Media & Marketing Blog

Што ни порачува Coca-Cola во нејзината Avatar реклама?

Како за почеток во новата 2011 (патем честитки до сите) имам задоволство да најавам гостинки пост на мојата колешка Биљана (Биби) Угуровска (LinkedIn)

Рекламите на Coca-Cola се направени за да го привлечат вниманието. Претпоставувам дека најчесто се успешни во тоа – се работи за една од компаниите која повеќе од сто години посветува доста внимание и пари на своето рекламирање.

Овде ќе зборувам за една реклама во која нема Дедо мразовци и камиони, нема млади девојки кои се среќни бидејќи можат да пијат Coca-Cola и да ја задржат својата линија, нема момчиња со раскопчани кошули кои ја задоволуваат својата жед, а сепак како и повеќето рекламни спотови на Coca-Cola и овој е динамичен, весел, разигран, има одлична анимација и целта му е вистинско доживување на задоволството.

Можеби сѐ започна кога мечките почнаа да пијат Coca-Cola. Во последните неколку кампањи се користи пристапот на фантастиката односно на постојниот реален свет му се доближува еден друг фантастичен свет на мали, скриени и незабележителни нешта и процеси, кои всушност ја создаваат магијата на брендот…

Сепак, овој пат станува збор за еден малку поинаков свет, кој ќе ве оставам да го доживеете самите.

После првото гледање на рекламата, не останав само на класичното позитивно Coca-Cola чувство, туку се најдов некако засегната.

Главниот лик, ако го толкуваме и текстот на песната, тргнува во секојдневна прошетка во која очекува дека ќе сретне нов пријател, онака спонтано, како надреалситичко откритие на среќата – зад аголот на улицата. Но, светот во кој се движи нашиот лик е веќе преполн и населен со чуда и со “откритија”. Тука се собрани сите можни суштества на новите и популарните митологии, од стрип хероите до ликовите на World of Warcraft.

Нашиот реален свет има паралелни виртуелности

Овде светот на имагинираните суштства веќе не е скриен, тој постои во исто време со реалниот. Тука не станува збор за фантастичниот свет на инсекти кои пијат Coca-Cola, туку е сепак нашиот реален свет со сите негови останати паралелни виртуелности. При спојот на овие два света, реалниот и дигиталниот, постоењето на фантастичното повеќе воопшто не нѐ зачудува. Дури и ако малку се задлабочиме станува тешко да се разокрие што е навистина реално. Ние ги населуваме нашите аватари, кои свесно или несвесно, ги носиме секаде со нас.

Виртуелно поврзани, честопати не успеваме да оствариме персонална конекција, ниту пак вистински да го погледнеме светот околу нас. Новите медуми сѐ повеќе стануваат посредници помеѓу нас и директните искуства. Дали воопшто можеме да имаме автентични доживувања на она што ни се случува?

Додека Оркот (Orc) зборува по телефон, не забележува дека се судира со главниот лик.

Космонаутот веќе подолго време се труди да влезе низ вратата.

Внесени во технологијата, аватарот претставува нашиот безбеден штит од светот околу нас. Да, тука сме сигурни и најчесто имаме можност да правиме сѐ што отсекогаш сме посакувале, но не можеме да го постигнеме во реалниот свет.

/LF myself…

Во потрага по нашиот виртуелен идентитет, дали навистина можеме да откриме кои сме? Дали можеме да се пронајдеме себе си?

Аватарот кој неколку пати ја менува својата форма:

Сепак нашите моќи и нашата слобода од обврските на секојдневието се можни само во виртуелниот свет. Ликот кој е всушност суперхерој во дигиталниот универзум, е премногу зафатен со сериозни предизвици во виртуелниот свет за да им помага на луѓето во реалноста околу нивните банални проблеми.

Исто така, малиот симпатичен вонземјанин, занесен во видео играта не го ни регистира своето куче, додека мајката механички го лула детето пишувајќи пораки.

Но, она што е интересно е тоа дека дури и ако сите овие ликови беа претставени без своите аватари, тие повторно ќе се однесуваа на истиот начин, бидејќи аватарите се дел од нив. И суперхеројот, и вонземјанинот и мајката се оддалечени, замислени и заталкани низ своите виртуелни светови. Едно е несомнено: сакале или не, оваа приказна многу повеќе го рефлектира нашето секојдневие, отколку Дедо мразот што му помага на продавачот да ја помине Новогодишната ноќ со своето семејство.

На крајот, главниот лик налетува на огромен, зелен огар со кој заедно посегнуваат по едно шише Кока кола. Луѓето се долго време маѓепсани, па намсето да се бакне жабата, доволен е само обичен контакт: во моментот кога погледите ќе им се сретнат, огарот неочекувано се трансформира во убава девојка.

Happy end

Заклучокот од оваа кибер бајка е дека Coca-Cola е моќното оружје, амајлија, магичен напиток, последната есенција на природното, на реалното, коешто на нашиот херој му помага да ги сруши дигиталните бариери и да оствари вистинска човечка поврзаност. И ако се анализира самата трансформација од имагинарно суштество во човечка форма, таа секогаш во бајките означува happy end. Конечно, quest-от (мисијата) на главниот лик завршува, а Coca-Cola повторно станува симбол за уживање, среќа, радост, социјализација и забава…

Рекламава отвара многу прашања за кои веќе со години се водат многу дискусии на различни полиња (академски, маркетинг и сл.) Во оваа прилика јас ќе отворам само две:

1. Дали Кока кола се труди да им се допадне на луѓето инволвирани во дигиталниот свет или пак суптилно упатува критика кон нив?
2. Дали во кибер просторот се однесуваме поразлично отколку при персоналната комуникација во живо?

Кој е твојот став? Или можеби мислиш дека треба да се постави и друго прашање?

5 коментари на “Што ни порачува Coca-Cola во нејзината Avatar реклама?”

  1. Darko Buldioski

    Ќе беше далеку појака критика видеово доколку беше малку повирално и не искористеше клише (хепи енд со шишето coca-cola) на крајот. Со тој потег едноставно наведува на помисла дека само ги користат новите клиешеа врзани со традиционалните 🙂

    Секако дека има аргументи кои одат во прилог на критиката која ја искажуваат, но од друга страна, веројатно еднакво има и аргументи кои можат да го дематнтираат истото. Зарем немало („обични” луѓе) кои иницирале некоја онлајн акција со која всушност станале суперхерои? Односно собрале пари или добра за да помогнат некому?

  2. blerim

    dali ova znaci deka COCA-COLA ne e veqe oreigionallna,.e samo virtuallna ili kako sekoja hrana shto e fallsifikuvana i rasipana so aditivi

  3. Frankie Hernandez

    I just like the helpful info you provide in your articles. I'll bookmark your blog and check once more here frequently. I'm reasonably certain I will be told plenty of new stuff right here! Good luck for the following!

Коментарите се затворени.