Media & Marketing Blog

Како да препознаеш лажни вести и онлајн дезинформации

Зголемениот број извори на информации и честите општествени превирања сѐ почесто ни ја наметнуваат потребата внимателно да бираме како и каде се информираме. Ви пренесуваме неколку корисни совети за тоа како да избегнете манипулативни и лажирани информации.

1. Провери го објавувачот

  • види го внимателно домејнот, провери да нема чудна веб адреса како com.co, go.com, или се работи за сајт/блог на WordPress платформа (лажните вести често се објавуваат на сајтови кои сакаат да ве залажат дека се работи за друг медиум кој ви е веќе познат).
  • провери дали сајтот на објавувачот има импресум (за нас, редакција, контакт), и провери дали медиумот има претходни случаи на лажни вести и пропаганда.
  • провери дали текстот е потпишан (ако е, дали авторот е познат, дали има онлајн референци за него, или други податоци кои го потврдуваат неговиот идентитет, лажните вести често немаат наведени автори).

2. Провери ја содржината

  • провери дали содржината на написот се согласува со насловот (лажните вести често имаат манипулативен наслов, т.н. кликомамец/clickbait).
  • провери дали текстот користи валидни извори на информации (други медиуми, институции, линкови и останати проверливи извори).
  • провери го датумот на објавување на веста (лажните вести често немаат датуми на објава).
  • провери ги фотографиите на https://images.google.com
  • дали текстот користи новинарски стил (лажните вести користат поедноставен јазик без новинарски жаргон).
  • дали текстот има многу печатни грешки (лажните вести се нелекторирани).
  • провери дали текстот пренесува информации само од една страна и еден извор на информации (учесник, очевидец, аналитичар, јавна личност и сл.).

Златно правило: Што поскандалозно звучи веста, толку повеќе треба да внимаваш и да ја провериш веста.

3. Како да провериш твитови и ФБ статуси

  • провери ги информациите преку пребарување на клучни зборови, имиња и локации на пребарувачи и агрегатори на вести, внимавај дали информациите се потврдени во најмалку 2-3 кредибилни медиуми од општа доверба
  • провери ги фотографиите на https://images.google.com/
  • провери дали се работи за т.н. „бот“, види ги деталите од профилот, другите содржини, био(графијата), профилната слика, време и фреквенција на објавување, и други детали кои ќе ти потврдат за каков корисник се работи (ѕирни го сервисот https://botcheck.me/).
  • ако медиумите и онлајн порталите цитираат само извори од социјалните мрежи, информациите земи ги со резерва и почекај/побарај потврда од други извори.
  • разгледај ги внимателно фотографиите и видеата, тие често можат да те излажат со селективно прикажување на само дел од целиот настан, или со манипулативно фокусирање и вадење од контекст, провери ги деталите од нив, како на пример локација, позадина, временски услови, годишно време, облека на прикажаните лица, и сл.
  • прашај пријател, локален жител, новинар или друго поискусно лице или познавач.

Дополнителни информации и совети можете да најдете и тука: 7 видови на лажни вести