Media & Marketing Blog

Кајгана 3.0 – многу повеќе локално креирани содржини [интервју]

Изминатиов период неколку пати разговарав (за неколку различни работи) со Дарко Лазаревски, уредникот на Кајгана. Не помина муабет а Дарко да не ми ја спомне новата верзија на Кајгана која во тие моменти ја подготвуаа. Звучеше интересно но ја немав видено. Конечно вчера тие ја претставија новата врзија и тоа почнаа да го применуваат новиот концепт каде фокусот е на локално продуцирана содржина. За таа цел на брзина му испратив неколку прашања на Дарко и еве ги одговорите:

6 години kajagana.com не се малку. Колку се променија крупните планови за сајтот од тогаш до сега?

– Четири месеци не делат од цели 7 години како постои Кајгана. Од почетокот на 2005 година наваму се променија многу работи, не само со Кајгана, туку и со традиционалните и со интернет медиумите, а и со публиката. На почетокот не постоеја крупни планови, но сепак постоеја планови. Многу работи се променија во изминатите години и континуирано се менуваат. Ете, тазе пример, Кајгана се смени вчера, доби нова верзија.

Вчера пуштивте нов дизајн. Ве турка конкуренција, ви дојде време за реновирање или пак има некоја друга главна мотивација за редизјнот?

– Кајгана 3.0 е резултат на сето тоа што сакавме да го направиме во последниве 2 години: да ги елиминираме сите недостатоци на нашето чедо за кои бевме свесни, но и да одржиме чекор со времето и новите трендови и функционалности кои тоа ги носи. Сепак, главната промена не е само визуелна, во поглед на дизајн, туку во целосниот концепт на новата Кајгана и што таа сега ќе им понуди плус на своите читатели во однос на претходната. Во сите медиуми, а посебно кај интернет медиумите недостасуваат локално продуцирани содржини – ова е нашиот нов предизвик.

Кои се главните разлики за читателите, а кои за огласувачите на „новата” Кајгана?

– Читателите добија многу пообемен и подобро организиран сајт составен од потпортали, збогатен со нови рубрики, а допрва ќе добијат и многу повеќе локално креирани содржини. Предизвик ни се и видео содржините со кои почнавме уште од вчера вечер, се сефтосавме со покривање на Пиволенд како музички настан, публиката имаше можност да види видеа и фотографии од изведувачите уште додека нивните настапи беа во тек.

Со новата верзија станавме првиот македонски сајт кој го практикуваше, но целосно го напушти банер/неделно моделот на продажба на огласен простор (кој искрено не знам дали некаде освен во Македонија сеуште постои) и воведе исклучиво таканаречен CPM модел, кај кој цената е за закуп на прикажувања, а не за временски период. Со ова, огласувачите конечно знаат точно за што плаќаат, имаат прецизен увид во текот на нивните кампањи, како и во нивниот ефект. Секој огласувач добива и пристап до системот каде го следи сето ова. А огласни активности ќе можат да се реализираат и со многу помали буџети.

Дали сега повторно би се нафатиле да го направите тоа што се одлучивте да го правите пред 6 (скоро 7) години?

– Да. И иако некој сигурно смета дека конкуренцијата во тоа време била многу помала и било многу полесно, сметам дека во денешно време е многу полесно од причина што на луѓето не треба да им објаснуваш што е тоа сајт, зошто служи и што се прави на него. Каналите за промоција во денешно време се многу подостапни, во 2005-та не постоеше Twitter, не постоеше Facebook каде илјадници луѓе во еден ден може да дознаат за твојот производ. На огласувачите во денешно време не треба да им објаснуваш зошто треба да се огласуваат во интернет медиуми. Во денешно време, ако направиш добар производ, многу побрзо може да стане успешен.

Пазарот на интернет огласување во МК расте, дали е тоа доволно за да се одржи сајт кој има тим од десетина луѓе или мора да се работи и нешто друго?

– Пазарот расте, но сеуште расте прилично килаво. Според некои бројки за 2010 година, на интернет огласување се потрошени околу 0,26% од вкупниот колач за огласување во Македонија, што е смешка во споредба и со државите во регионот, а да не правиме споредба со другите. Нашиот тим нормално не беше толкав на стартот, растеше со текот на годините и во склад со можностите. Нас ни е ќеиф што направиме сајт кој стана самоодржлив како проект и се одржува од интернет огласување.

_____
Јас морам да бидам си бидам искрен и да кажам дека не сум еден од оние кои редовно ја посетуваат оваа страница нити пак сум активен на нивниот форум, но го следам развојот на локалните интернет медиуми и овие потези на Кајгана особено ме радуваат воповеќе погледи. Повеќе локална (сопствено произведена) содржина и CPM модел за закуп на огласувачки простор.

Дали ти ја читаш Кајгана и кое е твоето прашање за Дарко? Коментарите се отворени, а верувамна Дарко нема да му пречи да одговори и на уште некое прашање.

_____

дополнување: mnogoo.mk е прв локален сајт кој исклучиво работи по CPM модел, иако сум го користел нивниот систем, сепак измив сабајлево кога го пишував постов. Не беше намерно :). Како и да е, лично многу мерадува ова придвижување за кое веќе со години трубам дека требаше да се случи 😉

13 коментари на “Кајгана 3.0 – многу повеќе локално креирани содржини [интервју]”

  1. Ивица

    kajgana.tocka.com.mk

    Успеаа да го ископираат Точка и да станат агрегатор на вести.

    Браос!

  2. Дејан

    Истиот концепт како Точка. Уште и вестиве од Макфакс…

  3. Darko Buldioski

    Момци бидете поконкретни? кој е тој концепт? забавен портал? дизјан? содржина? не се важи вака само „рандом хејтање” 🙂

  4. М

    Mnogoo е првиот портал во Македонија кој почна со CPM огласување. Очигледно и не го следиш баш развојот на локалните интернет медиуми. А Кајгана само копираат, немаат ама баш ништо оригинално, од содржина до модел на огласување.

  5. Александар

    Одлично е, далеку попрегледно и светски. Мене искрено ми се допаѓаат промените. А коментариве на точкецов погоре се легендарни и очигледно пишани во гнев. Ме потсетија на еден добро познат меме: U JELLY BRO? 🙂

  6. Darko Buldioski

    @M

    Да точно, Mnogoo нуди закуп по тој модел, но и нуди многу повеќе од тоа со нивната платформа. И пред Кајгана има сајтови кои нудат закуп по CPM на пример on.net.mk но кога го напишав тоа мислев на сајт кој нуди исклучиво закуп по CPM.

    Што се однесува до содржината не сум меродавен да коментирам, како што пишав не го читам редовно. Во секој случај решиле да инвестираат во производство на истата а не да преведуваат што секако сметам дека е за поздрав.

  7. Ивица

    @Darko Buldioski

    Мислам на:

    1. лејаутот на сајтот

    2. Менување на концептот на сајтот – од забавен портал -> во агрегатор на вести (пр. макфакс).

    3. Сето тоа е еднакво на точка.ком.мк

    4. Апсолутно не хејтам, супер изгледа сајтот, ама шо дека?

    • Darko Buldioski

      @Ивица
      ОК, фер. Немам намера да ги бранам Кајгана 🙂 во секој случај. Се сложувам дека изгледот не е најважната работа. Останува да видиме како ќе им оди со новиот план за креирање содржина. Синоќа од Пиволенд ОК материјал обајавија.

  8. Дарко

    @M Препрочитај уште еднаш. Не реков дека Кајгана e прв .мк сајт кој нуди CPM модел, ниту дека е прв кој нуди исклучиво CPM модел туку дека е прв кој го практикуваше – но го напушта моделот банер/неделно и воведува исклучиво CPM.

    @Ивица

    Агенциски вести се нормална работа која постои во секој медиум во светот, без исклучок. Која е твојата логика дека тоа е нешто лошо? Нормално дека не можеме да отидеме во Њујорк од лице место да известуваме за ураганот, затоа постојат новинските агенции кои продаваат претплата.

  9. Cvetko

    Сите сте #компјутерџија

  10. М

    @Дарко

    Кајгана не е ни првиот.мк сајт кој го практикува CPM моделот. Муабетот ми е дека не треба да се однесувате како да сте измислиле топла вода.

  11. Дарко

    Па не е прв, еве по трет пат ти кажувам. Ај, може од трета мајка ќе сфатиш што имам напишано. Нормално дека не сме измислиле топла вода, само сме направиле чекор напред. Не ми е јасно зошто тоа е демек лошо и ти предизвикува нагони за гневни коментари.

  12. Калина

    Тоа што објавија видео од Нокаут Анплагд (и на Youtube) им е чист #win! Така да, петка за локална содржина!

Коментарите се затворени.