Поминаа повеќе од 2 години кога во нашиот (сега ставен на пауза) #комкаст зборувавме за Instagram. Тогаш тоа беше нова апликација, мрежа, која се насетуваше дека ќе биде важна… Денес, Instagram е во сопственост на Facebook и е еден од каналите кој не смеете да го испуштите ако сакате сериозен настап на социјалните медиуми, како личност и особено како компанија.
Instagram денес стана апликацијата за споделување фотографии на Facebook. Барем за индивидуалните корисници, може да го кажеме тоа. Facebook се обидуваше да креира некој ривал, своевремено, но откако го има под своја капа овој сервис веќе тоа и не им е важно. Сега ако сакаш да објавиш брзо и лесно убава фотка (ова убава е предмет на друга дискусија) тогаш стартуваш инстаграм на телефон, и автоматски споделуваш и на Facebook.
Постојат најмалку 3 причини зошто не смеете да го игнорирате Instagram:
1. Instagram има над 200 милиони активни корисници
Не сум човек кој се воодушевува од големи бројки и кој мисли дека големите бројки и масовната публика се најважни, но оваа бројка во позадина го носи фактот дека овој сервис стабилно расте на многу пазари вклучувајќи ги и регионалните. За жал не успеав да најдам бројка колку има во Македонија или регионов, но искуствено можам секако да претпоставам дека бројката е сосема доволна за да размислите за овој сервис.
2. Една слика заменува 1000 зборови
Уште едно клише, ама функционира. На Facebook сеуште најмногу ефект имаат фотографиите. Ова доаѓа до израз особено сега кога се повеќе корисници пристапуваат до содржината преку своите мобилни уреди. Instagram до скоро, официјално, беше достапен само на мобилен телефон. Сега има основна верзија на веб, но сепак најголем дел од корисниците пристапуваат од мобилен. А на мобилен најлесно и најбрзо се примаат визуелно претставени информации.
3. Интеракцијата на Instagram е на врвот на листата
Фокусот кој секој корсник го има кон содржината едноставно е неспоредлив со кој било друг сервис. Една слика еден екран, лизгаме полека за да видиме се по ред. Најголем дел од нас не следат премногу корисници и затоа можат во едно отварање на аплиакцијата да излистаат и до ден-два стара содржина. Токму затоа и интеракцијата и пренесувањето на пораките е поголемо и поефективно на Instagram во споредба со Facebook, а да не ни помислуваме на Twitter, таму твит остарува за 15 минути.
Е сега откако, демек, ве убедив дека не смеете да го занемарите овој сервис ајде да се обидам, од лично искуство, да дадам неколку совети за негово користење. Секако од аспект на бренд односно компанија.
– Добро размислете за содржината која ќе ја споделувате од сам почеток
Едно те исто, повторуваме, мора секогаш да се има стратегија за содржината… но овде содржината е малку поосетлива, сликата е се што имате. Не смеете да си дозволите да бидете бледи, особено не на сам почеток. По правило тогаш сте под лупа од најверните свои фанови. Значи, немојте ни случајно да си планирате дека таму само ќе ги ставате вашите раклами подготвени за на билборд или сл. Ако веќе (мора да) ги пуштате нив прилагодете ги на форматот и пораката. Гледајте да извадите некој убав детал од креативата, пораката ќе си дојде сама по себе.
Не си поставувајте рамки, објавувајте фотографии кои го немаат вашето лого, сликајте секојдневни ситуации, активности… делови од вашата работа, канцеларија, настан…
– „Изнајмете” ја својата Instagram сметка
Не е нова нити иновативна пракса, но често успева. Локално и регионално постојат корисници на кои едноставно им лежи Instagram, најдете ги оние кои се најсоодветни за вас, поразговарајте со нив и видете дали ќе се најдат себеси во вашиот филм. Договорете теми и дајте им широк креативен простор да сликаат за вас. Ваков потег може да му помогне на вашиот бренд во виралното ширење на содржината и секако може да го отвори повеќе кон крајните корисници.
– Не мора да форсирате видео
Иако пред некое време, под притисок на Vine, овој сервис ја додаде можноста за објава на видео и тоа со опција да го качите видеото од вашиот телефон, сепак бројот на интеракции во споредба со фотографиите е далеку помал. Форматот од 15 секунди е одличен за кратка реклама но тука секогаш ќе остане предизвикот за вклопување на содржината во коцкастиот формат. Како и да е, може да тестирате но од лично искуство велам дека нема потреба премногу да се вложува во овој дел од содржината.
– Инспирирајте се од останатите
Instagram од неодамна воведе и реклами. Не верувам дека уште некое време ќе им регионално бренд кој ќе помисли на оваа опција, евентуално можеби Coca Cola, но сепак тој потег значеше и дефинитвно отварање на дел кој ќе треба да ги мотивира бизнисите да бидат поактивни. За таа цел тие креираа и блог специјално посветен за употребата на нивниот сервис од страна на брендовите. Instagram-business е месото каде може да се најдат инспиративни кампањи и практични совети.
– Имајте на ум дека сега постои приватна комуникација
Од неодамна, овој пат под влијание на Snapchat, Instagram воведе можност за испраќање на фотографија приватно, само до еден корисник. Ова отвори можност за директна комуникација со корисниците што пак значително ги олеснува механиките за наградни игри или слични активности во кои сепак треба да се случи некоја размена на приватни податоци или сл. Може да се испробате на овој начин и да организрате корисниците да ја креираат содржината на вашата сметка, а вие да бидете само куратор.
– Користете алатки за аналитика
Скапи се, се што е премиум е навистина скапо, но тоа само докажува дека вреди да се инвестира во оваа комуникација. Сепак, на интернет мора да има нешто и за џабе, па може да се тргне од таму. Разгледајте какви метрики нуди Nitrogr.am, Simply Measured, GazeMetrix и Statigr.am
Бонус линк: Measuring Virality on Instagram
Ако сакате да видите некој позитивен регионален пример на употреба на Instagram погледнете го текстот Kako to instagramuje regija напишан до @SandraKravitz на MarketingITD.
Pingback: Bloggers Network Ова е мојот обид да ве убедам дека вашиот бренд мора да се појави на Instagram - Bloggers Network