Во исчекување дали во некој од наредните денови, или недели, ќе ги снема тв-каналите од вашите мали, големи, рамни или 4К екрани, мал осврт како работите дотуркаа до тука.
Кога Боки 13 ја отвораше својата телевизија (која на хартија и не беше негова) често во изјавите спомнуваше дека „не отвора телевизија, туку создава нова платформа“. Клучниот збор тука е ПЛАТФОРМА. Боки, и покрај своите прогресивни замисли, не успеа да ја изгради својата платформа до крај, а проектот 1ТВ за жал заврши неславно.
Она што се случува низ актуелниот спор помеѓу националните телевизии и кабелските оператори во суштина е нова епизода од подолгиот судир на МЕДИУМИТЕ и ПЛАТФОРМИТЕ. Овој спор помеѓу нив имавме можност да го гледаме и во битката на медиумите и агрегаторите од пред неколку години. Тогаш медиумите се согласија на примирје со тоа што дозволија пренесување на дел од своите содржини (наслови и т.н. снипети) на агрегаторите, а за возврат да добиваат повеќе посетители.
Формално во законот медиумите се дефинирани како „радиодифузери“, а платформите како „оператори на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите“. Тука националните телевизии се радиодифузерите, т.е. медиумите кои се произведувачи на програма, додека кабелските оператори се платформи, односно се мрежите кои ги доставуваат медиумските производи до корисниците. Денешните платформи се дел од технолошката еволуција на окрупнување на системите за пренесување на информациите до корисниците. Пред нивната појава, медиумите беа сами свои платформи кои емитуваа програми од разни продукции комбинирани со сопствената програма. Процесот на создавање програма и нивен пренос денес е многу посложен. Со дигитализацијата процесот на пренесување на програми се префрли на платформите, кои во С. Македонија контролираат над 80% од пристапот кон радиодифузните услуги. Платформите исто така во голема мера го детериторијализираа медиумскиот систем, така што многу од атрактивните програмски содржини се преселија од домашните медиуми на специјализирани филмски, спортски, забавни и образовни канали, во сопственост на моќни меѓународни медиумски конгломерати. Операторите преземаат и значителен дел од рекламниот колач на телевизиите, иако гледачите плаќаат за дополнителни пакети,но во исто време мора да следат и домашни реклами на нив.
Jавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија заработуваат помалку
Во односот помеѓу медиумите (1) и платформите (2), важни се уште 4 главни фактори: државата (3), регулаторот (4), публиката (5) и спонзорите (6). Државата, преку Собранието кое носи закони, одредува како треба да функционира медиумскиот систем. Државата (3) ингеренциите за регулација ги пренесува врз независен регулатор (4), односно Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Таа се грижи за спроведување на законот и на неговите цели, од кои секако една од најважните е граѓаните да бидат информирани и да можат преку демократски избори да го пренесуваат својот легитимитет на државата (3). Спонзорите (6) се бизнис субјекти кои преку медиумите и платформите ги рекламираат своите услуги и производи кон публиката (5).
Парите се кај граѓаните (5) и спонзорите (6), а тие преку системот треба да се прелеваат кај медиумите, операторите и државата. Спорот помеѓу медиумите и операторите настанува во протокот на парите, а проблемот е најмногу од економска природа. За телекомуникациски услуги парите на граѓаните одат директно кај операторите, а посредно преку даноци и до државата. Комерцијалните медиуми прибираат приходи пред сè од рекламите и немаат директна финансиска врска со гледачите. Политичкото рекламирање кај приватните медиуми беше прекинато во 2015 г. поради политичкото влијание и контрола врз нив, а радио-дифузната такса беше укината со закон (септември 2017 г.), така што директни приходи од гледачите нема ни јавниот сервис, МРТ.
Владата со неколку законски интервенции во 2017г, 2018г, и 2020г. се обиде да ги реши, барем краткорочно, напластените проблеми, но резултатите од овие промени се прилично измешани.
Според извештајот на АВМУ за 2018г „Од година во година приходите во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија се во опаѓање. Во споредба со претходната година тие бележат пад од 6,03% и воедно се најниски приходи во последните пет години. На крајот на годината, финансискиот резулат од работењето на сите три сегменти на индустријата – јавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија бил негативен, односно загуба во износ од 96,91 милиони денари “ (АВМУ).
За обидите на домашните медиуми за решавање на овие проблеми пишуваа неколку онлајн медиуми, но без забележителни реакции во јавноста.
„Веќе трет ден на петте национални телевизии не се пренесуваат изјави и ставови на техничкиот премиер, министрите и нивните заменици во Владата. Во вестите на Сител, Канал 5, Телма, Алсат и Алфа ТВ се објавуваат тонски парчиња само од пониските ешалони во власта, односно директори на институции, а се пренесуваат и партиски ставови“ (irl.mk).
„Од друга страна, извори во ИКТ со кои разговараше ДВ, велат дека проблемот не се авторските права- како што велат од националните телевизии- туку парите. Имено, националните телевизии од кабелските оператори, наводно веќе подолго време барале да добијат дел од претплатничкиот колач. Операторите одбиваат да им плаќаат на националните телевизии затоа што ги пренесуваат, и велат дека немаат таква обврска ниту според законот“ (DW).
Операторите, од своја страна водени од сопствените комерцијални интереси, го контролираат процесот на дистрибуција на медиумските содржини. Нивната платформа функционира како еден вид шопинг центар за медиумски содржини во кој публиката плаќа влезница, а во него може да следи два типа медиуми:
- медиуми на кои операторот им плаќа да бидат во неговиот шопинг центар.
- медиуми на кои операторот не им плаќа да бидат во неговиот шопинг центар.
Лошото законско решение од декември 2018г, се изгласа пред распуштање на Собранието
Домашните медиуми се борат за подобар статус на платформата (шопинг центарот) и премин во првата група, но останува спорно дали начините на кои тоа го прават е во ред и дали воопшто може да даде резултати. Операторите пак, по своја пазарна проценка, стојат на тоа дека домашните медиуми поради слабиот квалитет и гледаноста, не заслужуваат промена на статусот на нивната платформа. Операторите не се подготвени да им плаќаат на националните телевизии како што тоа го прават, на пример, за најгледаните спортски и филмски канали.
Овој во суштина економски клинч преку лоши одлуки, или со пролонгирање на статус квото, само се продлабочува. Власта под притисок, во сензитивен период пред избори, го реактивираше во суштина лошото законско решение од декември 2018 г. и го изгласа непосредно пред распуштање на Собранието.
„Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со делегација на Македонската медиумска асоцијација на приватни национални телевизии, информираат од неговиот кабинет. Поводот за остварената средба се предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се регулира начинот на реемитување на програмските сервиси на домашните и странските радиодифузери од страна на операторите. Претставниците на националните телевизии на претседателот Пендаровски му укажале дека предложените измени во законот за нив се целосно прифатливи и очекуваат тие да бидат усвоени од страна на Собранието“ (Мета 7.02.2020).
Со член 143, т. 3-4, кој се однесува на обврските на операторите се изедначува одговорноста на медиумот и на платформата за (ре)емитување на содржини без регулирани авторски права.
Член 143, точка 4: Во случај на реемитување на било кој дел од програмскиот сервис на радиодифузер од друга држава, за кој програмски сервис тој радиодифузер нема регулирани права за територијата на Република Македонија, целата морална, материјална и кривична одговорност паѓа на операторот кој го реемитува тој програмски сервис и на радиодифузерот, а постапката за утврдување на одговорноста за сторената повреда или прекршување, како и начинот на регистрација на законски застапник на радиодифузер од друга држава ја пропишува Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со подзаконски акт.
Во суштина ова значи ако некој во пакет ви прати бомба, или антракс, за тоа кривично треба да одговараат и испраќачот и поштарот. Законското решение, објективно кажано е лошо и не го решава директно проблемот со пиратеријата, туку го зголемува притисокот врз операторот, кој сега под закана од кривична одговорност треба да врши постојан мониторинг на каналите кои ги пренесува. Во ситуација кога регулаторот (АВМУ), кој има примарна законска улога врз надзорот на програмите на телевизиите, уште нема донесено одредби како ќе се спроведува сето ова, операторите, веројатно со право, реагираат дека се обесправени. Сепак тие бираат многу лош метод за барање решение, преку исклучување на програмите за гледачите и штета врз сопствениот имиџ и заработка. Во сета мешаница свој придонес има и политичката опозиција која во собраниските комиси долго го блокира изборот на нов совет на АВМУ, а кој требаше позабрзано да ги решава овие проблеми.
Законското решение од погорниот член е прилично спорно и во поглед на т.н. „нет неутралност“, за која со години се водеше жестока правна битка во САД и во Европа. Една од клучните точки за кои се борат поборниците на зачувувањето на нет неутралноста е токму во делот на ослободување на одговорноста на платформите (поштарите) од содржината која ја пренесуваат.
Целиот проблем се прекршува врз грбот на граѓаните, кои и покрај тоа што плаќаат за сиот овој циркус, се наоѓаат среде „mexican stand off“ на медиумите, операторите, власта и регулаторот. Заклучоци од сето ова можете сами да донесете, а нашиот е дека во оваа турканица нема добри момци, а подебелиот крај можат да го извлече најслабата страна, односно гледачите, иако сета борба наводно се води во нивен интерес.