Posts tagged ???

Најзастапени области во ТВ вестите

Според најавеното, во неколку „продолженија“ ќе се обидам да пренесам некои од поинтересните резултати добиени од моето истражување како дел од магистерскиот труд на тема „Разлики во телевизиските дневници на програмските сервиси во Македонија“.

Истражувањето беше изврешено во текот на септември 2009 и се однесува на оние домашни телевизиски сервиси кои емитуваат програма на национално ниво по терестријален пат, односно во неа не се вклучени ТВ-сервисите кои емитуваат програма преку сателит.

Во овој прв пост го издвоив „ѓевречето“ кое се однесува на застапеноста на различните теми во телевизиските дневници, зададени и групирани во соодветни области:

Од горе прикажаното се гледа дека најзастапени содржини во домашните вести беа (се) прилозите од областите политика (37.06%) и хрониката (црната хроника или крими-хрониката) со 24.99%.

За многумина ова секако не е изненадување, но она што се покажа како дополнителен наод од истражувањето беше тоа што темите во телевизиските вести во голем степен можат да бидат наметнати од т.н. „моќни извори“ на информации (политички субјекти, институции и сл.). Како резултат на заинтересираноста на политичките субјекти да доминираат со информативните програми тие успеваат да им наметнат на домашните медиуми речиси секојдневно серија на т.н. „политички псевдо настани“ и со тоа да им ја диктираат и агендата за која се заинтересирани. Како резултат на тоа кај домашните медиуми се уште преовладува т.н. „регистрирачко новинарство“ при кое медиумите де факто трчаат по политичарите и темите кои тие им ги сервираат.

Втор индикатор кој се покажа како важен од овој дел од истражувањето е т.н. „провинцијализација“ на вестите кај нас, односно минимална застапеност на вестите од светот, што во услови на интензивна поврзаност на земјтие во овој глобализиран свет, е навистина назадна и неразбирлива логика на нашите телевизии.

Медиумскa интензификација

Скорешните случувања околу судењето на „Pirate Bay“ ме потсетија на една дебата која одеше на една од локалните телевизии пред неколку години (не знам дали беше баш „Зебра“, ама ја водеше Ели Пешева) за авторските права и т.н. „пиратство“. Помнам една од изјавите на Сашо Мацановски-Трендо во таа емисија во која ја оцени пазарната политика на „Мајкрософт“ како (парафразирам, по сеќавање) „политика (слична) на дилер на дрога кој дозволува (поттикнува) пиратство во одредени региони за да ги навлече корисниците на своите производи“. Веројатно по фазата на „навлекување“ следуваат оние кампањи за легализација на софтверот на Мајкрософт и вистинското офајдување од продажбите, како што тоа беше случај со  договорот на македонската Влада во декември 2003.

Би сакал овој пример на „пазарна борба со сите средства во која на сите сѐ им е дозволено“ да го проширам и надградам кон концептот „медиумска интензификација“ потпрен на премисата дека целата медиумска индустрија работи врз таков дилерски принцип. Се работи за општ културолошки феномен и дел од секојдневната психологија, која само се пресликува во сферата на медиумите.

Медиумските содржини и различните жанрови постојано еволуираат така што претставуваат проширена, надградена и интензивирана верзија на своите претходници. Ако некогаш бакнувањето на актерите на сцена било „првокласна контроверза“, денес тешко дека може да се каже дека тоа воопшто е и некој настан вреден за споменување. Денес дури и во сапуниците, „романтичните“ сцени (а романсата е сѐ во сапуниците, нели?) повеќе наликуваат на меки еротски сцени, отколку на романтични сцени за нашите домаќинки. Медиумските концепти врз кои се базираат самите жанрови или програмски цели, континуирано се интензивираат и стануваат сѐ поекстремни во однос на своите првични или претходни форми. Одвишно е да се каже дека вестите и информативните програми стануваат сѐ поекстремни.

На пример во моето детство „Мечето Ушко“ беше стандард за цртаните филмови, додека „Тарзан“ беше онака цртан кој ги преминува границите и претставува нешто поинтензивно, повозбудливо и само за вистинските мажи меѓу момчињата. Денес кога ќе погледнеш на Тарзан во споредба со разните акциони Манги (Naruto, Iron Kid)  кои се вртат на домашните телевизии, Тарзан веројатно би се рангирал како цртан филм дозволен за доенчиња.

Да се вратам на примерот од првиот пасус: оваа логика на еволуција има доста аналогии со „еволуцијата“ на зависник од опојни средства кој откако ќе проба посилна „роба“ нема шанси да се врати на претходната и послаба, таа повеќе не му врши работа. Производителите на медиумски содржини како да се длабоко свесни за овие закономерности и продолжуваат да нѐ трујат со сѐ посилни опојни медиумски содржини. Сепак мора да се каже дека апатијата и досадата на гледачите (кои стануваат сѐ понезадоволни од истите содржини, иако се правени само за да ги задоволат на секаков начин токму нивните потреби), е само линеарна последица на медиумската еволутивна интензификација.

Досадата на гледачот е онака како кивање кое нѐ предупредува дека нешто не е во ред со нашето здравје и дека треба да реагираме.