Среќни празници луѓе!
Ајде да ја фатиме годината додека не ни избегал цел јануари и да видиме каде оди светот и дали може да фатиме едно место во последниот вагон.
- А возот на Снепчет заглави в снег. Откако Инстаграм бескурпулозно му ги „стопи“ сторијата, Снепчет бележи драстичен пад во повеќе сегменти на користењето. Неодамна протекоа доверливи извештаи од компанијата, кои навестуваат лоша иднина за еднаш најбрзорастечкиот сервис. Дополнително, CNN го повлече шоуто продуцирано специјално за Снепчет, од причина што не нашле начин да го измерат реалниот ефект од неговото прикажување.
- Што има ново кај другите социјални мрежи? Ништо ново. Фејсбук презема функционалности од Гугл и обратно. Првите најавија Campaign Budget Optimization со кој ќе можете да ставите буџет на цела кампања која содржи повеќе ad sets и потоа Фејсбук автоматски ќе го распореди буџетот меѓу нив според резултатите на рекламата, односно ќе делегира поголем дел од буџетот на оние кои покажуваат подобри резултати.
- Гугл не остана покус со воведувањето функции кои ги има конкуренцијата, па сега во Google AdWords покрај дневен буџет што беше единствена опција до сега, отсега имате можност да поставите и Lifetime budget. Многумина не беа воодушевени од ова и подучени од искуството кога Google си даде за слобода да троши двојно наместо 20% од поставениот дневен буџет немаат доверба да му ја препуштат полната контрола.
- Додека сме кај овие две мрежи, DigiDay UK излезе со компаративна анализа на Google AMP (Accelerated Mobile Pages) и Facebook Instant Articles во која вели дека Google полека но сигурно ја презема доминацијата на брзо прикажувачката содржина.
- Инстаграм. Дали во личниот feed почнаа да ви се појавуваат постови од луѓе што не ги следите (а кои најверојатно ги следат дел од вашите пријатели)? Тоа, според Ad Age е заради фактот што Инстаграм си прави простор за вметнување повеќе реклами без да добиете впечаток дека фреквенцијата се зголемила. Со други зборови – дел од explore табот полека ќе се префрла во вашиот личен feed.
- Ве фаќа полека нервоза од однесувањето на големите играчи во дигиталниот простор? Чекајте да го чуете ова. Деновиве сите пребарувачи имаат интегрирана мини варијанта на password saver и вистина е дека тоа ни помага, посебно за сервисите кај кои приватноста не ни е толку важна како кај мејлот, социјалните мрежи и банкарските сметки. Но, последниот муабет е дека одредени скрипти кои работат во полза на големите огласувачи и брокери на податоци (data brokers) ги повлекуваат овие податоци и ги користат за следење на корисниците на различни уреди. Ова е клучно за успешно таргетирање, ремаркетирање и правилно одредување контрибуција на конверзиите, но и мошне контроверзно во истовреме.
- Но ако продолжиме да кубеме коси околу секојдневните контроверзии што ни ги приредуват големите нема да мрднеме напред. Затоа еве еден мошне интересен концепт кој во центарот ја има услугата на клиенти, наречен „working backwards”. Овој концепт, наместо да тргне од технологијата, тргнува од потребите на клиентот и можностите истите да се пресретнат со технологијата.
- И за крај, бидејќи деновиве сите срамежливо ја избегнуваме вагата после богатите и чести празнични гоштевања, ви ја претставуваме вагата од иднината која не покажува килограми туку преку одредена нијанса на боја ви дава ишарет како стоите со линијата. Во основа на овој пристап е бихејвиоралната психологија и од неа дефинираните начини за мотивација.
Ако некој реши да ја купи вагата, нека сподели искуство 😃 А дотогаш ќе бидеме задоволни и со споделени интересни новости и линкчиња од вас кои ќе ги вклучиме во следниот преглед.