Сите сме УБК

Никој нема да може да каже што е „реално“ кога ќе завршат војните кои сега почнуваат.

Вернер Хајзенберг

Со овој цитат почнува книгата „Информатичка бомба“ на Пол Вирилио објавена во 1998 година. Во неа Вирилио на почетокот го опишува процесот како современата наука се откажала од „барањето на вистината“ и прераснала во техно-наука, односно се посветила на пронаоѓање напредни технологии. Ова, според авторот, предизвикува „милитаризација на науката“, а воените проекти и технологијата се потврдуваат како движечка сила на историјата.

Главната идеја која е проткаена низ редовите на оваа книга е дека „ерата на нуклеарното оружје и атомските бомби се придвижила кон ера на кибер-војни (cyberwars) и информатички бомби“. Интернетот бил развиен од Пентагон под првичното име Арпанет, за да потоа биде пуштен во слободна употреба како средство за поврзување на светот преку информациите. Поврзувањето преку Интернетот овозможи надминување на просторните и географските ограничувања. Но, реалноста, која е суштински одредена од физичкиот простор и растојанијата, сега е надополнета со „виртуелна реалност“ која продуцира и репродуцира свои информации кои ја менуваат вистинската реалност. 

Светот кој го опишува Вирилио во кој сè што е локално станува глобално, постои само едно „светско време“, а сите настани кои се одвиваат можат да се пренесат глобално во секој миг. Од многуте оригинални идеи и концепти кои ги развива во оваа книга, клучни се веројатно следниве две:

  1. Секој од нас може во секој момент да пренесува свои информации низ светот,  а во исто време и светот може постојано да ѕирка во нашите животи и она што го правиме. Со ова се развива своевиден „теле-надзор“ (tele-surveillance’) преку кој сите стануваме дел од глобалната виртуелна реалност, под постојан надзор.
  2. Во ваквиот интегриран свет информацијата е примарно оружје во сите сфери, од воената индустрија до бизнисот. Информатичката бомба е средство со кое виртуелните идеи (преку информациите) добиваат моќ да ја искривуваат и уништуваат вистинската реалност. 

„Бомбите“ станаа конвенционално оружје и во Македонија

Дваесетина години подоцна читањето на оваа книга ни дава многу поинакви асоцијации со реалноста. Повеќе не се работи за провокативни идеи за една хипотетичка техно-иднина, туку сè повеќе наликува на опис на постоечката реалност. Постојаниот теле-надзор и информатичките бомби станаа секојдневие, и тоа не само затоа што во 2015 материјалите од незаконското прислушување беа објавувани како „бомби“. Примерите се редат секојдневно, како во Македонија, така и глобално. Прислушувањето и објавувањето „бомби“ станаа речиси конвенционално оружје во политиката, бизнисот и во многу други области. 

Само во Македонија, која има долг историјат на развиени системи за прислушување, од 2000 година наваму, можеме да ги наведеме следниве случаи: 

-јануари 2000, Аферата „Големото уво“ – Лидерот на тогашната опозиција (Бранко Црвенковски) обелоденува стенограми од разговори на политичари, новинари и дипломати кои биле прислушкувани.

-март 2015, Опозициската СДСМ започнува со објавувањето на материјали на незаконски прислушуваните телефонски разговори на над 20,000 лица, именуван и како „Вистината за Македонија“. 

-2016, YouTube корисник под псевдоним Tesla објавува приватни телефонски разговори од ескпратеничката Ермира Мехмети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот премиер Хари Костов, бизнисменот Јордан Камчев, екс-уредниците на „Сител ТВ“, Драган Павловиќ – Латас  Ивона Талевска, и новинарката Оливера Трајковска. 

-април 2019, во Прилеп приведен е Љупчо Палевски откако на разглас во Прилеп пуштал нелегално прислушувани телефонски разговори, таканаречени „бомби“. 

-април 2019, Под псевдоним Илија Громовник на руската мрежа vk.com (ВКонтакте) објавени се неколку снимки со бившиот претседател Бранко Црвенковски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за внатрешни работи Јанкуловска и Фрчковски. 

-мај 2019, Пратеникот Павле Богоевски поднесува оставка откако во јавноста беше објавена аудио снимка со негов компромитирачки разговор. Според Богоевски, тој бил снимен од возач на такси возило додека разговарал на мобилен телефон. 

-мај-јуни 2019, Под псевдоним „Ел Чека“  објавени се серија снимки од телефонски разговори на високи функционери на партијата ДУИ. Снимките биле објавувани од Чикаго, САД, со наводна намера да се отпочне меѓународна истрага за „Кумановскиот случај“ од 9 мај 2015 год. 

-јуни 2019, Објавена е „аудио-бомба“ од состанок со која се обвинува Генералниот секретар на Владата за наводно местење тендери. 

-јули 2019, Објавени се снимки на телефонски разговори на Премиерот Зоран Заев со руски комичари кои лажно се претставиле како странски државници. 

Само во последните 4 месеци се објавени десетици домашни „аудио-бомби“ и станува јасно дека ваквите методи веќе се доминантно „оружје“ во политичката борба. Како се развиваат работите, веројатно ќе бидат потребни уште 4-5 специјални обвинителства да ги истражуваат новите прислушкувани разговори кои континуирано се објавуваат. 

Инфо-војни и инфо-војници

Според класификацијата на експертскиот тим од Советот на Европа, ваквите снимки се сметаат за „наштетувачки информации“ (mal-information, информации кои треба да предизвикаат штета) – односно информации кои се објавуваат со цел да се наштети некому и вообичаено се работи за објавување приватни, класифицирани, тајни или друг вид заштитени информации. Станува јасно дека се работи за светски проширен феномен, кој доби глобален замав пред неколку години со објавите на Викиликс и материјалите на Сноуден. 

Последната актуелна вест е објавата на BuzzFeed дека се во посед на снимени разговори во кои соработници на италијанскиот премиер и руски државјани договараат финансиска подршка за партијата на премиерот, за наводна подршка на политичките интереси на Кремљин.

Со овие случувања во голема мера се потврдуваат тезите на Вирилио за виртуелна реалност на глобално ниво, каде секој секого може да прислушува и во која информатичките бомби стануваат најважно конвенционално оружје во борбата за политичка, воена и економска моќ. Покрај исполнетите предвидувања на Вирилио мора да се напомене трендот на сè позагрижувачка злоупотреба на технологијата во сите сфери. Треба сериозно да се запрашаме каде води сето ова? 

Наместо комуникациските технологии да ја засилуваат демократизацијата и директната комуникација, тие сè повеќе се користат како оружје во разузнувачко-прислушкувачки војни помеѓу политичките играчи, а новиот вид на инфо-војници, „аудио-бомбашите“, станаа секојдневна појава. Ако не се сменат трендовите неминовно се движиме кон иднина во која ќе живееме нова епизода во која технологијата наместо да го ослободува ќе го заробува и угнетува човекот. Покрај ова, ќе се нормализира праксата дека имаме право другите не само да ги следиме и набљудуваме во секој миг, туку и да им ја одземаме приватноста, слободата и правата, секогаш кога тоа ќе го посакаме или имаме некаква полза од тоа.