Еден од поклучните заклучоци е дека, жените (на овие сајтови) симулирајќи ги методите на претставување на жената во машки доминираните медиуми подлегнуваат на континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите изборени слободи.

Машкиот поглед (male gaze) или „опул“ во современите медиуми историски се поврзува со ренесансата и машкиот поглед на уметникот кој женското тело го користи како предмет во својата борба со тогашната владејачка средновековна идеологија.

Еве неколку цитати од овој текст (да не глумам тука расипан телефон):

Иако жените сега уживаат сѐ она што за претходните генерации беше незамисливо, особено на поле на сексуалните слободи, тие во исто време се подредени на низа ненасилни, но во исто време екстремно наметливи, дисциплинирачки техники кои ги регулираат димензиите на нивните тела, неговите контури, движењата, гестикулациите, како и општото држење во јавниот простор, и појавноста на сите негови делови…

Постои сѐ пораширен став во феминистичката литература дека, на пример, MySpace, ги еманципира жените. Жените ја наметнуваат својата независност и еманципираност во општеството (…) и , спротивно на минатите времиња, сега жените се ре-сексуализираат за себе, а не за мажите. (Сепак)… медиумите ги претставуваат жените на сѐ посексуализирани начини, слично на претставување(то) на предметите за продажба преку вообичаените техники…а тие претставувајќи се преку овие техники прават еден вид континуирано само-опредметување како парадоксален начин на практикување на своите слободи…