Media & Marketing Blog

За јазикот на омразата

Многу се зборува за говорот на омраза. Се зборува во дебати, на разни предавања и конференции, во кампањи. Се зборува во бројни проекти, невладини, владини, регионални, интернационални, сите нè уверуваат колку е штетен говорот на омраза и колку се сериозни неговите последици. Во реалноста проблемот опстојува, со недоволни или незначителни промени. Каде е проблемот?

Говорот на омраза е само врвот на сантата мраз на Омразата. Се работи за многу сложен проблем кој мора да се третира долгорочно и сеопфатно.

Ако ви се случило да ви тече вода во купатило и повикате мајстор, мајсторот не ја зачепува дупката од кај тече, туку бара од кај тече водата. Бара, чука, копа, буши, растура плочки, раскопува сè што треба дур не го најде местото од каде тече. Ние говорот на омраза се обидуваме да го решиме со зачепување на дупките од каде што тој истекува. Не така.

Од каде тече говорот на омраза?

Говорот на омраза во нашата средина има две главни изворишта: „политиките на омраза“ и „културата (т.е. идентитетите засновани) на омраза“.

Политичките партии и нивните подизведувачи во медиумите и цивилниот сектор се главните креатори и пропагатори на политиките на омраза. Омразата се (зло)употребува како средство за мобилизација на членството и граѓаните, во услови на креирана опасност од некој друг. Тие ја создаваат и одржуваат атмосферата на постојана закана од друга партија, заедница, народ, држава, религија или култура. Некој ќе дојде и ќе ни земе сè што имаме, ќе нè уништи и разнебити и затоа мора да се мобилизираме и да возвратиме на таа закана на секаков можен начин. Ако треба и со сила. Омразата е само погонско гориво во таа, оправдана, борба. Проширеното злоупотребување на омразата во политички цели може да има кобни и фатални последици. Омразата е како ѕвер кој го храните и со кого ги плашите другите, сè додека не избега од ваша контрола. Кога тоа ќе се случи, тој ѕвер ги уништува другите, но многу често ги проголтува оние кои го чувале и хранеле.

Културата и идентитетите на омраза се најсложениот и најдлабокиот слој од кој извира говорот на омраза. Се работи за наталожени претстави (images) и наративи за нашите идентитети наспроти кои мора (?) да има некој друг идентитет кој е непријател. И тоа не обичен непријател, туку архи-непријател, вековен, исконски, вечен! Нашиот идентитет не е можен ако не постои тој Другиот, во однос на кој се дефинираме со тоа што го мразиме. Јас сум ЈАС затоа што го мразам тој (злиот) Другиот.

Без разлика на кое ниво да е оформен идентитетот, спортски, политички, верски, културен, сексуален, национален, расен, идеолошки, идентитетот заснован на омраза фукционира на ист начин: постојана борба и конфликт со Другиот. Говорот на омраза во исто време комуникациски ве идентификува како дел од својата група, се поврзувате со оние со кои користите исти зборови и изрази и ве групира наспроти Другиот. Условите за конфликт се оформени и тој потоа се манифестира зависно од надворешните услови. Додека постои надворешен систем на безбедносна и правна контрола (полиција, судство) конфликтот главно се реализира комуникациски и инцидентно, но во случај тие системи да крахираат, конфликтот лесно може да се трансформира во уништување без контрола.

Што да се чини (попрво) во вакви услови?

Мора да се спомене една важна одлика на времето во кое живееме: една од клучните особености на новите комуникациски технологии е засилувањето на ефектите од нашето комуницирање. Се засилуваат позитивните страни на ново-медиумското комуницирање, на пример, се поврзувате со пријатели и роднини на другиот крај од планетата. Но, во исто време се засилуваат и негативните страни на комуницирањето: луѓето со зли намери и вешти во ширењето на омразата исто така лесно се поврзуваат и го засилуваат ефектот на омразата. Социјалните мрежи стануваат расадник во сеењето и одгледувањето на говорот на омраза. Созреан тој потем може молскавично како вирус да ги уништи сите одбранбени механизми кои му стојат на патот.

Заклучно:

  • Да се сопре говорот на омраза, ако веќе не може да се искорени, мора истовремено да се дејствува на сите рамништа каде омразата и говорот во негова служба се оформуваат.
  • На ниво на комуникација тој треба безусловно и континуирано да се обележува, осудува и санкционира. Треба да му се откаже секаква поддршка, дури и кога се согласувате со некого за одреден став, користење говор на омраза е недозволиво. Реагирајте, посочете, осудете.
  • На рамниште на политики на омраза, дејствувајте свесно и совесно и не давајте поддршка на вакви „политики“: поединец обземен со омраза може да биде прилично штетен за својата средина, а замислете колкава може да биде штетата кога таква поединечна или групна омраза под своја контрола ќе добие ресурси на власта и можност својата омраза да ја легализира во процедури и закони.
  • И конечно, на рамниште на културата и идентитетите, образованието е сферата каде мора да се направат храбри чекори. Не само да се отстрануваат идеи и содржини кои можат да креираат или потхрануваат омраза, туку и да се промовираат идеи и содржини кои ќе имаат спротивен ефект, пред сè полезна и позитивна комуникација, како и промовирање на хуманоста и толеранцијата во денешниот вмрежен и поврзан свет.