Марк, сенаторите и приватност 2.0

Текст е оригинално објавен на 11 април на adtodate.mk кои дозволија да го реобјавиме и тука. 

Вчера, би рекол сосема очекувано, бевме сведоци на веројатно најдолгата епизода на теленовела за модерната генерација интернет гледачи. Повеќе од четири часа основачот на Facebook, Марк Закерберг (Цукерберг), одговараше на прашања поставени од сенаторите на САД пред очите на јавноста. Ведаш да си кажам, не ги гледав сите четири часа, едноставно не чувствував потреба.

Издржав да гледам грубо земено дел меѓу две паузи за реклами. Не знам дали ми беше тоа доволно или не, но убеден бев дека денес секако медиумите ќе бидат преплавени со најинтерсните (читај најважните) моменти и ќе може да се прегледа (или прочита) тоа повторно и повторно.

Мојата точка на гледање е поразлична од онаа на сенторите и поразлична од онаа која сенаторите на моменти се обидуваа да ја изглумат, а тоа е точката на гледање на обичниот корисник на овој сервис. Веројатно токму затоа и не бев воодушевен од добар дел од прашањата.

Едноставно дел од нив беа неподготвени, користеа терминологија која не соодветствува, бараа дефиниции и одговори на прашања за кои не може ни да се помисли да се даде одговор во три минути притоа да не се ризикува премногу да се биде сфатен несоодветно и она што е можеби најважно, преголем дел од прашањата делуваа и беа поставени како да доаѓаат од личното искуство на сенаторите, а дел и верјатно и беа такви, што во една ваква јавна претстава мислам дека не треба да биде случај.

Не објаснувам зошто и како Марк се најде на ова столче зашто претпоставувам дека штом си стигнал со читање до тука веќе одамна знаеш за скандалот со нарушувањето на довербата и неправилното употребување на податоците за корисниците кои биле собрани за нив од Facebook преку надворешна апликација и подоцна продадени на Кембриџ Аналитика. Ако случајно сакаш да дознаеш повеќе, еве овде зборуваме во нашиот #комкаст од пред две недели.

Ако може некако да го сумирам она што се случи вчера тоа би изгледало вака: регулација, регулација, регулација. Сè останато беше: ќе ви одговориме јас и мојот тим подоцна, ќе работиме или веќе работиме со тимот на ова и мене навистина ми е жал.

Марк и Facebook уште во првото свое обраќање по избивањето на скандалот јасно кажаа дека се подготвени за регулација на овој домен и целиот овој театар всушност изгледа како сценарио да се стигне до таму. Во основа не гледам на ова како нешто лошо, се менуваат работите, сменети се веќе прилично и потребно е да се регулираат во одредена мера. Марк само сака тие да бидат дел од дефинирањето на правилата и сакаат да фатат добро столче. Она што не ми се допаѓа е мотивот на политичарите, како и обично, нели.

Ако ме прашуваш мене јас очекував и/или посакував дискусијата вчера да оди во насока на разбирање на приватност 2.0 нешто што повеќе од 10 години на широко се дискутира во светот. И ако веќе се разговара за развивање на рамка за регулација тоа да биде во рамки на тие услови, во услови кога дигиталните генерации (digital natives) и дигиталните доселеници (digital imigrants) гледаат сосем различно на приватноста од генерацијата која вчера ги поставуваше прашањата во сенатот. И не е точно дека овие теми не биле до сега во јавност дискутирани. Веројатно не дошло до ова ниво, но затоа може да се постави прашањето, дали можеби некој бил зафатен со „лажни вести“ сево ова време да ги види дебатите изминативе 10-тина години за промените на однесувањето кои ги носат новите сервиси како Facebook и Google?

Токму затоа сметам дека главната причина која ги тера политичарите да се приклонуваат кон регулација е всушност примарно политичка, односно одбраната на „Американска демократија“ која, ете затоа што Facebook дозволил, некој од надвор им ја нарушил, без притоа да го видат слонот во собата. Целиот процес на „реформи“ на Фејсбук се ограничи на политички, додека поширокиот аспект на проблемите, кои се навистина комплексни, беше запоставен.

Занемарувајќи го уште еднаш фактот дека ако се случи крупна регулација, а ова Марк им го кажа, ќе се отежни патот за растење на нови такви големи компании како Facebook, зошто за да ги исполниш сите тие нови услови на регулација ќе треба да имаш доволно средства, а малите стартапи секако нема да може тоа да си го дозволат со што позицијата на големите дополнително ќе се втемели во општеството. Или можеби на политичарите им е важен само наративот и контролата, не и развојот на пазарот? Треба да размислиме.

Јасно ми стана дека или не сакаат да гледаат политичарите надвор од својот интерес или не можат, но едно е јасно, дефинитивно нема да можат да бидат на чело на рапидниот развој кој го диктираат компаниите како Facebook, Amazon, Google

Во прилог на сето ова, вчера, еден од сенаторите дури се охрабри да го праша Марк дали Facebook како идеален пример на остварување на американскиот сон од студентски дом до глобален милтимилионски бизнис е возможен само во Америка, а не, да речеме во Кина. Марк се поднасмевна и му рече дека и во Кина има слични големи интернет компании кои се еднакво успешни како Facebook. Сенаторот незадоволен од одговорот, го коригираше Марк и му рече дека само едноставно требало да каже: ДА.

Во тој момент ми текна на легендарната почетна сцена од серијата Newsroom со Џеф Даниелс. Тогашјасно ми стана дека или не сакаат да гледаат политичарите надвор од својот интерес или не можат, но едно е јасно, дефинитивно нема да можат да бидат на чело на рапидниот развој кој го диктираат компаниите како Facebook, Amazon, Google и сл.

Disclaimer – Никогаш не сум го сакал Facebook, само сум му се восхитувал и сум го почитувал, иако на моменти во моите искази во овој текст или претходни објави делува дека сум нивен funboy 😉

Секој петок во твоето сандаче: преглед на најактуелните маркетинг, SEO, SEM, UX, дизајн теми и линкови од претходниот недела.