176 #ПрегледВоПеток – Elon Musk и Twitter, Pinterest и WOO, Ogilvy и Инфлуенсерите

Денов вришти ПЕТОК! Сонце, пролет и #ПрегледВоПеток, ајде да видиме….

Дали Елон Маск ќе биде новиот сопственик на Twitter?

Ова е најглавната вест неделава во нашиов свет и мислам дека е соодветно овој преглед да го започнеме со прашањето дали Елон Маск ќе биде новиот сопственик на Twitter?

Од Јануари, Бетменот од наше време, полека акумулираше акции и месецов ја заврши неговата како што тој сака да ја нарече прва фаза од процесот со 9.2% удел, што го направи најголемиот инвеститор индивидуалец во компланијата.

Но, Елон излезе со финална понуда до Twitter и се понуди да го купи за 43 билиони долари и се “закани“ дека ако бордот не ја прифати неговата понуда, целосно ќе се повлече од компанијата.

Аналитичарите на пазарот велат дека понудата на Маск е мала, со оглед на тоа што акциите на Twitter неодамна достигнаа 70 долари, а тој сака да ги купи по цена од 54,2 долари. Но, сепак сето ова изгледа примамливо и во најмала рака треба да се сфати сериозно како легитимна понуда .

Ако понудата се прифати, Твитер најверојатно ќе претрпи значителни промени. Маск е голем говорник за слободата на говор и на големо гo хејташе Twitter кога го банираа Трамп од својата мрежа. Но, освен ова, тој најавил дека доколку ја преземе компанијата, сака да почне од нула, односно секој што моментално работи таму ќе биде заменет со некој друг.

Интернетот збесна за оваа информација и по многуте мемиња и замисли за тоа дали Twitter ќе се прекрсти во “Tesla Social”, направи и анализа за тоа што друго може Маск да купи за 43 билиони долари и одговорот е: БУКВАЛНО БИЛО ШТО ДРУГО!

Еве некои од најкреативните:

  • Да се врати на месечината со својата вселенска програма
  • Да помогне во решавање на гладта во светот
  • Да изгради буквални мостови и инфраструктура
  • Да плати за PR тим на Tesla Company (ова ми е омилено)

Pinterest во соработка со WooCommerce

Pinterest ја најави својата соработка со WooCommerce за да го подобри шопинг искуството на своите корисници.

Соработката ќе го означи лансирањето на новата Pinterest апликација во рамки на WooCommerce. Преку неа ќе бидат овозможени различни нови опции за Pinterest шопинг можноста како што се организирањето на тагови и поврзувањето на каталогот со производи. Главната цел на колаборацијата е можноста производите од онлајн продавницата автоматизирано да се прикажуваат како производи достапни за купување на Pinterest.

At Pinterest, we’re building a home for taste-driven shopping, and investing in new ways for shoppers to browse, discover and engage with brands. 

Pinterest

Ogilvy UK со силна акција во инфлуенсер маркетингот

Особено задоволство ми причинува оваа вест и оние што работат/работеле со мене го знаат мојот став за инфлуенсерите (особено домашните). Британија со последните одлуки и предлог закони за овој дел од интернет светот, некако стана кул детето што ич не му е гајле што другите мислат за него, или мене така ми се чини?

По иницијативата за закон, што моментално е во второстепена постапка (или како и да се вика ова) дека секој инфлуенсер што ќе користи апликации, филтри или било какви корекции на своите фотографии треба, јавно да го објави тоа, акција презема една од најголемите маркетинг агенции.

Ogilvy јавно застана на својот став дека повеќе нема да соработува со инфлуенсери што ги едитираат своите фотографии.

We have a duty of care as marketers, as agencies and brands to the next generation of people so they don’t grow up with the same stuff we are seeing now,

Rahul Titus, Head of influence

Од агенцијата велат дека направиле доста истражувања. работеле со експерти но и со инфлуенсери и оваа одлука за нив е гласноговорник на нивните ставови за тоа каква треба да биде иднината во онлајн комуникацијата на брендовите.

Од агенцијата се свесни дека тие се само медијатор во индустријата и дека промената на барањата и ставот првично треба да дојде од страна на клиентите. Задолжителна е едукација на клиентите за тоа какво ниво на слобода треба да им се даде на инфлуенсерите во соработката и какви очекувања за резултатот треба да имаат. Затоа што ако оваа иницијатива е еднострана и агенциите бараат реален изглед додека клиентите бараат совршеност, за жал нема да има никаков ефект.

За среќа, еден од клиентите на Ogilvy е брендот за козметика Dove кој со години работи на подобрување на сликата на жената каква што е, без ретуширања, корекции и филтри. Тие јавно ја подржаа нивната матична агенција и остануваат како поддршка за нив и нивната кауза.

Бонус линкови

Сезоната на добро време ја почнав и ја терам со Seinfield.

Old but gold 🙂

Бај.

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.