Веројатно ви е познато она кога некој производ или бренд станува синоним за сите производи од тој тип? На пример: џакузи, плексиглас, селотејп, гуглање, вазелин, целофан, ескалатор, керозин, термос, џип, памперс, фотошоп, вокмен, термос, и рaзни други.
Нешто слично се случува со поимот „лажни вести“ кој полека станува „генерички термин“ (генерифициран термин, англ. genericized term/basket term) за речиси сите видови информации . Сега сè е лажна вест: и шпекулација и дезинформација и пропаганда и спинување и политички маркетинг и измислено интервју и сатирична вест и ред други. Проблемот со „генери-фицирањето“ е што се создава конфузија зад која многу лесно може да се сокрие незнаење, површно знаење или манипулирање.
Најпрепорачлива (засега) е класификацијата на вести и информации која ја користи и Советот на Европа во своите препораки за справување со информациските манипулирања.
Овој метод се базира на намерата (интенционалноста) при информирањето и издвојува три вида информациско пореметување (information disorder) кај медиумите:
–ПОГРЕШНО ИНФОРМИРАЊЕ (misinformation) – се пренесува погрешна вест или информација без намера за манипулација.
–ЛАЖНО ИНФОРМИРАЊЕ (дезинформирање, disinformation) – намерно манипулирање со информациите со користење на разни техники (манипулативно селектирање на информации, спинување, вадење од контекст, мешање на информација и коментар, намерно мешање на точни и неточни информации, целосно неточни или измислени информации, и други техники).
–НАШТЕТУВАЧКО ИНФОРМИРАЊЕ (mal-information, информации кои треба да предизвикаат штета) – се работи за постоечки или точни информации кои се објавуваат со цел да се наштети некому и вообичаено се работи за објавување приватни, класифицирани, тајни или друг вид заштитени информации.
Неколку заклучоци кои произлегуваат од овој препорачан метод на типологизација на информациите:
-Лажните вести се (само) поттип на дезинформирањето (ако споделуваш лажна вест без да ја препознаеш како лажна, ти несвесно дезинформираш и репродуцираш лажна вест).
-Шпекулациите можат да бидат и погрешни информации и лажни информации, зависно од тоа дали има (јасна) намера за манипулација или не.
-Сатиричните вести (измислени интервјуа и сл.) се лажни информации кои признаваат дека се лажни, и во таа смисла се специфичен случај кој за цел има забава или демаскирање како се измислуваат „сериозните“ информации.
-Објавите на Викиликс, Сноуден, електронската пошта на Подеста и слични други случаи се примери на „наштетувачки информации“ кои треба да се толкуваат во својот специфичен контекст, односно кому конкретно му се нанесува штета: дали е тоа чесна компанија, недолжно приватно лице, изборен процес или пак функционер, партија, компании, институции кои ја злоупотребуваат својата позиција или функција.
Какви кретени сте Вие штом објавите на Викиликс (Сноуден) ги смстивте во наштетувачки информации.
Вистината е наштетувачка ама затоа се друго е лажна вест!