Скоро бев учесник на неколку дискусии за турбо фолкот [TФ] (сезона на свадби е, па темата се наметна некако, и пред трпеза и овака онлајн), па некаков сумарен муабет од истите: малку е глупаво да критикувате нешто, а да се поставите игнорантски кон самата тема, т.е. да чекорите по работ на стереотипноста и затупеноста тврдејќи дека сте толку „over“ ТФ и подобри од тие што го слушаат.
Значи неколку аргументи за разбивање на истиот стереотипен муабет против турбо-фолкот (спротивставувањето на ТФ не е спорно, зборуваме за аргументирање на своето противење):
- турбо-фолкот е само српска варијанта на еден поширок феномен „ПОП-ФОЛКОТ“. Значи не е измислен од северните соседи, туку е како и повеќето нешта, прилагоден регионален или глобален тренд. Грците, Турците, Бугарите, Албанците, Романија и Унгарија имаат свои слични под-жанрови кои комбинираат фолк и етно елементи со модерен поп звук (ритам, денс звук и сл.). Варијантите се различни, формите варираат, концептот е тој.
- српскиот турбо фолк е успешно извезен во републиките од поранешна СФРЈ (БиХ, Хрватска, Словенија, ЦГ и Макеоднија, а прилично и во Косово и Бугарија) користејќи ги традиционалните врски на музичката и кафеанската индустрија, како и носталгијата на публиката по „светлите Југо денови“.
- ТФ се прошири и заради навиките на публиката, произлезени од заедничкиот медиумски пазар во времето на СФРЈ, кога беше и зачнат турбо фолкот преку тогашниот југословенски НЕО-ФОЛК или т.н. новокомпонирана музика. Сите се сеќаваме на Супер Снеки, Сузи сл. ѕвезди од „Тесна кожа“, кои не беа турбо-фолкери, но беа неспоредни претходници на турбо-фолкот.
- ТФ се трансформираше од кафеанска разбибрига во доминантна медиумска музичка „култура“ во ерата на војните во екс-СФРЈ, кога од низа околности се здоби тешки девијации во смисла на хедонизам, вулгарност и рудиментарност. Од самиот тој контекст произлезе неговата инструментализација за тоа да биде „опиум за народот во време на војни, блокади, санкции, и криминализација на општествата од регионот. Постојат и ориентални корени на ваквата „култура“ се разбира, но во умерена мера.
- Мојата интерпретација на кичот (бледо копирање и симулирање на уметност) не ми се согласува со ставот дека „ТФ е кич“. ТФ нема никаква интенција да биде уметност, да задоволува естетски критериуми и потреби. ТФ е надвор или подолу и од кичот, Како што порничите не претендираат некој да ги номинира за Оскар, така и ТФ не претендира кон уметност, така што формулирањето дека ТФ е кич е несоодветна фраза (се работи за типична непертинентна формулација, како да кажеш јаболкото е водоземец).
- Автор на самиот термин ТФ, беспоговорно е Рамбо Амадеус, кој како што вели на „спрдачина“ го лансирал истиот. Неговиот прототипичен ТФ пародиран хит е „Vanzemaljac“. Прва ТФ нумера, според мене, е „Slažeš li se ti?“ на Џеј Рамадановски, инаку у саунд-трак на „Hajde da se volimo 1“ (па вие пресметајте која година му доаѓа тоа, средина на 80-те) сос Лепа Брена.