Скалата на пропагандата покажува различни степени на когнитивна манипулација (односно манипулација со информации, идеи и заклучоци), од поедноставни кон посложени начини. Како и во примерот со скалата на говорот на омраза, и пропагандиот комуникациски чин тргнува од идеја, преку вербализација, со цел да предизвика одреден ефект или акција. Кај пропагандната скала, прогресивно се зголемува контролата врз оној кон кого се комуницираат пораките, сè до степен во кој е прифатливо во форма на наредба императивно да се наложи што треба слушателот на пораката да прави.
Првиот степен на когнитивната манипулација при пропагандата е (1) бирање на информации кои одговараат за пораката и посакуваните реакции. Оние информации кои не одговараат на посакуваните интерпретации и ефекти едноставно се отфрлааат или игнорираат. Вториот степен е (2) вметнување во точните информации лажни или измислени информации, и нивно (3) мешање со точните информации. Во ваква форма, слушателот или читателот многу потешко може да ги дешифрира правилно пораките, а потоа и да ги раздели точните од лажните информации, така што најчесто дезинформациите успеваат да се „прошверцуваат“ во нашата свест и ги прифаќаме како точни. Следниот степен на когнитивна манипулација е (4) врамувањето, односно планското стеснување на темата и вниманието на слушателот кон одредена тема, мислење или став, со цел постигнување посакуван ефект или интерпретација, и заборавање на други аспекти или теми кои го попречуваат тој ефект.
По врамувањето и кумулативниот ефект на измешаните информации и дезинформации, најчесто манипулацијата се надградува со груби (5) поедноставувања на реалните ситуации и креирање на вербални и когнитивни формули (преку одредени фрази, именувања, квалификации, и сл.) кои, навидум, го објаснуваат поширокиот контекст, а всушност ја деформираат реалноста во нејзини наменски симплифицирани и еднострани форми. Откако работите ќе се поедностават до најнизок можен степен, тогаш тие се (6) групираат во парови кои се противставуваат еден на друг. Зависно од контекстот тоа можат да бидат различни дуалистички парови, од идеолошки, етнички, верски, јазични, политички, спортски и каков било друг погоден пар.
Конечно, оној што го контролира пропагандното комуницирање, постапно добива поголема контрола врз слушателите на комуникацијата, сè до степен кога е прифатливо, низ процесот на претходното убедување преку пропаганда, да му се каже на слушателот што треба да прави и како да реагира. Со тоа кулминира процесот на пропагандата во контрола на комуникаторот врз комуницираниот, кој е трансформиран во пасивен инструмент за одредена акција.
Пример 1:
Пример 2:
Пример 3: