Заговорот зад теориите на заговор

Ширењето на корона вирусот од самиот свој почеток беше проследено со уште две „епидемии“. Едната беше посочена од Светската здравствена организација како „инфодемија“, т.е. „наплив на погрешни и манипулативни информации за короната“. Можеби попрецизниот термин би бил „дезинфодемија“, но да не цепидлачиме.  

„Дезинформациите чинат животи“, со право нагласува СЗО. Втората епидемија, која исто така чини животи, е напливот на нешто посложен вид дезинформации, теориите на заговор. Умберто Еко препознавајќи го нивното значење и штетата која тие можат да ја предизвикаат ги опишува како нов феномен во ерата на масовните комуникации кој го нарекува „конспирациски синдром“. Она што ни се случува, поради својата масовност и глобален ефект, навистина заслужува да се нарече синдром. Напоредно со ширењето на биолошкиот вирус, голем замав добија и комуникациските вируси, (дез)инфодемијата и конспирациските шпекулации. 

Зачетоците на конспирациите Карл Попер ги препознава уште во текстовите на Хомер . Според Хомер, „Сè што се случува во Троја е само рефлексија на различните заговори на боговите на Олимп“. Белосветските теории на заговор се само верзии на овој политеистички концепт, пишува Попер. „Тоа е верување во каприците и волјата на боговите кои владеат со сè, тоа е човеково напуштање на Бога, по кое следи прашањето, кој е сега на негово место?“. Неговото место во нашата свест е пополнето со разни моќници и тајфи на злобници, кои ја предизвикале големата депресија и многу други зла. 

Масовното ширење на конспирациите најчесто се јавува во период и на конфузија, несигурност и силно незадоволство кај луѓето. Конспирациите се обидуваат да го премостат јазот помеѓу информациите и смислата. Имаме многу информации, тие се конфузни, не знаме што навистина се случува и која е крајната смисла на сето тоа.

Кога не можеме да ги поврземе информациите во сета нивна сложеност, тука при рака се конспирациите кои на едноставен и сликовит начин ја рекреираат смислата за „вистинската реалност“. Теориите на заговор, макар и привремено, го смируваат нашиот КОПНЕЖ ПО СМИСЛАТА. Експертите, докторите, разузнувачите на светските велесили, СЗО, Илон Маск, никој не може до крај да разбере точно кое е потеклото на короната, но вашиот комшија кој половина ден поминува во кладилница секако дека има одговор за тоа. И не само за тоа, туку и за слетувањето на Месечината, уривањето на кулите близначки, владеењето на рептилите по Дејвид Ајк, и многу други глобални и локални конспирациски стории.   

„Конспирацијата нè ослободува од бремето на вистината“, вели Еко

Тој, исто така, наведува дека конспирациите се трансфер на тајните во јавната сфера, со што настанува своевиден парадокс, нешто што е тајна и заговор станува познато на сите, така што настанува еден вид „транспарентна тајна“. Конспирациите и тајните кои нема да испливаат на површина се празни тајни, едноставно се неважни. 

Заговори секако има, успешни, неуспешни, важни и неважни, мали и поголеми. Па така, заговорот за атентатот на австро-унгарскиот престолонаследник Фердинанд во Сараево во 1914 година довел до светска војна. Но, за разлика од потврдените тајни заговори, проблемот со теориите на заговор е што тие се шпекулации кои не излегуваат од доменот на теоријата. Тие царуваат во муабетењето, шпекулирањето, озборувањето и коментирањето. Тие ве доведуваат пред свршен чин, да поверувате во нив или да ги отфрлите, претставувајќи ги на начин кој ве уверува дека е невозможно сето тоа да го проверите или сами да го раскринкате, тоа се случува негде во сфера која е недостапна за нас обичните смртници. Теориите на заговор често се пројавуваат како своевиден искривиколчен рецидив на митолошката свест.

Во тоа испливување на површина на конспирациите, комуникациска премоќ добива оној кој неа ви ја соопштува (Georg Simmel). Комуникациски, тој станува „јас да ти кажам“ НАРАТОР НА РЕАЛНОСТА, и  добива моќ на убедување и превласт врз оние кои ќе поверуваат во неговите теории на заговор. Во пренесувањето на теориите на заговор малиот човек чувстува како да си ја враќа моќта и достоинството пред злите елити. Во своите очи тој станува проповедник на вистината и борец против злото.

Во 1475 год. локалниот првосвештеник Јоханес Хиндербах од Трентo, Северна Италија, проширил конспирација по исчезнувањето на дете од нивното гратче за да ја засили својата позиција на верски лидер. Крајната цел му била да стане Папа. Според конспирацијата, детето кое исчезнало било грабнато од локалните Евреи при прославите на Велигден (рasqua) и жртвувано во крвав ритуал. Хиндербах го прогласил детето за светец, Свети Симон од Тренто, придавајќи му чудотворни моќи. Папата Сикстус IV ги препознал мотивите и заднината на овие настани и се обидел да интервенира, но не успеал да ги сопре веќе разгневените маси. Конспирацијата се проширила во вистински антисемитски погром на Апенините во втората половина на XV век.

Зад секоја теорија на заговор стои всушност заговор на некој кој се обидува да профитира со тоа што ќе ве убеди да верувате во конспирацијата. Тажно е кога стануваме лесни жртви на конспирациите на социјалните мрежи на некој неранимајко со амбиција да привлече кликови или да стане „инфлуенсер“. Уште потажно е кога медиумите се надоврзуваат на овие манипулации и се обидуваат и тие да профитираат од нив. 

Теориите на заговор се инструмент на заговор кој останува недосеглив со самото тоа што ќе поверуваме во теоријата на заговор која ни е пренесена. Совршен злостор врз вистината и смислата. 

Како да не поверувате во конспирацијата за нападите на 11 септември 2001, кога на ваков начин, на еден од најпосетуваните сајтови на оваа тема, ќе ви биде објаснета поврзаноста на бројката 11 со уривањето на кулите близначки: нападите се случиле на 11-от ден од септември 2001, 254-от ден од годината (2+5+4=11), New York City имаа 11 букви, како и Afghanistan и George W. Bush, кулите близначки имаа форма на бројката 11, Њујорк е единаесеттата држава која се приклучила на САД, првиот авион кој удрил во кулите имал 92 патника (9+2=11), а вториот 65 (6+5=11), и така натаму. Во конспирациите нема случајности, сè се тоа прикриени факти, иако сите овие бројки се наменски издвоени и прикажани како „нумеролошки доказ“ (на пример, за да George W. Bush има 11 букви мора да го додадете средното име, поголемиот број на учесници во нападите се од Саудиска Арабија, а не од Авганистан, и.т.н.). 

На тема терористичките напади на Њујорк во 2001 Ноам Чомски коментира: „Со верувањето во конспирациите дека администрацијата на Буш стои зад уривањето на кулите близначки ние се препуштаме на халуцинации и не анализираме за вистинските причини за окупацијата на Ирак и влијанието на нео-конзервативците врз Буш“. Веројатно најдобар начин да заштитите некој таен заговор е намерно да пласирате други теории на заговор кои ќе ја препокријат вашата тајна. Таквата јавно обзнанета конспирација ги задоволува апетитите на јавноста за вистината и остава широк маневарски простор за вистински заговори. 

Впрочем, зошто Бил Гејтс би имал толкава желба да ни вгради чипови преку вакцините, кога повеќето од нас веќе имаме барем по два чипа (чиповите во сим-картичките и во кредитните картички)? Три чипови на еден човек да не се премногу?  Можеби некој со конспирацијата за чиповите на Гејтс, сака да прикрие нешто друго што треба да се направи со чиповите кои веќе ги имаме? Ете, гледате колку е лесно човек да стане жртва на конспирацискиот синдром?

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.