На Чарли Брукер (Charlie Brooker) не му треба некоја особена најава, човекот веќе е своевиден бренд-за-себе, го сакале лично или не. Провокативноста, остриот јазик, проникнувачките аналогии и директниот пристап кон темите кои ги обработува, се негови препознатливи методи за „свестување“, но и едукација, на публиката. Во оваа 2011 започна неговиот нов проект под наслов „How TV Ruined Your Life“, сатирично-комична образовна серија, која употребува комбинација од скечеви и архивски снимки со цел, како вели авторот, „да се истражи јазот помеѓу телевизијата и реалноста“.
Бидејќи на темава ептен се чувствуваме погодени, грев би било да не ја споделиме на овој блог кој горе-долу има слични доблезни цели, т.е. подобро разбирање на денешните медиуми. Подолу, мојата омилена 3-та епизода од серијалот „Аспирација“:
“I wish I looked like Cindy Crawford“, Cindy Crawford.
Влијанието на рекламите на нашите претстави за реалноста и светот кој нè опкружува е прилично голема тема која најдиректно го покажува силното влијание на медиумите во нашите животи. За разлика од политичките реклами и кампањи, се покажува дека адвертајзингот повеќе работи на принцип „тивка вода камен рони“ кој многу подлабински ги наметнува своите вредности во секојдневието и вредносниот систем, за добро или зло, сеедно.
На оваа тема во 2005 изработив мини-истражување за типовите на ликови кои доминираат во рекламите кои нашите гледачи ги гледаат. Лично не сакав повторно да ја линкам, но Дарко ме потсети и убеди, а гледам во право бил, па еве ја повторно, со оправдание дека некои работи не се менуваат така лесно и бргу, „Претставување на половите во телевизиските реклами“ (ако не сте по „теоријата“, детали околу самото истражување следуваа од страна 11, па понатаму во текстот):